„…Секој од вас нека си набави бројаница од 33 топчиња и нека почне да се моли, говорејќи: „Господи Исусе Христе, Сине и Логосу на живиот Бог, по молитвите на Богородица и на сите Твои светии, помилуј ме, грешниот и непотребниот слуга твој“.
Пред триесет и четири години, во 1959 година, на денот на Успението на Пресветата Богородица, се претстави мојот сакан духовник, отец Јосиф. Мене недостојниот, често ми зборуваше: „Сине мој, ако Бог ти довери некои души, научи ги само на едно: молитвата. Таа ќе ги научи на сé друго и ќе им ги освети нивните животи.“
Молитвата што ја имаше на ум мојот свет старец, е постојаната умна молитва – Исусовата молитва, на која тој му го посвети сиот свој живот, од мигот кога со неа се сретна. Толку беше занесен од неа, што можеше да живее без храна, но не без молитва. Поради неа поднесуваше многу искушенија и неволји, и од видливите и од невидливите непријатели. Во книгата „Разговори на еден поклоник со својот духовен отец”, св. Јован Карпатски тоа вака го објаснува: „Оние кои совршено се посветуваат на молитвата, често поднесуваат страшни искушенија“. На друго место, овој свет човек зборувал, дека духовникот треба често да се смирува и да ги носи маките и искушенијата, за кога неговото духовно чедо ќе го гледа тоа, да се научи на трпение и да стекнува искуство.
Тие искуства, предадени нам како учење, му донесоа изобилство на духовни плодови на мојот старец. Сите побожни души, кои безусловно и безмерно се предаваат на Божјата благодат, стануваат причесници на оваа благопријатна состојба.
Во книгата: „Животот на нашиот отец Јосиф исихаст“, еден пасус го пројавува зрачењето од неговото искуство, стекнато со Исусовата молитва, како и одвоеноста од земните грижи и предаденост на спокоен живот во тихување: „Дојде моментот, кога човекот во молитвата, собран со својата сила, Го изговара само преслаткото Име на нашиот Господ Исус Христос, и умот негов станува просветлен, или подобро кажано, опфатен со заслепувачката нематерјална светлина, бела како снег, а целото негово битие прекрасно мириса. Тој излегува надвор од себеси и стои во друг свет, сосема преобразен. Тогаш ниту се моли, ни мисли – само со воодушевување ги набљудува возвишените дела Божји“. Свети Макариј Велики еднаш рекол: „Постојат очи, зад овие очи и постои слух, зад овој слух“.
Мојот смирен старец исихаст, имаше две чувствителни особини: тихување и солзи. Во морето на тишината, можеше да го наслушнува шепотот на благодатта. Смртта го затекна со лице оросено со солзи…солзи, чија сладост ние сеуште не сме ја искусиле.
Тој светлосен живот, ние, неговите духовни деца, се заветивме да го следиме, секој според својата моќ и во согласност со внатрешното настроение на своето битие.
Скромното братство, кое се собра околу мојата недостојност, и кое со Божјата благодат секој ден се умножува, сега се зацврсти на ова мирно место, во свештениот манастир на Свети Филотеј (Света Гора).
Срце чисто создај во мене, Господи.
Спроти нашиот манастир се наоѓа скитот Магула. Токму тука, во првата половина од XIV век, св. Григориј Синаит ја донел од Синај на Света Гора, Исусовата молитва. Тоа нас уште повеќе нé поттикнува да продолжиме по патот на тихуванието, во рамките на монаштвото – како што тоа нам ни го предаде нашиот духовник, и целосно да се посветиме на целта: да направиме монах од својот внатрешен човек. Бидејќи, бремето не е во тоа идниот монах да го промени својот световен изглед со ставање на монашко расо врз себе, туку во тоа, промената да го оплоди неговото срце. Вие сигурно знаете, што му рекол св. Василиј на еден соплеменик, кој се замонашил но, не станал монах и во срцето: „Сенаторот го изгубивме, а монах не добивме!“ На едно друго место Св. Ефрем Сирин забележува: „Подвижништвото, дете мое, не е игра; тоа бара упорност и големо самосовладување, за да се добие спасението на душата“.
Кога ќе дојдете на Света Гора, меѓу тамошните икони, ќе најдете и претстава на еден распнат монах. Монахот, а тоа е секој монах, е распнат на крстот, и е опкружен со демони, кои ги претставуваат смртните гревови и дрско ги насочуваат своите стрели кон него. Измачуван вака, монахот ги изговара зборовите на пророк Давид: „Срце чисто создај во мене, Господи!“ Ангел Господов прелетува околу него, спремен да го поддржи, ако падне во малодушност. Тоа е животот на монахот, кој се заветувал дека ќе го носи Крстот Господов преку целиот свој живот. Оние кои имаат поинаква претстава за монаштвото, не можат да му припаѓаат на монашкото братство.
