За добрата слава

Добрата слава е слава на добродетелта. Таа не старее, не се плаши од интриги, не се колеба, не може да се одземе, не се намалува, не се плаши од пропаст, туку секогаш останува млада; неподложна на лукавството и блескава и по смртта го следи оној кој ќе стане нејзин вечен споменик, бидејќи и гробот станува вечен споменик на добрата слава. Добрата слава никогаш не исчезнува, ниту нејзиното име, туку токму под земјата конечно станува бесмртен оној кого во ревноста за добродетел и борбата за својата земја и деца, го погубил несопирливиот Арес.
Кој ја љуби добрата слава не се грижи за неа, туку пред сѐ се труди да биде добар и чесен човек. Се грижи за добродетелта и тежнее кон знаењето. Страда за доброто, за чесното, за вистината, за праведното, со жар се бори за светостите, за татковината, за заедницата, за каноните, за поредокот и прави сѐ што води кон славата и честа на неговиот род. Се плаши од Бога и со благоверие Му принесува должна почит. Се почитува самиот себе и ништо недостојно не си прави сам на себе. Подготвено и строго ги исполнува должностите што му се наложени. Сѐ што прави, го прави чесно и без лукавство. Не прави ништо заради лажна слава. Бега од празнословието и секаква суетна чест, но самата слава го следи и ги следи неговите траги; бидејќи вистинската слава ги следи чесните, храбрите, ревнителите во добродетелта, пријателите на доброто, оние кои тежнеат кон знаење, чуварите на законот, благочестивите пред Бога, добротворите на татковината, почитувачите на својот род, дејците за доброто на човештвото, оние кои се впуштаат во опасност заради честа на својот дом, оние кои ја претпочитаат општата полза во однос на сопствената и покажуваат вистинско самоодрекување во заземањето за вистината и правдата, за раздавање на знаењето на вистината и зацарувањето на благочестието меѓу луѓето. И иако сите кои прават така, ги понесува единствено копнежот кон чесното и неговата победа во светот, ја немаат самата слава како цел, но сепак славата ги следи и ги посочува како преславни.
Свети Василиј Велики вели: „Маките раѓаат слава и напорите раѓаат венци. Ако сакаш слава и сакаш да се возвисиш над многумина, биди расудлив, целомудрен, мудар, мажествен и трпелив во страдањата за благочестието. Така ќе се спасиш и самиот себе и ќе се вознесеш повеќе поради поголемото богатство.“