1.Зошто се појавија сетилата и за тоа дека човекот е голем свет во малиот свет
Имај на ум, читателу, дека Бог најпрвин го создаде видливиот, а потоаневидливиот свет, „за со тоа да ја покаже возвишената премудрост и штедроста при создавањето на естетствата“, како што кажа богословот св. Григориј. После сè, Он го создаде човекот од невидлива душа и видливо тело. Значи, го создаде како свет, не мал свет во големиот, како што кажа пантеистичкиот филозоф, Демокрит и како што расудуваа другите филозофи, нарекувајќи го човекот, сосема недостојно – мал свет и ограничувајќи ја, така, неговата вредност и совршенство само на видливиот свет. Не, Бог го создаде човекот, како некој голем свет во малиот, како голем свет, поради многуте сили што ги поседува, а особено словесните, умните и волевите, кои сетилниот свет не ги поседува. Вака вели истиот богослов: „Бог го постави човекот, како некој друг свет на земјата, голем во малиот“( зашто ако човекот се спореди со умниот свет на ангелите, тој повторно останува голем свет, и така се нарекува, додека ангелскиот свет е мал свет, зашто човекот во себе го содржи и она што му припаѓа на сетилниот свет, а умниот свет не го содржи она што му припаѓа на сетилниот). Го постави како свет кој ги украсува двата света, и видливиот и невидливиот, според зборовите на божествениот Григориј Солунски, како свет кој ги соединува двата краја на горниот и долниот свет, и со тоа, како што кажа Немесиј, човекот дава можност да се согледа дека нивниот Творец Е еден и ист.
2.За тоа дека телото е како царска палата, а умот како цар
За да го разбереш ова подобро, во мислите претстави си дека телото наликува на царска палата, подигната со најголемата устроителска вештина на некој безгранично мудар Творец. Горниот дел ѝ е главата, а тајната одаја срцето, гласник ѝ е духот, водоводот и ходниците ѝ се жилите, а прозорците ѝ се петте сетила. Душата, пак, или подобро речено, умот (зашто очистената душа, целата е ум, по зборовите на св. Калист), замисли ја како некој цар, кого, како некои чувари, го следат трите најопшти сили – умната, словесната, волевата. Тој се наоѓа во сите делови на телото, зашто, како што вели божествениот Дамаскин, душата се наоѓа во телото подеднакво, како што огнот се наоѓа во вжареното железо. Така тој вели: „Целата душа се соединува со целото тело, а не само дел со дел, и не е таа содржана од него, туку самата го содржи телото, како што огнот го содржи железото. Како посебен орган на своето умно дејство, телото го поседува мозокот, а за седиште на своето словесно и волево дејство и сила, или суштина, го има срцето. Тој цар има и хартија и мастило, за да може преку петте сетила, да го забележува сето она што доаѓа однадвор.
3.Што е умот пред светото Крштение, а што е потоа
Дали си го претстави тоа во твојата имагинација? Замисли си сега, дека тој цар, односно умот, прост, чист и несквернет, откако сè е така совршено уредено, се слеал во телото, и дека тој по својата умна природа е светлост. Пред светото Крштение, тој е кратковид и е прекриен со мракот на прародителскиот грев, а после светото Крштение, целиот свети, блескав е од натприродната светлина на божествената благодат и сончеви зраци блескаат од него, како што вели св. Јован Златоуст, сè додека е поставен над слободно избраната темнина на гревот. Вака зборува тој добар и слаткоречив јазик, кога ги толкува апостолските зборови: Сите ние, со откриени лица, одразувајќи ја славата Господова, се преобразуваме во истиот лик, од слава во слава (2. Кор. 3, 18). Толкувајќи го ова, тој вели: „Што значи тоа, се преобразуваме во истиот лик, од слава во слава? Тоа појасно се гледаше, додека дејствуваа даровите на знамението, но дури и сега, тоа не е тешко за оној што има верни очи. Зашто, штом се крстиме и штом душата, очистена од Духот, ќе заблеска повеќе од сонцето, ние не само што ја гледаме славата Божја, туку од неа примаме и сјај, онака, како кога чистото сребро ќе се изложи на зраците и самото дава отсјај. Но, за жал! Тука би требало да заплачеме горко! Таа неискажлива и страшна слава, во нас останува ден или два, а потоа ја гаснеме, надвиснувајќи ѝ бури од животните нешта, а со густите облаци ги одбиваме зраците, зашто животните нешта се бура, и чума, поголема од бурата.