Отец Атанасиј од Иверскиот манастир, кој се претстави пред некое време, имаше навика да каже: „Монашкиот живот треба да биде таков, што монахот треба постепено да станува земен ангел и небесен човек“. Да наведеме уште еден свет човек, Св. Нил Мудриот, ученик на Св. Јован Златоуст: „Монахот е олтар Господов, олтар во кој, и од кој, чисти молитви Му се вознесуваат на Господа во висините; олтар духовно втемелен“. Прашањето е: на кој начин грешното човечко срце може да се очисти, за да стане „олтар духовно втемелен“. Светите Отци велат дека најсигурен и исправен пат за очистување на срцето, просветлување на умот и осветување на душата лежи во постојаното практикување на Исусовата молитва.
Отците подвижници, потеклото на оваа молитва го врзуваат за светите Апостоли. Уште од нивно време, непрестајната умна молитва станува како некое тајно дишење на телото на Црквата низ вековите. Црквата е Тело Христово и таа дише со Името Христово. Христовото Име поседува моќ, благодат и енергија од Пресвета Троица. Со блаженото Име на Господ и Бог и Спасителот наш Исус Христос, генерации и генерации пребивале во созерцание.
Молете се постојано.
Исусовата молитва допре до Света Гора во средината на XIV век. Од скитот Магула, кој го споменавме, таа бргу се рашири, не само по издвоените манастирски келии, погодни за мирниот живот на исихастите, туку и по големите манастири на Атос и по братствата надвор од Света Гора, вклучувајќи ги и верниците. Тогаш мистичниот пламен на оваа молитва се разгоре и ги просветли умовите, ги загреа срцата, ја разбистри совеста и ја очисти душата со созерцанија на царството небесно.
Во книгата „Добротољубие“ Св. Никодим Светогорец дава исечок од животот на Св. Григориј Палама, со кој овој порачува сите христијани да се молат непрекинато. Еве го тој дел: „Никој нека не мисли, браќа христијани, дека само свештениците и монасите се должни непрестајно да се молат, а дека верниците не се. Не. Потребно е сите христијани, да се молат постојано, како што св. Павле порачува во своето послание: Молете се постојано. И ние, исто така, треба да го послушаме неговиот совет, и не само што треба да се молиме постојано, туку треба на молитва да ги поттикнуваме и другите – без разлика дали се тоа монаси, верници во светот, научници, жени или деца“. Ете, гледате, браќа мои, дека сите христијани, од најмлади до најстари, се должни постојано да ја изговараат умната молитва: „Господе Исусе Христе, помилуј ме“. Но, верниците ќе речат: „Ние сме оптоварени со мноштво грижи и проблеми, како може од нас да се очекува постојано да се молиме?“ Мојот одговор е следново: „Бог нам не ни кажа да го правиме невозможното; Он само бара да го правиме она што е во наша моќ“. Затоа, ова може да го постигне секој, кој бара спасение на својата душа. Бидејќи, кога тоа би било невозможно – би било невозможно за сите кои живеат во светот и не би имало толку многу од оние, на кои тоа им поаѓа од рака. Колку брзо се раширила оваа молитва во тоа време, може да се види и по реакцијата на западното монаштво и учените луѓе и нивните отворени обиди погрешно да се протолкува оваа молитва, со нејзините длабоки влијанија. Затоа монасите од Света Гора го одбрале Св. Григориј Палама, да ја одбрани Исусовата молитва, исихазмот и целосноста на сите таинствени и догматски погледи на православниот Исток, на кого западнатото мислење го подигна своето оружје. Во тоа време, овој свет отец, говорел како оној „кој има власт“ и оставил таков впечаток на Западот, што станало очигледно дека духовноста на западното Христијанство догматски заболела.
Св. Григориј ја согледал разликата помеѓу суштината и енергиите и потврдил дека, Бог, Кој е „несогледлив и неразбирлив во Својата суштина, преку Своите енергии станува достапен на човекот“. Причестувајќи се со божествените енергии или Божјата благодат, човекот од благодатта го прима она што Бог го содржи во суштината.
Самиот факт, што Црквата решила да го прославува св. Григориј, подоцнежен архиепископ Солунски, во втората недела од Великиот Пост, веднаш после неделата на Православието, покажува колку голема благодарност има таа спрема него, и колку силно го прегрнала на своите православни гради, чистото семе на Исусовата молитва и на исихастичкиот живот воопшто.