Немата проповед

Еден парохјанин престана да оди во црква. А претходно доаѓаше на Литургија секоја недела. Помина долго време и најпосле свештеникот реши да го посети. Дојде до неговиот дом, вратата беше отворена и свештеникот влезе.

Поранешниот парохјанин си седеше сам пред огнот. Кога го здогледа свештеникот, без збор му кимна со главата за поздрав и со рака му покажа каде да седне. Свештеникот седна веднаш до него и внимателно се загледа во разиграниот пламен во каминот. Молчеа обајцата. По неколку минути свештеникот наеднаш стана, со клештата од каминот дофати еден разгорен јаглен и го стави настрана, подалеку од огнот. Потоа повторно седна. Молчењето продолжи.

Во меѓувреме издвоениот разгорен јаглен престана да пламти, постепено губеше сила и наскоро стана студен и црн. Тогаш свештеникот повторно се подигна го зеде изгасениот јаглен со клештите и го врати во разгорениот пламен. Набрзо јагленот повторно се разгоре и продолжи да гори заедно со другите.

Оставајќи ја клештата, свештеникот без збор тргна кон вратата и наеднаш на прагот ги слушна овие зборови:

„Ти благодарам за посетата и проповедта. Во недела сигурно ќе дојдам на Литургија“.