Браќа и отци! Стигна Светото Благовештение! Со благоговение го почитуваме првиот Господов празник. И во што се состои тајната на Благовештението? Во тоа дека Синот Божји стана Син Човечки, ја избра Пресвета Богородица како посредничка, се всели во неа, создаде од неа храм за Себе и стана совршен Човек, заради избавување на човекот од проклетството на законот (Гал. 3,13) и заради тоа и ние да станеме синови Божји; и да не бидеме повеќе слуги на ѓаволот, туку да станаме слободни; не страсни, но бестрасни; не телољубиви, но Богољубиви; не да одиме по телото, туку по Духот, зашто оние кои живеат по тело копнеат за телесното, а кои живеат по дух – за духовното. Копнежот на телото е смрт, а копнежот на духот – живот и мир. Зашто копнежот на телото е непријателство против Бога, тој не му се подредува на законот Божји затоа што не може (Рим. 8,5-7).
Ете во што е смислата на тајната. Од ова следува дека ние мораме духовно да празнуваме и духовно да живееме во преподобност и вистина, во љубов и кротост, во мир и долготрпение, во благост, во Светиот Дух, за, колку што тоа од нас зависи, овоплотувањето на нашиот Господ Исус Христос, да не биде за нас залудно и бескорисно.
Ние мораме да се молиме и да тагуваме за светот, затоа што Синот Божји дојде да го спаси светот, а светот го отфрли. Не Го примаат племињата и народите; Го отфрлаат варварските народи, Го издаваат оние што го исповедаат Неговото свето име, едни со изопачена вера, а други со порочен живот. Што требало да се направи, а Господ не Го направил? Бидејќи Бог, Тој стана човек, се понизи Себеси и беше послушен до смрт, и тоа смрт на крст (Фил. 2, 8); ни го даде Своето Тело за јадење и Својата Крв за пиење; нѐ удостои да Го нарекуваме Отец и наш брат, глава, учител, женик и coнаследник – сите Негови милости не можат дури ни да се набројат. И покрај тоа, Он е отфрлен и го трпи тоа: Јас не дојдов да му судам на светот, туку светот да го спасам (Јован 12,47).
И што да кажеме на ова, браќа? Тоа дека вистинските ученици, гледајќи ја непослушноста и противењето на пријателите, тагуваат и жалат поради нив, покажувајќи ја со тоа љубовта којашто ја имаат кон Учителот и своите ближни.
И големиот апостол им заповеда на Христијаните да прават прозби, молитви, молби и благодаренија за сите луѓе (1. Тим. 2, 1-2). Тој зборува и друго: Ви зборувам вистина во името на Христос, не лажам – тоа го сведочи мојата совест во Светиот Дух – дека има голема тага и непрестајна болка во моето срце. Зашто повеќе би сакал јас да бидам проклет и одвоен од Христос за браќата свои, моите сродници по тело (Рим. 9,1-3). Ја гледате ли силата на љубовта? Ја гледате ли висината на човекољубието? Истото ова го покажа и Мојсеј, којшто Му зборуваше на Бога: прости им го гревот нивни, ако ли, пак, не, тогаш избриши ме и мене од книгата Твоја, во која си ме запишал (2. Мој. 32,32).
Така и ние, како искрени ученици Христови, а не незаконски деца, мораме да тагуваме не само за себе, туку и за нашите браќа во целиот свет, и да страдаме и да се молиме. На тој начин, угодувајќи Му на Господа, ќе наследиме живот вечен во Христа Исуса, нашиот Господ, Кому Му прилега слава и моќ со Отецот и Светиот Дух, сега и секогаш, и во вековите на вековите. Амин.