Приказната за митарот и фарисејот

Зошто нашиот Господ Бог го сака и љуби смирението? Оној Кој и Самиот е тоа во вистинска смисла на зборот. Што значи да се љуби? Нели е тоа испразнување од себеси, од своето его, за на тоа место да се смести љубениот? Што значи да се смирувам? Не е ли тоа напуштање на личната вообразеност, на таа лажна гигантска слика за себеси, за да може да се види реалноста: присуството на величието Божјо и Неговата кроткост, внимателност и нежност во тивкото ветре? Следствено, Бог нѐ сака смирени, за да заедничари со нас и ние со Него, да биде присутен во нашиот живот, да биде тоа заедница, заедничарење, општење во љубов и смирение, да биде тоа вистински живот и радост. Јас дојдов за да имаат живот и да имаат изобилие (Јован 10,10).    

А токму во денешниот неделен ден, на кој Црквата на литургиското собрание одредила да се чита приказната, односно Параболата, за митарот и фарисејот, искажана од пречистите усни на Спасителот Христос во она време, ја има токму оваа поука – смирението, покајанието на митарот, наспроти лошиот пример на фарисејот.

Нашата Свештена Бигорска Обител со нетрпение чекајќи го почетокот на благословениот период на Светата Четириесетница, таа незаменлива духовна пролет, со посветеност и грижа навлегува во подготвителните недели. Нашиот Старец и Игумен, Епископот г. Партениј чиноначалствуваше со денешното богослужение, а братството и многубројниот народ беа несомнено допрени од силните и натопени со длабоко смирение и љубов зборови од проповедта на Старецот, внесувајќи ги слушателите во длабоко духовно созерцание и самоиспитување: