Ликот на Божјата Мајка

Богородице Дево, радувај се благодатна Марие, Господ е со тебе! Благословена си Ти меѓу жените и благословен е плодот на Твојата утроба, зашто Ти си Го родила Спасителот на нашите души.

Уверен сум дека не само оние што веруваат, туку и оние што не веруваат во Бога знаат колку е значајно и сосема посебно местото што во христијанската вера и во животот на Црквата го зазема почитувањето на Дева Марија, Мајката на Исуса Христа. Од најраните времиња црковното предание Дева Марија ја нарекува: Мајка Божја, Богородица, Пречиста, Сесвета… А една од најраспространетите и во црковните служби најмногу повторувана молитва е молитвата што Дева Марија ја велича како почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите, односно со тоа укажува дека на Дева Марија ѝ припаѓа поголема чест од херувимите и дека таа е надарена со неспоредливо поголема слава од серафимите, а херувимите и серафимите се, како што знаеме од Светото Писмо, највозвишени Божји ангели. Во Црквата нема служба, а речиси, нема ни молитва во која не се споменува Нејзиното име.

Како да не го споменеме она со што, како со ништо друго, е проткаена севкупната христијанска уметност, како западната така и источната, а тоа е: претставата на Мајката Божја со Богомладенецот на рацете? Таа претстава ја гледаме секогаш кога влегуваме во храмот, и тоа на почесно место, пред царските двери на иконостасот. Обично, пред иконата на Мајката Божја горат мноштво свеќи, а ако го подигнеме нашиот поглед повисоко над олтарот, ќе видиме, исто така, фреска на Божјата Мајка, која, наоѓајќи се во самиот центар на апсидата, го симболизира центарот на целиот свет. Над Нејзината глава стои натпис: За Тебе се радува, Благодатна, секое создание (Поширока од небесата).

Поширока од небеста – Фреска во олтарот на црката Св. Георгиј Победоносец во Рајчица

 

Само во Русија имало повеќе од 300 таканаречени чудотворни икони на Божјата Мајка, односно икони што биле посебно почитувани од верниците. Пред тие икони верниците, во непресушни бранови, ги упатувале своите молитви и благодарења на Богородица, обраќајќи и се за помош и принесувајќи и ја својата радост и една сосема посебна љубов. Меѓутоа, во нашите дни мнозина, дури и некои од оние за кои се вели дека се „заинтересирани за религијата“, т.е. оние што се враќаат од безбожништво кон верата, ја доведуваат во прашање смислата на понатамошното почитување на Мајката на Господа Исуса Христа, бидејќи тоа почитување за нив повеќе не е нешто само по себе очигледно, туку предизвикува и сомнеж.

Бог, Христос – тоа е сосема разбирливо. Но не ѝ е, сепак, во христијанската вера дадено отповеќе место на Дева Марија? Во народната побожност ликот на Божјата Мајка, на некој начин, како да го засенил дури и ликот на Нејзиниот Син? Зар не е, сепак, малку претерано сето тоа почитување и сета таа љубов кон Божјата Мајка? За неверниците, за безбожниците и за оние што се ангажирани на тоа поле активно да го дискредитираат Православието и не зборувам. За нив почитувањето на Божјата Мајка или, како што тие велат, „култот на мајката“, „култ на девицата“, не е ништо друго туку потполно суеверие, надживеана работа, остаток на старите религиозности и нејзиното почитување на култот мајка – земја и плодноста на природата. Затоа, навистина, е неопходно веднаш да се обидеме да ја објасниме вистинската смисла, вистинската содржина и вистинскиот карактер на тоа, од древните времиња започнато, црковно почитување на Таа која, како што се вели во Евангелието, самата за себе рекла: отсега блажена ќе Ме нарекуваат сите народи.

Реков да се „обидеме“ затоа што ни малку не е лесно да се даде едно такво објаснување. Во една од црковните песни посветена на Света Дева Марија се вели следното: Да не се допре нечиста рака до живото живеалиште на Бога. И, навистина, што повозвишено, почисто, поубаво и посвето е тоа за кое што сакаме да зборуваме, тоа уште потешко ни е. Сметаме дека е невозможно докрај да го објасниме со зборови сето она што црковната свест, низ вековите на христијанската историја, го препознала, согледала, возљубила и, со толкава радост и љубов, го прославувала и го прославува во тој единствен лик на Божјата Мајка.

