Параболата за блудниот син: евангелие во Евангелие

Митрополит Дебарско-кичевски и Плаошки, г. Тимотеј

Во името на Отецот и Синот  и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри!

Од денешното Евангелско четиво научивме колку Бог им се радува на грешниците кои се каат. Исто така, ќе видиме колку ги сака праведниците и колку ги милува грешниците, кон кои ја пројавува Својата милост и им помага да се откажат од своите гревови со покајание. Бидејќи се вели во Светото писмо, Бог не ја сака смртта на грешниците (Ез. 18, 32). Туку сака сите да се покајат и да примат спасение (Ез. 33, 11). Господ исто така вели, свртете се кон Мене и Јас ќе погледнам на вас. На праведниците им советува да не ги намалуваат усилбите во добродетелта, велејќи ако еден грев направат, ќе ги изгубат сите добри дела и ќе умрат во грев (Ез. 18, 24). Затоа Бог поставил на праведниците усрдно да се трудат, а на грешниците искрено покајание за прошка на нивните гревови. Тоа јасно ќе го разбереме од денешното Евангелие за блудниот син. Навистина оваа парабола, името не и го има дадено авторот Господ Исус Христос, туку луѓето кои ја слушале, читале, толкувале и прераскажувале. Неа најдобро ја забележал св. ап. Ев. Лука: 15, 11-32.


Еден родител имал два сина, едниот послушен на имотот, а другиот непослушен, кој го зел својот дел и го упропастил блудно во далечна земја. Кој од нас не би се нашол во овие два лика, што се искажани во денешното Евангелие, било во помладиот или постариот син? Младиот неспорно е расипник, блудник, кој далеку од родителскиот дом е во туѓа земја. Расиплнички и блудно управувал со се што имал добиено од својот татко. Кога останал без ништо, го изгубил и ликот човечки па се хранел од животинска храна и пак останувал гладен. Но, кога си дошол на себе, се покајал за сè што сторил и се вратил кај својот татко и му било простено сè. Бидејќи таткото е многу милостив, а љубовта му е неограничена. Го прима со радост, го облекува во нова облека, му става прстен на раката и му го враќа човечкото достоинство, правејќи голема веселба во домот, бидејќи синот бил изгубен и се нашол, мртовец бил и оживеал.

Постариот син е секогаш во прегратките на таткото. Ја чува својата татковштина, голем работник, но истовремено и тврдокорно завидлив и горд. Не може да опрости на никого, ни на покајаниот свој брат.

На оваа вистинска парабола на Спасителот, би можеле да речеме дека е земена од реалниот живот и таа има еден друга подлабока смисла. Затоа се нарекува прав бисер помеѓу параболите на Спасителот, а некои дури и ја нарекуваат евангелие во Евангелие.

Според ова второто, подлабока и сеопшта смисла има оваа парабола. Човекот кој имал два сина, го симболизира самиот Бог, Жив и Вечен, додека синовите, грешното човештво. Постариот син го симболизира Израелскиот народ, кој во море на многубоштво, останал верен на Бога и ја сочувал верата преку патријарсите, пророците на законот Негов. Помладиот син го претставува пак, многубожечкиот свет, кој заминал од татковскиот двор и залудно го потрошил својот дел од имотот на таткото, живеејќи распуштено без вера во Единиот Бог и без никакви морални скрупули, уништувајќи го своето човечко достоинство. Доаѓањето на себе, го симболизира доаѓањето на нашиот Спасител Господ Исус Христос во историјата на човечкиот род. Кога човештвото греши и многубожечкиот народ како младиот син. Израелскиот, пак народ, е како стариот син, младиот со покајание и прошка доаѓа на себе и во домот на татко си, додека постариот е постојано со родителот и во својата земја.

Овде татковскиот дом ја означува светата Црква, која ја основа со Својата света Крв, Господ Исус Христос. Спасителот наш раководи со таа Црква како во некој брод, кој плови по разбрането море и се спасуваат сите бродоломци. Денеска целото човештво личи на разбранувано море, по кое пловат различни бродоломци. Блазе им на тие, кои на време ќе го согледаат бродот на своето спасение. Бродот за нив е отворен за сите покајани души, кои после странствување по разни земји и страни, си доаѓаат при себе, се покајале и влегле во радоста на својот Отец Небесен.

Нашата молитва денеска да ја упатиме кон нашиот Спасител Господ Исус Христос, со Неговата небесна благодат која се чува единствено во Неговата света Црква, да не просветли и осветли и да не направи да дојдеме сите на себе, па така како Негови деца, да се облечеме во најубави алишта и со прстен на рака и нови обувки да биде учесници во вечната веселба и вечната радост во Неговото вечно небесно Царство.


Ја користам оваа прилика на епископот Партениј, игуменот на оваа свештена обител, да му го честитаме именденот на Св. Партениј Лампсакиски. Да му посакаме здравје и спасение, духовно восовршувањe, а за полза на братството и сестринството и на благочестивиот наш народ. Да продолжи и понатаму да служи за афирмација на МПЦ-ОА, за просперитет на оваа Свештена Обител и за спасение на неговата и на многубrојни други души. Нека продолжи, како и досега, да го води нашиот македонски народ и сите што се црквуваат во нашата света Црква по патот на евангелското издигнување и Господ да му дава уште многу години живот и духовни и телесни сили, за уште поголеми дела во слава Божја! Ис пола ети, деспота! Амин!