Совети за покајание

Благиот Бог ни дарува просветување со познание. А ние, пак, го отфрламе од ден во ден. Да ја бевме исполниле волјата Божја, ќе бевме блажени во моментот на наградувањето заедно со сите оние кои ја твореле Неговата волја. Меѓутоа бидејќи не ја исполнувавме, таму нема да имаме никакво оправдување. Ние имено, сите грешиме свесно. Сите ние ги чувствуваме Божјата промисла и даровите со кои нѐ обдарил благиот Бог. Неговата благодат во секое време ги посетува нашите срца. И ако за себе најде спокој, таа постојано ќе пребива во душата. Ако, пак, најде дека нашето срце не е чисто, таа веднаш отстапува. Сепак, штедроста ја поттикнува повторно да слезе и да нѐ посети нас грешните, кои сме променливи по произволение, иако не и по природа. Ние сме секогаш расеани и слаби, полни со завист и лукавства и често еден за друг мислиме лошо. Се занимаваме со лоши помисли и секогаш сме потопени во помисли како во длабока тиња. Доаѓајќи да нѐ посети, благодатта во нашите срца се среќава со смрадот од нечисти помисли и веднаш отстапува. Таа не наоѓа за себе влез, ниту можност да пребива во нас како што ѝ е угодно. Таа единствено со својата светлосна сладост остава впечаток во срцето, за да може човекот да почувствува дека благодатта го посетила и дека во него не нашла место. По насладувањето со тоа озарување од благодатта кај човекот може да се појави желба да ја побара. Всушност, самата благодат и не може потполно да отстапи од нас затоа што нејзиното сопствено милосрдие ја поттикнува сите да ги милува. Ја гледаш ли промислата Божја? Го гледаш ли милосрдието Христово? Гледаш ли како Светиот Бог секогаш нѐ љуби и сака да се спасиме? Блажен е оној човек којшто секогаш се труди да припреми чисто срце за благодатта. Доаѓајќи во него и наоѓајќи го благомирисот и светост на душата, таа ќе пребива во него во век и веков.

Затоа сме должни да ги испитуваме не само помислите туку и одлуката на нашата волја тие помисли да ги смета за пријатни и да им се приклони. Земјоделецот ја сее земјата, но не му се прима сѐ што ќе посади. Така и умот сее произволно, но не се прима и одобрува сѐ. Земјоделецот очекува род од она што земјата го примила, така и Бог бара одговор за она што било примено и одобрено од нашата волја.

Го мразам гревот, но пребивам во страсти; се одрекувам од беззаконија, но и не сакајќи се потчинувам на оваа слабост. Својата природа сум ја потчинил на гревот. Откако ја купи мојата волја, тој за мене стана неопходност. Во мене течат страсти како потоци, бидејќи својот ум го соединив со телото: не можам да ги раздвојам. И брзам да ја изменам својата волја, но претходната состојба ми се противи. Се обидувам да ја ослободам својата душа, но мноштвото на долгови ме притеснуваат.

А сепак, сакам да се ослободам од бедното страсно расположение, само ако Господ ми помогне. Ако направи со мене по големата милост Своја, избавен ќе бидам од гревот и ако ја излее на мене благоста Своја, ќе се спасам. Јас знам дека Он може да го стори тоа и не очајувам за своето спасение. Знам дека мноштвото Негови милости ќе го надмине мноштвото на моите гревови. Знам, дека Он дојде и сѐ помилува, и дека во Светото Крштение прошка на гревовите дарува. Самиот го исповедам тоа бидејќи и самиот се послужив со таа благодат. Но имам потреба да се излечам од гревови што ги направив после крштението. На Воскреснатиот од мртвите не му е невозможно дури и од тоа да ме исцели. Јас сум слеп, но Он го исцели и слепородениот. Јас сум отфрлен како губав, но Он, ако сака, може и мене да ме очисти. Јас изобилувам со гревови, но Неговата благост кон мене нема да биде победена. Он го помилува Закхеја, како достоен, а мене ќе ме помилува како недостоен.

Пристапи грешнику, кон Добриот Лекар и исцели се без напор. Отфрли го од себе гревовното бреме, принеси молитва и со солзи натопи ги загноените рани. Зашто Небесниот Лекар со солзи и воздишки ги лечи раните. Пристапи и принеси солзи: тие се најдобриот лек. На Небесниот Лекар Му е угодно секој да се лечи и спасува со своите сопствени солзи. Тој е лек со брзо, а не споро дејство. Тој не треба постојано да се става на раната, бидејќи веднаш исцелува. Лекарот само чека да ги види твоите солзи. Пристапи без страв. Покажи му ја раната и воедно принеси лек – солзи и воздишки.

Кој нема да се восхити, кој не ќе се зачуди, кој нема да го благослови големото милосрдие на Твојата благост, Спасителу на душите наши, зашто си благоволил да ги примиш солзите како цена за својот лек! О, сило на солзите! До каде се протегаш! Ти со голема смелост непречено на самото небо се искачуваш. О, сило на солзите! Ангелските чинови и сите небесни сили непрестајно се веселат поради твојата смелост. О, сило на солзите! Доколку посакаш можеш со радост да застанеш и пред светиот и висок Престол на пречистиот Владика. О, сило на солзите! Ти за миг се издигаш на небо и она што го бараш го добиваш од Бога. Зашто Он ти доаѓа во пресрет и радосно ти дава прошка.

Но како да Ти се молам, Спасителу мој, кога устата ми е полна со оговарање? Како со песни да Те прославам кога совеста ми е осквернета? Како да Те повикам кога заповедите Твои не ги сочував? Сепак, Ти Самиот Себлаги, не презирај ме мене ништожниот, не отфрлај ме мене гнасниот, не оставај ме безнадежниот. Оти непријателот мој многу би сакал да види како очајувам. Негова единствена радост е да ме види како свој плен поради очајот. Но Ти Сам со Своето милосрдие посрамија неговата надеж, оттргни ме од неговите заби, избави ме од злобните намери и сите замки кои ги поставува против мене! Ги молам сите што ги мачи совест заради непотребните им дела: немојте да очајувате, не причинувајте му радост на својот непријател. Напротив, без срам пристапете кон Бога, заплачете пред Него и испитувајќи се себеси не губете надеж. Зашто нашиот Господ се радува многу на оние кои се каат и го чека нашето обраќање. Он Сам сите ги повикува: „Пристапете кон Мене сите кои сте обременети и јас ќе ве успокојам“ (Матеј 11, 28). Затоа никој нека не очајува за себе колку и да згрешил. Господ е строг само кон оние што Го отфрлаат и не се каат.

Блажен е оној кој посакал разумно да плаче и со скрушеност излева на земјата солзи како скапоцени бисери за Господа. Блажен е оној чија душа станала слична на новонасадено дрво и која секогаш како вода за полевање има солзи по Бога. Блажен е оној кој во својата душа засадува добри стебла, т е. добродетели и она што во себе го засадил го залева молејќи се со солзи, за да Му биде благоугодно и плодоносно на Господа.
Светите и чисти солзи по Бога секогаш ја мијат душата од гревови и чистат од беззаконија. Солзите по Бога во секое време даваат смелост пред Бога и нечистите помисли никогаш не можат да се доближат на душата која секогаш има умиление по Бога. Умилението е ризница што не може да се покраде.