Велигденско послание од Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан

Велигденско послание од Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан

† СТЕФАН
ПО МИЛОСТА БОЖЈА,
АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,
ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД,
ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, МОНАШТВОТО
И ДО СИТЕ ЧЕДА НА
МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА,
А ПО ПОВОД ВЕЛИГДЕНСКИТЕ ПРАЗНУВАЊА,
ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА,
ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО ВЕЛИЧЕСТВЕНИОТ И
ТОРЖЕСТВЕН ПОЗДРАВ –
ХРИСТОС ВОСКРЕСE!

Твоето воскресение, Христе Спасителу, ангелите го воспеваат на небесата, а нас на земјата удостој нè со чисто срце да Те славиме.

Возљубени чеда во Господа,
Ниедна друга победа и ниеден друг настан во историјата на светот и човекот, не предизвикале такво сеопшто радување, толкаво небоземно прославување, како овој, кога Маченикот од Голгота ја донесе вечната слобода и живот.
На овој ден воскресна Оној, Кого среброљубивиот ученик Го предаде на смрт, воскресна Оној, за Кого злобните Јудеи измолија од Пилата да биде осуден на крст, воскресна Оној, Кој на Голгота беше распнат меѓу двајца разбојници, воскресна Оној, чиј гроб беше запечатен и чуван со стража, воскресна од мртвите во третиот ден, како што беше проречено, Оној што владее со сите и со сè. Затоа денес се весели небото и се радува земјата, зашто „овој е денот што го создаде Господ, за да се зарадуваме и да се возвеселиме во него“ (Пс. 117, 24) – како што благодатно објави старозаветниот псалмопејач, имајќи го пред себе највеличествениот ден што ќе ја одбележи најголемата победа во историјата на човештвото – денот на Христовото воскресение.
Затоа, нема поголема радост и нема поголемо веселие од она што произлегува од триумфот на доброто над злото, од торжеството на љубовта над омразата, од надмоќта на надежта над очајанието, од преуспевањето на вистината над лагата, од победата на животот над смртта. „Христос воскресна од мртвите… и смртта нема веќе власт над Него“ (Рим. 6, 9), а со тоа и нас нè направи учесници во вечната победа над смртта. Токму на тоа, врз таа серодосна пасхална благовест за Христовото воскресение, се темелат и нашата христијанска вера, надеж и љубов.
Возљубени наши духовни чеда,
Велигден е ден за радост и торжество, за прослава на победата на животот – на Христовото воскресение, кое е основа и белег на новозаветната вистина. Тоа е воедно и исполнување на сите пророштва за спасение на човекот и светот. Воскреснатиот Христос го воскресна и серодниот Адам, го откри и обнови патот кон воскресение на секое тело, зашто како што во Адама сите умреа, така во Христа сите и ќе оживеат (сп. I Кор. 15, 22). Впрочем, суштината на целото Откровение од сите времиња и сржта на евангелската спасоносна порака е дека Христос, Синот Божји – новата Пасха, стана човек, пострада и воскресна заради нас. Ако Христос не воскреснеше, тогаш и нашата вера немаше да има основа, ќе беше празна и нашата проповед, ќе беше празна и вашата вера (сп. I Кор. 15, 14). Оттаму, за нас, христијаните, прославувањето на Велигден го одредува и осмислува нашиот идентитет. Христијанството не е изградено врз идеја, философија или систем на вистини – тоа е засновано врз Личност, врз воскреснатиот и секогаш живиот Христос. Он е жив во вечноста, во Евхаристијата, во срцето на верниците, во зборовите на Светото Писмо, во сведоштвото на мачениците од сите времиња.
Возљубени,
„Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој, кој верува во Него, да не загине, туку да има вечен живот“ (Јн 3,16). На таа неисцрпна Божја љубов кон созданието, човекот одговори со немилосрдна омраза; на три дни пред тој голем ден на Христовото воскресение му претходеше најстрашниот, најнеправедниот и најзлобниот ден во историјата, кога човекот се осмели не само да Му суди, туку и да Му пресуди на Бога, дури и на крст да Го распне! Но Бог со Својата премудра промисла и љубов и таквата човекова постапка ја пренасочи за добро и за спасение на човекот, воскреснувајќи Го Христа Господа, со што ни го даде залогот за нашето воскресение и ни ја отвори портата кон вечниот живот.
Возљубени празникољупци,