4. Што е природно својство на умот, што на телото, и за тоа дека телото му е подвластено на умот
Природно и суштинско својство на умот, е тој, бидејќи е ум, секогаш да пребива во умните нешта, како невештествен во невештественото и како бесмртен во бесмртното. Со други зборови, одлика му е да живее во вистинското добро и со него да се храни, од него да расне и да прима наслада, на начин кој му одговара. Обратно, природно својство на телото секогаш е, како тело да тежнее кон телесното, како сетилно кон сетилното, и како вештествено кон вештественото, односно да тежнее кон лажното добро и со него да се храни, од него да расне и да прима наслада, на начин кој му одговара. Затоа божествениот Григориј Ниски рече: „Во човечката природа постои двојна наслада – една, која дејствува во душата преку бестрастието, а друга во телото, како страст, додека, пак, секоја се прима по произволение и едната секогаш ја надвладува другата“. Но, иако телото, како такво, природно тежнее кон сетилната наслада и е целосно обземено од неа, тоа всушност е водено и ограничувано од умот, тогаш кога тој е исполнет со словесност. Зашто по зборовите на божествениот Дамаскин, тоа е разликата помеѓу словесните и бесловесните души – бесловесната ја водат и над неа имаат власт телото и сетилата, а словесната сама ги води телото и сетилата, имајќи врз нив власт. Така е одредено од Бога: словесното да владее со бесловесното, а подоброто со полошото, ограничувајќи ги неговите импулси. Затоа, дури и кога сака, телото не се фрла веднаш на дејствување и исполнување на желбите, туку е спречувано од владетелот – умот. Во врска со ова, Дамаскин вели вака: „Бесловесните нешта не се самовласни, зашто повеќе се водени од природата, отколку што сами водат; затоа тие не се спротивставуваат на природниот импулс, туку кога ќе посакаат нешто, веднаш трчаат кон исполнување на тоа. А човекот, кој е словесен, попрво самиот ја води природата, отколку што е воден од неа, па дури и кога стреми кон нешто, ако сака, има власт или да се воздржи од стремежот или да се согласи со него“.
5.Што е првата причина, заради која настанаа сетилата
Умот, кој се наоѓа внатре во палатата на телото, и кој, на некој начин, е одвоен како во некоја темница, Творецот го обдарил со пет телесни чувствени органи, како пет прозорци – очи, уста, нос, учи и општото сетило на допирот, за тој да може преку нив, пред сè, да доаѓа до сопствената умна храна и наслада, односно до чувствување и поимање на оваа сетилна твар, но и до божественото Писмо. Потоа, преку тоа чувствување, воден од словесноста, да се насочи кон добротата, силата, благодатта, вистината, сладоста и кон другите дејства и совршенства на Творецот, кои можат да се созерцаваат во тварта и во Писмото.
Најпосле, третата причина е умот да се вознесува од тие дејства и совршенства, на крилата на умното дејствување, а по мера на својата моќ, сè до познавање и созерцавање на Самиот Создател на тварта и Дарител на Божественото Писмо, до Владетелот на таквите совршенства. А за тварта, Соломон вака вели: Сразмерно на големината и убавината на созданијата, се созерцава и нивниот Творец (Прем. 13, 5), и според зборовите на апостолот Павле – она што е во Него невидливо, со умот се созерцава во созданието, Неговата вечна сила и Божество (Рим. 1, 20).А за Божественото Писмо, ап. Петар рече: Ниедно пророштво не е искажано по човечка волја, туку зборуваа светите Божји луѓе, водени од Духот Свет (2. Пет. 1, 21). И повторно ап. Павле рече: Зборуваме не со зборови научени од човечката мудрост, туку сме научени од Духот Свет (1. Кор. 2, 13). Сакаш ли да го провериме на две сетила ова што сега го зборувам?
6. За тоа дека преку набљудување, умот се вознесува кон познание на Творецот и љубов кон Него
Заради пример, очите се свртени кон небото и тогаш небесната глетка паѓа врз таканаречената очна мрежа. Штом ќе се прими таа слика, гласниците на духот, во истиот тој момент ја примаат таа вест и брзаат со незамислива брзина низ ходниците на жилите во мозокот, кој е корен на сите жили. Штом тие таму ќе се приберат, веднаш се буди умот за да го согледува небото. Бидејќи тоа го чувствува, тој се собира и размислува со својата словесна сила за поредокот, големината, убавината, светлоста и за останатите небесни својства. А во сето тоа, тој ја созерцава и премудроста, вештината, силата и убавината на Оној, Кој го создал тоа небо. Размислувајќи на тој начин, тој вели: „ако небото, кое е создание, е толку убаво и толку светло, колку е поубав и посветол Творецот на небото?“ „Она што ги одликува последиците, во изобилие и суштински се наоѓа во причините“, како што вели Псевдо Дионисиј Ареопагит. И на тој начин, умот се вознесува, колку што е возможно, до познание на Творецот, и со тоа знаење го распалува своето срце и неговата волја со љубов кон Творецот.