Пред крајот на 1962. година, спроти празникот – Воведение во Храмот на Света Дева Марија (Пречиста, 21 ноември ст. стил) новоназначениот Архијереј Јован пристигнал во Сан Франциско. Дочекот бил масовен и многу радосен; неговите стари пријатели, доселени од Далечниот Исток во овој американски град на Западот, со солзи радосници го пречекале.
И пред доаѓањето во оваа нова средина, Архиепископ Јован бил известен за немирите во Заедницата. Но набргу се уверил дека стварноста била многу посериозна од она што очекувал да сретне. Надевајќи се на Божја помош, тој не пројавил ни најмало двоумење, само заклучил дека тука треба да се почне сè од почеток.
Паралелно со своите катадневни дејности (богослуженија, посета на болни и др.), овој новодојден Владика не пропуштал момент да не зборува за значењето на мирот во секоја заедница. „Мирот меѓу нас!“ – тоа била главна тема кога говорел од амвон, а и во обичните разговори со секој верник од Заедницата. Па така, и во неговото прво Послание до верниците (Божик, 25. декември 1962.), темата е – мирот! Парафразирано, содржината е оваа: Господ Исус Христос дошол на земјата да донесе мир меѓу луѓето. Но, без желба на самиот човек, без негова макар и најмала усилба, мирот Божји нема да се всели во него. Зошто? Затоа што Господ никого не принудува да се дојде кај Него, а само повикува, без секакво присилување….
Мирот треба да е присутен во душата на секој поединец, па тогаш ќе го има и во секоја заедница….
Да се прашаме: Како ќе Го дочекаме Младенецот – Христа? Дали како Ирод и слични на него, кои имале зла волја и сакале да Го убијат или како тројцата Мудреци од Исток, кои поминале долг и тежок пат, со единствена желба да Го видат и да Му се поклонат? Кои од овие сетиле во душите внатрешен мир и радост? Секако не првите, а само – вторите. Зошто? Затоа што луѓето кои имаат во душата злоба и лоши намери, секогаш се далеку од внатрешниот мир; ваквите секогаш сееле околу себе само неслоги и омрази….
Понатаму, сè во овој дух продолжувале напорите на овој миротворец, со единствена цел да се смират духовите и да се врати мирот во Заедницата, па сите сложно да помагаат за завршување на започнатата Градба на храмот.
Во друга прилика, а пак во истиот дух, Архиепископ Јован говорел дека православниот руски народ, од покрстувањето до денес, бил познат како градител на храмови. По нивното „расејание“, биле изградени храмови во различни земји и градови, само во градот Сан Франциско руската заедница немала досега изграден свој храм. Еве, со благослов на Архиепископ Тихон била започната градба, но поради недоразбирања и неслога, градбата била запрена. Да побрзаме, апелирал тој, да се изгради овој храм, посветен на „Пресвета Богородица – на сите нажалени радост“. Божјата Мајка примала секаква жртва, принесена Нејзе со чисто срце. А жалостите што ќе ни дојдат, ги заменувала со Радост, затоа така била именувана од богољубивиот народ.
Овие зборови и други слични на нив, потресно влијаеле врз душите на слушателите. Сè што е од срце изговорено, се допира до срцата на другите! Кај верниците почнала да се буди совеста. Множеството од Заедницата се каеле за она што го правеле. А, покрај зборовите и делата на Владиката Јован, за подобрување на меѓусебното однесување, многу позитивно влијаел на верниците и Големиот велигденски пост, кој почнал на 13. февруари 1963. година (ст. стил). Позната вистина е дека постот, кај оние што го почитуваат, ја зголемува молитвеноста. Па така, пост и молитва, две спасоносни средства кога се заедно, тие го омекнуваат човечкото срце; тогаш тоа е наклонето повеќе кон доброто, отколку кон злото; лошите мисли се заменуваат со добри; горделивоста се заменува со смирение; тврдоглавоста – со послушание; жестокоста – со милост; омразата – со љубов и т.н.
Извадок од книгата: Борис Кр. Бошковски, Свети Јован Шангајски, Скопје 2001, 122-125.