Познатиот атински проповедник Апостолос Макракис дојде еднаш на островот Парос и остана неколку дена во манастирот Лонговарда. На совет од браќата отиде во манастирот Преображение да се исповеда кај Старецот, свети Арсениј. Но, наместо да ги исповеда своите гревови со смирение и скрушено срце, тој започна да зборува опширно за своите подвизи: како ги изобличува во проповедта оние кои грешат, особено архијереите и јереите, претставниците на властите, и со смелост ги изнесува во јавноста нивните престапи. Старецот смирено и благо му рекол:
– Послушај ме, чедо. Треба да знаеш дека при исповедта луѓето ги исповедаат своите гревови, а не своите доблести и подвизи. Тоа што го проповедаш словото Божјо е добро и му е угодно на Бога, но внимавај да проповедаш со смирение, а не со гордост. Тоа што критикуваш и ги изнесуваш во јавноста гревовите на другите, особено на свештените лица, не само што не е од корист, туку е штетно, како за тебе, така и за твоите слушатели. Затоа внимавај на себе и ако сакаш да имаш корист, а и на другите да им бидеш од духовна корист, обрни внимание и на своите гревови, а не само на гревовите на другите. Господ ни заповедал да не судиме, за да не бидеме судени. Исто така и апостол Павле порачува: ,,Кој си ти да му судиш на туѓ слуга?“ Моли се за смиреност, а на молитвеното правило придодај му и по некое коленопреклонување.
Меѓутоа, Макракис не само што не ги прими неговите совети и лесното правило што му го даде, туку уште и со иронија и презир одговори: – Метаниите се за калуѓерите. Мојата работа е многу повисока и повозвишена: да го проповедам словото Божјо и да ги изобличувам оние што грешат. Неговиот одговор длабоко го нажали отец Арсениј поради гордоста и презирот што ги покажа за време на светата Тајна исповед, па му рече: – Требаше, човеку, да се смириш и да послушаш, за да не те смири Бог, Кој им се противи на гордите, а им дава благодат на смирените. Знај дека коленото кое не се приклонува при Бога, ќе биде скршено и сотрено.
Макракис ни на овие зборови од Старецот не им поклони многу внимание. Но, на заминување од манастирот, падна од коњот и си ја повреди ногата, како што прозре отец Арсениј. Сепак, ни тоа не го вразуми и не го поттикна на смирение. Во својата самоувереност тој не сакаше да побара ни лекар, та на крајот целата нога му беше отсечена поради гангрена. А кога заминуваше од манастирот, старецот им рече на оние околу него:
– Да знаете дека овој човек страда од демонска гордост. Ќе падне во заблуда и ќе биде причина на раздори и штети за црквата.
Навистина тоа подоцна и се случи. Макракис дури и беше осуден од Црквата.
Од житието на преподобен Арсениј од Парос
(Житија на светите, месец август)