Недела на блудниот син

Да се биде заблуден, да се биде во гревови, во страсти, под ропство на стариот човек во себе, далеку од Бога, а притоа гневлив на другите од личната состојба, не е нешто ново или чудно за човештвото, бидејќи целата човечка историја е историја на гревот, а уште помалку непознато за Бога, бидејќи Бог постојано повикува во здравје преку заедница со Него. Параболата за блудниот син, која се чита во оваа недела, од каде и самата го носи тоа име, е прекрасен приказ на човечката трагедија, но и на големината на човекот кој знае да каже: крај на гордоста, на самољубието, на пијанството од гревот, на безумноста, ќе си се вратам при мојот Отец, при Бога. Оваа одлука и овој акт е најголемото чудо на Божјата милост кон грешникот. Заради тоа обраќање и доаѓање на себеси нашиот Спасител се вочовечи, распна, погреба и воскресна. Тоа се нарекува вистинско покајание.

Проповедниците на покајанието, Светите тројца јерарси и вселенски учители Василиј Велики, Григориј Богослов и Јован Златоуст, тие столбови на православието, сигурни кораби кон спасението, ја оградиле Црквата како со сигурни бедеми, правејќи ја да биде добро утврден и неосвоив град. Нивниот спомен со радост го чествуваме.

Во молитвено покајна атмосфера, а воедно и во неискажлива радост и умиление од средбата со Бога преку бдението и Светата Архиерејска Литургија, на која претстоеше нашиот Старец, игуменот Бигорски, Епископ г. Партениј ја примивме пораката и повикот од Бога за заедница со Него. Широкосрдечноста на Отецот Небесен, милостивиот Татко, сите нѐ повикува во Неговиот дом, во Негова близина. Ползувајќи се од поуката од денешното Евангелско четиво, да се подготвиме себеси за Светиот и Велик пост кој ни претстои, во чест на Воскресението Христово.