2378

Младите и Црквата

Во врска со одењето во Црква, забележливо е дека младите луѓе одат таму каде што навистина гледаат надеж. Бев во едно училиште. Отслуживме водосвет. За тоа  време децата не беа мирни, наставниците ги искараа и тие почнаа да внимаваат. Кога заврши водосветот, директорот им се обрати:

-Денес меѓу нас е митрополитот. Да го замолиме да дојде некогаш да ни одржи предавање по физика, биологија – (овде директорот мислел на стручното познавање на Митрополитот Николај Месогејски во областа на Астрофизиката, Хемодинамиката и Биомедицинските технологии). А јас им одговорив:

-Деца, многу ви благодарам што ме примивте, и со голема радост би дошол да одржам предавање. Но, мислам дека тоа што имам да ви го пренесам, не е лекција по физика. Тоа и други можат да го направат. Јас ви предлагам да дојдам во некоја прилика и да ви отслужам Света Литургија, односно да ви Го симнам Бога на земјата!

Тие започнаа громогласно да ракоплескаат. Помислив дека не сфатија за што им зборувам. Сигурно не поверуваа дека можам да го направам тоа. Но, им се виде нешто исклучително прекрасно, нешто по кое копнеат и го бараат.

Ќе ви раскажам уште еден пример: Пред две години, во нашата Митрополија дојдоа ученици од едно училиште со сопствена радиостаница, и ме поканија за интервју. Тие канат разни луѓе. Отидов. Започнаа да ме прашуваат за физиката, за други нешта. Во еден миг едно дете ми се обрати:

-Извинете господине!

Друго девојче веднаш го поправи:

-Не е „господин“!

-А, што е?

-„Отче“!

Се вклучи уште еден.

-И отче не е, туку „ваше Високопреосвештенство“!

Првото дете продолжи:

-Простете ми, но јас не одам во црква! Грев ли е тоа?

Го прашав:

-Како се викаш?

-Георгиј

-Да те прашам нешто. Да беше ти Бог и да гледаше дека во недела Георгиј спие, ќе се налутеше ли?

-Не знам, зашто во краен случај, Кој е Бог?

Друго дете скокна и рече:

-Да бев „богот“ во којшто нѐ учеа да веруваме, ќе се налутев.

Едно друго девојче се вклучи:

-Таков „Бог“ нема.

Им реков:

-Да ви кажам и јас нешто деца. Што навистина да правите во една таква црква? Одите рано, наместо да спиете во недела, одите на места каде што мажите стојат од едната, а жените од другата страна, стојат исправени, зборуваат на јазик од кој ништо не разбирате, музиката е сосема различна од онаа на која сте навикнале, излегува некој брадосан човек, држи нешто од кое излегува чад. Е какви се тие работи, што да правите во црквата?

Децата занемеа. Едно девојче збунето ме праша:

-Простете! А вие одите ли во црква?

Јас одговорив:

-Во таква црква и јас не стапнувам! Никаде не одам само заради тие работи. Ниту кога бев како вас, ниту сега, на моја возраст. Зашто една таква црква ништо не ми кажува!

Настапи пауза. Еден ученик праша:

-А во која црква одите?

-Сега ќе ви раскажам за една црква и стојам од утро до вечер, со бдеење по 8-9 часа. И кога се заминуваш, сакаш тоа некако да продолжи. На Света Гора…

-Кажете ни за тоа!

Така продолжи нашиот разговор за она што Црквата го носи и дава.

-Вам не ви се допаѓа ритуалноста во црквата, одеждите?

-Не, не реков такво нешто. Носам одежди, не служам само со расо.

-Но, сакате работите да се поедноставни?

-Се обидувам. И сега ви зборувам на едноставен јазик, со луѓето треба да се зборува едноставно, мислам дека целата убавина е во едноставноста. Ова време веќе не трпи сложеност, тешки говори, но тоа не е пречката. Нека ги има тие работи, но да има и автентичност. Вистинскиот проблем е во недостатокот на автентично слово. Ќе ви кажам, директно, нашите таинства се претвориле во ритуали…