Родословието на Христос

Секоја година во навечерието на Рождеството Христово ние го препрочитуваме родословието на Христа од Евангелието по Матеј. Секогаш сум се прашувал зошто, зошто треба да ги читаме сите тие имиња, кои немаат речиси никакво значение за нас. Понатака, сепак, започнав да ја сфаќам нивната смисла.

Од една страна, тоа е родот кон кого принадлежи Господ Исус Христос во Своето човештво. Тие луѓе се Негови сродници и тоа би требало да е доволна причина нивните имиња да допрат длабоко до нас. Христос е од нивната крв, Он е од нивното семејство. Секој од нив, мислејќи за Божјата Мајка, би можел да каже: ,,Таа е наше дете“, а за Христос: ,,Он исто така е наше Дете, макар што Он е и нашиот Бог, нашиот Спасител, Оној Кој вечно пребива помеѓу нас“. Покрај тоа, некои од тие имиња навистина отскокнуваат: имиња на Светци, на херои на духот и имиња на грешници.

Од светците помеѓу нив можеме да разбереме што значи да веруваш; не просто да имаш некаква убеденост, светоглед, којшто се совпаѓа, доколку е тоа воопшто возможно, со оној на Бога, туку вистинска вера, потполно доверие во Бог, безгранична верност кон Него, подготвеност да го дадеш животот за Неговата кауза, така како што е откриена таа во Откровението. Помислете, на пример, на Авраам, чијашто вера беше испитана до крајна граница. Колку му е тешко на секого од нас да даде на Бога нешто свое: а од Авраам било побарано да го принесе како жртва сопствениот си син. И тој не ја изгубил довербата во Бог. А Исаак? Тој се предаде себеси без какво и да е противење, потчинувајќи се на волјата на својот татко, а со тоа и на волјата Божја.

Можеме да си спомнеме и за борбата на Јаков со Ангелот во темнината – зар и на нас понекогаш не ни се налага да се бориме за нашата вера, за нашиот интегритет, за нашата верност; се бориме во темнината на ноќта, во мракот на сомнежот, во мрак, кој на моменти не опфаќа од сите страни.

Икона „Коренот Јесеев“

Но ние би можеле не малку да се поучиме и од оние коишто во свештената историја остануваат како грешници. Тие биле слаби и нивната немоќ ги победила, не нашле сили да се спротивстават на поттиците на нивните тела и души, на бурата од страсти, којашто беснее во човечкото срце. И покрај тоа – покрај тоа, тие страсно верувале во Бога. Еден од нив е Давид, кој воскликнува во своите псалми: ,,Од бездната викам кон Тебе…“. Од бездната на очајанието и срамот, на падот и отуѓувањето од Творецот; тој Го повикува Бога од длабочината на своето срце. Не се крие од Него, не бега од Него, напротив, Го бара, за да го излее пред Него во солзи своето очајание. Има и други светли личности, како на пример блудницата Раав.

Дали и ние, во најмрачните мигови од нашиот живот, кога сме прегрнати од мракот, којшто е внатре во нас, дали и ние сме способни да викнеме: ,,Кон тебе викам, Господи! Да, јас сум во мрак, но Ти си мојот Бог, Кој ги создаде светлината и мракот; Ти пребиваш како во светлината, така и во мракот; Ти си во смртта, како и во животот; Ти си во адот, како и во Небесното Царство; каде и да се наоѓам, секогаш можам да извикам кон Тебе“.

Има и уште едно нешто, за кое би сакал да се замислите. За нас тие луѓе се само имиња – за неколкумина од нив знаеме по нешто од Библијата, а другите ни се потполно непознати. Но, сите тие биле целосни човечки личности, мажи и жени како нас, со сите наши слабости и надежи, со нашите колебања и променливи желанија, со нашиот копнеж за љубов, којшто, иако често бива помрачуван, продолжува да свети и да нѐ гори низ целиот ни живот. Тие се потполно реални и кога ги читаме нивните имиња, си велиме: ,,Да, јас не те познавам, но ти си член на семејството на Господ, ти си човечко суштество како мене, преку сите внатрешни и надворешни перипетии во твојот живот ти си Му припаѓал Нему“. И ние би можеле да се обидеме во реалноста на нашиот земен живот, независно дали сме силни или слаби, секогаш да бидеме Божји, да му припаѓаме Нему.

Така што да се замислиме за родословието на Христос, следниот пат, кога ќе го чуеме, да блесне искра во очите и срцата ни; но, тоа би било можно само доколку Христос е реален за нас. Единствено во  Него и преку Него сме во состојба да ги спознаеме сите нив – реални, живи, наши сродници и сродници на Господ. Амин!

Рождество Христово, 1987 година

Извор: pravoslavieto.com