Се молам значи живеам – IV дел

Молете се непрестајно, не престанувајте да се молите

Св. Апостол Павле

Постои и друга молитва. Таа што ја поврзуваме со Св. Григориј Палама и која не е ниту славословие, ниту благодарење ниту прозба, ниту пак е спонтана. Таа е онаа што ја нарекуваат тивка молитва, таинствена молитва, молитва на умот, монолошка молитва. Што значи тоа монолошка? Отците велат дека ангелите не кажуваат многу зборови – тие велат „Алилуја“, т.е. фалете Го Господа – со еден збор. И така нашите отци избрале такви кратки молитви кои постојано но и созрцателно ги повторуваат во своето безмолвие и нè советуваат и нас кои што сме  во светот да го правиме тоа. „Господи Исусе Христе, помилуј ме. Господи Исусе Христе, помилуј ме!“. Пет зборови еден по друг. „Пресвета Богородице, спаси нè! Пресвета Богородице, спаси нè! Светецу Божји, моли Го Бога за нас!“ Или како Св. Григориј Палама: „Господи просветли ја мојата темнина!“ – едно и исто, одново и одново. Малку по малку, капка по капка. Тоа е втората молитва која би можеле да ја упатуваме. Со една бројаница или навечер во мир да седнеме во својата соба, да одвоиме пет минути, петнаесет минути, ако може и малку повеќе… може да ја пропуштиме телевизијата, и без тоа нема ништо да кажат, што и да чуете брзо ќе го заборавите.

Јас правам вака: Седам во својата ќелија, во собата, со кандилото, иконата, со една бројаница и кажувам: „Господи Исусе Христе, помилуј ме! Господи Исусе Христе, помилуј ме!“ Зарем можам во тој миг да мислам што ќе се случи утре во митрополијата? Или, пак, да мислам на свештениците, кој за што ќе се жали – во никој случај! „Господи Исусе Христе, помилуј ме!“ На тој начин Божјата благодат може да влезе во нас и да нè преобрази. Тоа не може да се спореди со ништо! Со ништо! Десет минути, петнаесет минути, само да се оддели нашата душа, да се оддалечи од нашата огревовена состојба. Малку покајание, малку скрушеност, малку копнеж, малку жед, малку предавање во Божјите раце и сме се избавиле и наситиле – нашите проблеми се решени, зошто сме излегле од нив. Ете колку убаво нешто е молитвата!

Оваа молитва има неколку многу интересни белези. Кои се тие? 

Првиот карактеристичен белег е нејзината длабочина. Од дното на душата повикав кон Тебе, Господи, Господи (Псалм 129:1). Повикав од сето свое срце, од сето свое срце, значи таа молитва доаѓа од внатре, од срцето. Таа е нашето најдлабоко битие кое извира на површината за да Го сретне Бога и да Го прими Бога, Го обврзува да влезе во нашата душа и нашиот живот. 

Вториот белег на молитвата е што таа е непрестајна. Св. Апостол Павле вели: „Молете се непрестајно, не престанувајте да се молите“ во секој миг. Св. Григориј Богослов го кажува истото: „Спомнувајте си за Бога почесто отколку што дишете“. Св. Јован Златоуст вели: „Ако вршиш ракоделие, седни на столчето и прослави Го Бога, не ти треба многу.“ Не сакаш ли? Тогаш барем помисли, помоли се во умот и со мислата. Каде и да одиш – било да си во автобус, или пак возиш автомобил и се најдеш во некаков метеж, најди време да се помолиш, остави ја душата да излезе од тој метеж. Велиш: но јас брзам! А ако брзаш зарем ќе стигнеш побрзо?

Исползувај го времето  што би го изгубил во поматеноста за да го вложиш во својата врска со Бога. Колку убаво нешто! Спомнувај си за Бога… Св. Јован Лествичник вели: „Легнувам ноќе да спијам, и телото мое спие, бидејќи не можам да се противам на природната потреба, но срцето ми е будно од силниот копнеж и љубов.“ Истото го вели и Псалмопевецот: А јас пред лицето Твое ќе се покажам во правда, ќе се наситам кога ќе ми се покаже славата Твоја“. (Псалм 16:15) Кога легнував и станував во умот ми доаѓаше Твоето присуство и си велев – ајде да се станам на молитва за да бидам со Тебе. Кога некој ќе ми каже: да одиме во дворовите Господови, во храмот, душата ми се радува и молитва упатува.

(Продолжува…)