 

ЛИКОТ НА ЖЕНАТА – СПАСЕНИЕ НА СВЕТОТ

Во светот е страшно и пусто. Во светот царува самотијата. Во светот е бескрајно тешко да се живее. Еве зошто толку многу луѓе се обидуваат да се избават од тој лажен и безрадосен живот. Едни се обидуваат преку алкохолизмот, други преку залажување на себеси и останатите со трошка надеж на животна среќа, трети преку јалови и празни мечти. Но, сето тоа, порано или подоцна, се покажува како ќорсокак, чиј безизлез секое отрезнување и грубото враќање во тешките окови на реалноста го прави уште пострашно. И не е ни малку случајно што секоја област во животот, која и да ја погледнеме, станала за човекот „проблем“ на општеството. Проблем на општеството. Проблем на работа. Проблем на половите. Проблем на жената. Проблем на среќата… Сето тоа станало проблем затоа што сите тие „конечни“ одговори и правила, што „еднаш за секогаш“ ги дала безбожничката пропаганда, одамна веќе престанале да бидат одговори, бидејќи реалноста ги разобличила и ги дискредитирала во сета нивна лажливост и празнина. Од друга страна, сè станало проблем затоа што во јавноста нема други одговори и луѓето не знаат каде да ги бараат. Така, во човечкиот живот се зацарува празнина и цинизам. Токму таа празнина и тој цинизам се она што луѓето безуспешно се обидуваат да го потиснат во себе, она од што сакаат да побегнат како знаат и умеат.

Многумина во нашите денови почнуваат навистина, не сосема јасно, да сфаќаат дека вистинските одговори се невозможни, ако човекот повторно не се пробие до она возвишеното и вечното, ако не се врати кон верата во Бога. Но и во Бога не е можно да се верува на разни начини. И верата, исто така, може да биде некој вид повлекување и бегство од реалноста, некој вид на психолошко самоопивање, т.е. псевдовера или лажна вера. Но, дури и во име на верата, па дури и во име на Бога, можно е да се мрази и да се прави зло, да се урива, а не да се гради. Зар и самиот Христос не зборувал дека „мнозина ќе дојдат во Негово име и ќе излажат многумина?“ Зар Самиот Христос не велел дека секој што вика „Господи, Господи“ нема да влезе во Царството Божјо? Затоа Црквата, уште од самиот почеток, никогаш не поставувала прашање „дали веруваш?“, зашто знаела дека и оние што Го осудиле и Го распнале Христа, исто така, во нешто и на некој начин верувале. Црквата секогаш го поставувала прашањето: како и во што веруваш?

И токму тука, при нашиот обид да дадеме одговор на тоа, за вистинската вера, навистина основно прашање, пред нашите внатрешни очи се појавува, речиси несвесно и без наша волја, ликот на Дева – Мајката. Секако дека тоа во никој случај не значи дека нејзиниот лик, на било кој начин, го засенува ликот на Христа, ниту нејзиниот лик, за христијанската вера, претставува некој вид друг објект на вера што нема никаква врска со ликот на Христа. Никако, зашто ликот на Дева Мајката доаѓа од Христа и само од Него, и тоа како своевиден дар и откровение на сè она за што зборува Неговото учење и на што Он нè повикува. Затоа, да си го поставиме следново прашање: во што е силата и помошта на ликот на Дева – Мајката?

Мојот прв одговор, најверојатно, ќе зачуди многумина. Еве го тој одговор: Тоа е ликот на жената. Првиот Христов дар и првото и најдлабоко откривање на Неговото учење и призивот на луѓето им се дарувани во ликот на жените.

Зошто тој лик е толку важен, толку утешен и толку спасоносен? Затоа што нашиот свет станал до крај и безнадежно машки свет. Во нашиот машки свет царува гордоста, агресивноста, во него сè се сведува на власт и владеење, на производство на оружје, соперништо и насилство. Тоа е свет во кој повеќе никој не сака на никого во ништо да попушти, да се смири, да замолчи и да се вдлабочи во тивката длабочина на животот. А токму на сето тоа стои како спротивност и сето тоа го разобличува со самото свое присуство ликот на Дева Марија, Пречистата Мајка. Лик на бескрајното спасение, но и лик на силата и убавината на смирението. Лик на чистотата и нејзините сили и убавини. Лик на Љубовта и победата на таа Љубов.

На Дева Марија, Пречистата Мајка Божја ништо не и е потребно а добива сè. За ништо не се граба, а сè има. Во ликот на Дева Марија го пронаоѓаме сето она што, речиси, го нема во нашиот машки, горд и агресивен свет: сострадание, сожалување, грижа и доверба.

Дева Марија за себе вели: „Еве ја слугинката Господова“, а ние ја нарекуваме Царица на небото и на земјата, Владичица и Госпоѓа. Дева Марија на ништо нè не учи и ништо не докажува, но самото нејзино присуство, самата светлост, самата радост на нејзиното присуство ги решава и ги укинува сите наши измислени и вештачки создадени проблеми. И ние во нејзиното присуство се чувствуваме како повторно да сме се вратиле во својот дом после долгото, мачното и тегобно талкање, и дека сè одново станало јасно и преполно со среќа што не може да се искаже со никакви зборови. И чувствуваме дека тоа е единствената вистинска среќа.

Христос зборувал: Барајте го најнапред Царството Божјо. И ние токму преку таа Жена – Дева, Мајката и Застапничката, чувствуваме и сфаќаме не со умот, туку со срцето што значи да се бара и да се наоѓа Царството Божјо, што значи да се живее во Царството Божјо.


Извадок од книгата: Протојереј Александар Шмеман, Проповеди за Богородица и Богородичните празници, Охрид 2008, 5-7, 45-48.