Самодовербата и смирението

Блажен е оној христијанин кој за себе мисли дека е ништо! Само кога ќе сфатиш дека си ништо, преку смирението, ќе можеш правилно да ги сфатиш евангелските зборови што ги кажа Христос: Без мене не можете да направите ништо. (Јован 15:5) и она што тогаш се случува е дека се празниш од себе си и Христос станува сѐ за тебе.  Христос ќе ти стане сѐ. Очигледно е дека премногу се грижиме, многу често се натажуваме и вознемируваме, но откако ќе поминат тие тешки денови, откако ќе помине нашиот духовен мрак и искушение се вртиме назад и се чудиме: „Зошто правев толку многу драма од ова? Не вредеше.“ Зошто, деца мои? Бидејќи Христос не ја има целата наша душа, Он зазема само дел од нас. А неговата заповед е јасна Возљуби го Господа, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа и со сиот свој разум. (Матеј 22:37) Нашиот Бог нѐ сака целите, не само дел. Ако е само дел… тогаш не можеш да Го сретнеш. Он нѐ сака целите. Неговата заповед е јасна. Тоа е Неговата прва заповед, која Он Самиот ја напиша со Својот прст на двете камени плочи што му беа дадени на Мојсеј во Стариот Завет: Сакај Го Господа, твојот Бог, од сѐ срце, со сета душа твоја и со сите сили твои! (Повторени закони 6:5)

Затоа, деца мои, многу е важно човек да стекне увереност дека е ништо. Ова чувство на ништожност е духовно, не психолошко. Треба да правиме разлика. Бидејќи од психолошка гледна точка, некои луѓе би прашале: „А како тогаш ќе можам да имам самодоверба?“ Секако дека треба да имаш самодоверба. Колку повеќе чувствуваш дека си ништо, толку посамоуверен ќе бидеш… на вистински начин. Бидејќи твоето смирение ќе ти донесе самодоверба. Повеќето луѓе, па дури и ние самите, имаат лажна самодоверба, земна и горделива самодоверба. Ние немаме духовна самодоверба. Ете зошто стануваме плашливи во многу прилики. Се препуштаме на страв во време на испитанија, тешкотии и неволји. Тоа значи дека немаме самодоверба, туку доверба од некаков друг вид, која што е горделива и земна, онаа што општеството ни ја дава. На пример, некои луѓе се самоуверени дека возат добар автомобил. Другите тагуваат над себе си што немаат автомобил. Тие немаат доверба во себе си. Некои луѓе добиваат самодоверба кога ќе се најават на фејсбук и ќе видат 200 лајкови. „Бре“, си мислат тие во себе си, „колку важна личност сум!“ Празнина… загуба… трагедија… Такви ништожни работи стануваат наши показатели за самодоверба.

Гледате ли во каква трагична и ужасна состојба се наоѓаме. Многу сме далеку од Христа, од Црквата и од духовноста. Ова не е самодоверба, ова е гордост и слабост. Слаба личност и плашливост. Господ вели „Му простив на митарот, и тој си отиде дома повеќе оправдан отколку другиот, отколку фарисејот.“ Овде го гледаме судот на Господ, нашиот Спасител, во врска со овие две состојби. Денеска гледаме два вида на состојби и судови на кои луѓето гледаат на одреден начин, но во очите на Бога тие се поинакви. Гледано по човечки, луѓето сметаа дека судот Божји ќе биде на одреден начин. Но судот Божји се покажа различен од она што луѓето го мислеа. Црквата и светите отци на Црквата ни кажуваат какви треба да бидеме ние – православните Христијани, децата Божји – во нашиот живот. Имено преку стихирите што ги слушнавме на утрената богослужба денес, Црквата нѐ повикува да не се молиме како фарисејот, туку како митарот. Тоа значи дека нашата молитва не треба да биде фарисејска, туку како онаа на митарот. Затоа, деца мои, ајде да се молиме како митарот, односно да сфатиме дека сме ништо и на тој начин да се приближиме до Бога, нашиот ближен и до себе си. Нашите односи со другите се многу важни и овде гледаме многу пропусти. Да ги споредиме денешните Христијани со оние пред 18 /19 векови.

Сме читале за првите Христијани во книгите и сфаќаме дека она што ги карактеризирало Христијаните била нивната меѓусебна љубов. Паганите им завидувале на Христијаните за две работи, кои биле причина огромен број на пагани да се обратат во Христијанство. Тие две работи биле љубовта и радоста. Тие гледале како Христијаните секогаш се љубеле еден со друг и биле постојано радосни, така што паганите се чуделе: „Што е со овие Христијани? И покрај сите гонења, покрај сите неволји што ги снаоѓаат тие и понатаму се љубат еден со друг и се радосни.“ А гледајте каква е ситуацијата во денешно време, после 20 векови. Ако ја измериме љубовта, не во поголемите заедници, туку во рамките на нашите Христијански домови, ќе видиме една трагична ситуација. Во иста куќа, луѓето не се сакаат еден со друг. Браќата и сестрите не се сакаат и не зборуваат меѓу себе. Жената не зборува со својата свекрва, и свекрвата не ја почитува својата снаа.. итн. Како да сме во Вавилон. Ако, пак, зборуваме за радоста… погледнете ги лицата на Христијаните, колку загрижени и депресивни изгледаат тие. Значи, доаѓаме до сознание дека сме во криза и треба што поскоро да ја решиме. Црквата ни го дава решението, а тоа е молитвата. Денешното Евангелие нѐ учи како да се молиме и како да се сретнеме со Господа, со себе си и со нашиот ближен. Деца мои, во посакувам благословено време и благодатен период на подготовка за Постот.