Образование и воспитание

Наша вина е што децата ни страдаат, што се убиваат, што се разведуваат. Сето ова произлегува од тоа што духовниот плевел расте во душата на нашите деца, а децата дури и не се ни свесни дека тој плевел треба да се корне, додека сѐ уште не се раширил како непроодна грмушка. И тоа се одразува не само на нив, туку и на нашата сопствена иднина. Секако, деструктивното однесување произлегува од отсуството на традиционалните вредности во воспитанието. А се разбира, него го детерминира и атеистичкиот поглед за животот после смртта, односно отсуството на таквата претстава. На пример: „Што има да се плашиме и да живееме по правилата?“ „Еднаш се живее!“ „Сè треба да се проба!“ „Прави што сакаш!“ „Може дури и да се убие – нема пречки, не се дава одговор, после смртта веќе ништо нема.“

Присутно е и наметнување на потрошувачка или хедонистичка философија, наместо традиционалните форми. Но, нам ни е јасно од каде доаѓа потрошувачката философија. Профитабилно е од луѓето да се создаваат потрошувачи, за тие да купуваат, купуваат, купуваат… Потрошувачите се гориво за економијата. Но, за самиот човек тоа е неполезно! И не треба да правиме потрошувачи од нашите деца. Овде кај нас, со производителите на услуги и продукти владеат интересите. Потрошувачката брзо ги зафаќа децата, доколку во нив нема религиозно сфаќање за животот и опит во христијанскиот живот. А, нема да го има ако ние не ги научиме на тоа. Затоа, пак, и ние треба така да живееме, покажувајќи им позитивен пример, а не таков каков што тие можат да видат на интернет. Тоа е тешко, сложено, но тоа е причината поради која стануваме поинакви родители, и учители, и службеници.

Ние можеме и да не си дозволиме доволно количество на материјално богатство, но должни сме на детето да му дадеме нешто значително подобро – традиционалната хиерархија на значењата. Ние треба од своја гледна точка да му ја објасниме традиционалната култура, како и тоа зошто човекот живее, зошто е потребен семејниот живот, зошто е неопходно да се менуваме себеси. Сè до сега, за жал, децата не добиваат одговор на тие прашања. Ние многу малку им објаснуваме на децата. Секако, би сакале нашите деца да го знаат значењето: и на животот, и на создавањето на семејството, и на воспитанието; да го сфатат значењето на страдањето и правилно да го определат својот однос кон трудот, кон Татковината. И треба да им ја дадеме таа религиозна суштина, тој наталожен опит на сите претходни поколенија, кои исто така минувале низ разни кризи, поминувале низ криза на семејството, преживувале загуба на блиските – и оделе напред; живееле и кога не им се живеело, кога имало војни, кога имало глад… Тие знаеле како во сето тоа да се постават за да го надминат! И го надминувале. Ние самите, нашето постоење е сведоштво за тоа дека тие го надминале.