Да се радуваме и да го воспеваме Христовото Воскресение, затоа што тој е најголем и најзначаен настан во историјата на човечкиот род, ден на нашата вечна победа и спасоносен ден за сите оние кои веруваат во Христа Господа – Победителот на смртта и гревот, ден на сите кои се соединети со Него, кои го примаат Неговото Слово и ги почитуваат Неговите заповеди. Целта на христијанскиот живот е да се соединиме со воскреснатиот Христос, да Го видиме во своето срце. Зашто, „Христос воскреснува во срцето, умртвувајќи ги страстните помисли и надминувајќи ги страстните траги и предрасуди на гревот“, како што вели свети Максим Исповедник. Според тоа, не се работи за надворешно формално празнување, туку за внатрешно и егзистенцијално. Низ таа призма светиот Григориј Богослов советува: да не празнуваме панаѓурски и световно, туку божествено и надсветски. Смислата на празнувањето на воскресението Христово не е во вапцаното јајце, ниту само во вртењето околу храмот и најмалку во празничната трпеза. Учеството во тајната на Воскресението, всушност, е доживување на обожувањето, со што преку личниот подвиг и преку учеството во заедничкото дело на Црквата, се исполнува целта на постоењето, целта заради која Бог го создал човекот. Затоа, секој од нас е повикан да живее според верата и во својот живот да ја разбере пасхалната тајна на страданието и воскресението. Само низ призмата на таа тридневна пасхална тајна можеме да разбереме дека крстот е патот и до нашето воскресение. Доколку го осветиме своето срце ќе можеме да сфатиме какви се неправедноста, злобата и бесчувствителноста, а какви се правдината, вистината, доброто и љубовта.
Возљубени чеда на нашата Мајка – Македонската православна црква,
На денешниов Велик Ден, чувствуваме особена радост поради делото на нашиот Спасител, но воедно, како пастири на нашата Света Црква, чувствуваме и тага поради разните несакани состојби кои во последно време го обременуваат нашиот народ. Омразата, зависта и желбата по секоја цена да му се наштети на другиот, силно се внедриле во нашето битие и во нашето секојдневно живеење. Денес како да не го вреднуваме, почитуваме, а најмалку сакаме и признаваме секој индивидуален или, пак, општествен напредок. Секој како да сака да го истакне и реализира своето, но, за жал, на сметка на другиот, а не ретко и на штета на заедничкото добро. Затоа, поучени од настаните поврзани со овој празник, но и втемелувајќи ја во себе вредноста на живеењето во Црквата, да се покаеме и да се поправиме. Да го измениме на добро сопствениот живот, да Го најдеме и вистински да Го следиме Бога, за да ја почувствуваме добивката и вредноста на Христовото воскресение.
Возљубени чеда во Христа воскреснатиот,
Велигден е црковен, заеднички, сенароден, но и семеен празник, зашто на овој ден повторно треба да се потсетиме на многу вредности, особено на значењето и светоста на бракот и семејството. Живееме во период кога слободата се сфаќа безусловно – дека во модерното време како да е сè позволено, без да се има одговорност и да се познава ред и поредок. Но да не заборавиме на пораките дека „каква полза е за човека, ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости“ (Матеј 16, 26), и дека „сè ми е позволено, но не е сè полезно“ (1. Кор. 6, 12). Затоа, да се грижиме и врз вистинска љубов да ги негуваме во чистота брачните заедници, а воедно да не заборавиме да се радуваме и да Му заблагодаруваме на Бога за најголемиот дар, дарот на животот – децата.
Христијанското семејство е местото каде што се празнува црковно, но и каде што црковно се воспитува. Семејството и парохиската црква, барем засега, остануваат скоро единствените места каде што децата можат да се поучат за својата вера. Тоа, за жал, ќе биде така сè додека не престанат попречувањата и не се овозможи во училиштата избор на предмет преку кој нашите млади генерации ќе научат и за Бога и за вредностите на нашата вера. Ако ѝ дадеме можност на младината да учи од Господа и да се воспитува во Господа, тогаш можеме да очекуваме духовно-морални и примерни поколенија.
Возљубени,
Во светот што се менува, Евангелието не се менува! Добрата вест е секогаш една и иста: Христос умре и воскресна заради нашето спасение! Затоа, да не заборавиме дека Бог не прави ништо на сила и дека ние со вера треба да го прифатиме тоа спасение. Во добро, мир, слога и меѓусебно разбирање, како овде, во Татковината, така и насекаде каде што нè има по светот, да дозволиме да воскресне Христос, та во нашите души да ја возобнови надежта, да ја утврди верата и да ги возобнови и исполни нашите срца со тајната на Бога и Неговата љубов.
На денов кога целиот христијански свет зеднички го одбележува празникот на Христовото воскресение, ве поздравуваме со древниот радосен поздрав, што се пренесува уште од времето на апостолите, па сè до денешни дни: Христос воскресе – навистина воскресе!

АРХИЕПИСКОП
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
+ СТЕФАН

со членовите на Светиот архиерејски синод
на Македонската православна црква

КИРИЛ, Митрополит Полошко-кумановски
ПЕТАР, Митрополит Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски
ТИМОТЕЈ, Митрополит Дебарско-кичевски
НАУМ, Митрополит Струмички
АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски
МЕТОДИЈ, Митрополит Американско-канадски
ПИМЕН, Митрополит Европски
ИЛАРИОН, Митрополит Брегалнички
ГОРАЗД, поранешен Митрополит Европски
КЛИМЕНТ, Епископ Хераклејски

На Воскресение Христово,
2011 Лето Господово.