Затоа, човекот Божји не се скршува, ниту се чувствува повреден како да бил прободен со нож. За човекот Божји, таквите работи не постојат – нека не ви звучи чудно. Тој има доверба во Бога. Не значи дека нема да претрпи некои работи што ги доживуваат и другите луѓе. Може и тој да се најде во ситуација да гладува, да биде во опасност или да се разболи. Но, сите тие нешта на крајот му прават добро, наместо да му создадат анксиозност, страдање или пекол во душата. Сето тоа работи за негово добро – тоа е разликата. Зашто, Бог има начин сите тие работи да ги стави да му служат на човекот, како што слугите и помошниците му служат на својот господар.
Најголемиот проблем на денешниот човек: не може да остане сам со себе
Зошто тогаш да имаме анксиозност? Ако имаш мир и спокој во својата душа, анксиозноста исчезнува. Кога Бог е во тебе, кога имаш доверба во Бога, анксиозноста исчезнува – нема место за неа. Таа е како да не постои. И немаме оправдување, особено ние како Христијани, да имаме анксиозност. Другите луѓе не знаат – што да прават? Гледате, луѓето се собираат по разни места за да најдат малку радост. Се обидуваат малку да заборават, да избегаат од себе преку алкохол и опијати. Каква радост можат да најдат така? Дали тоа може да биде вистинска радост и спокојство? Може ли човек да избега од анксиозноста на тој начин? На крајот, пак ќе се соочи со самиот себе…
Само кога човек ќе се помири со себеси, кога ќе биде во мир со себе и ќе може да живее со себеси – да си прави друштво без да има проблеми – тогаш може да има вистински мир. Кога човек се плаши од самиот себе и не сака да остане сам, како може да има мир и да нема анксиозност? Тоа е големиот проблем на денешниот човек: не може да остане малку сам со себе. Затоа избегнува тишина, спокој, размислување и осама во позитивна смисла. Мора да слуша радио, да зборува, да гледа телевизија. Ако не може ништо друго, ќе излезе на балкон да гледа. Некој старец, сиромашкиот, ќе излезе и ќе го гледа народот како минува – луѓе што одат и доаѓаат.
Но, секој човек е така создаден од Бога, што во неговото битие е присутно целото создание, сè. Оти, човекот е микрокосмос. Сепак, човекот се плаши од себе, како што би се исплашил ако се најде во вселената, во бескрајниот простор каде што нема граници – чувствува дека ќе полуди. Така е и кога човек ќе се соочи со себеси, кој е микрокосмос, вселена во минијатура – се плаши. Но, кога е со Бога, нема од што да се плаши. Не се плаши од ништо.
Ако ова е вистина, тогаш разбираме колку денешниот човек живее надвор од реалноста. Тој е отуѓен, изопачен, се изгубил себеси и постојано живее надвор од себе. Тоа е една шизофрена состојба, би рекле. Како може таков човек правилно да зборува, да се однесува исправно, да не размислува само за својата корист, да не посегне да те измами? Ќе направи сè за да те „изеде“… Па ако тој самиот се „јаде“, зарем нема да те „изеде“ и тебе?
Бог се наведнува над тебе и сака да те освети
Прашање: Би сакал да прашам: Ако човек сака да живее како што треба, но неговата околина не се согласува, што да прави?
Одговор: Погледнете, според она што го кажавме, ниту околината ниту нешто друго може да го спречи човекот. Мачениците живееја под закани – мечеви, огнови – но никој не можеше да им Го одземе Христос од душата. Никој не може да ни Го одземе Христос ако се довериме на Бога. Ова можеби звучи малку теоретски, но е сосема практично.
Да земеме пример некој човек во семејство – дали е тоа сопруг, сопруга, татко, мајка или едно од децата – кој се обидува да живее според Бога, а сите други се против него, сите се спротивставени и нема разбирање меѓу нив.
Што треба да прави човек практично? Пред да го разгледаме ова практично, треба да го разгледаме од теоретска основа, во светлината на Божјата волја. Човекот во таква ситуација треба да верува и да чувствува дека светиот и човекољубив Бог, кој сè има во Своите раце, знае сè. Тој знае кој е сопругот, која е сопругата, како мисли секој во семејството. Бог сè знае. Затоа, не си сам во својот дом со сите проблеми што ги имаш. Со тебе е Бог, Кој сè знае подобро од тебе и повеќе од тебе сака да не претрпиш штета, да не се мачиш и да не ја изгубиш верата, туку да живееш според Неговата волја.
Бог многу повеќе од тебе сака да те заштити. Он не е како некој далечен човек или некој висок функционер кој ветува, но не помага. Бог, прво Он се грижи за мене, а потоа јас за себе. Бог ме создал и Он се грижи за мене повеќе одошто јас можам. Он знае кој е татко ми, која е мајка ми и какви се нивните мисли и постапки – дали се нервираат, се бунат или не веруваат во Бога. Сето тоа Бог го знае. Како тогаш ќе ме остави?
Бог е Оној Кој, што и да се случува околу мене, во моето семејство, сака да живеам според Неговата волја и заповеди. И штом Он тоа го сака, ќе ми помогне и да го постигнам. Бог не исклучува никого од спасението и осветувањето, како да вели: „Овој ќе го направам свет, а ти ќе добиеш само малку помош“. Не, Бог не е пристрасен. И за тебе се грижи исто како за апостол Павле или за најголемиот светител. Бог се наведнува над тебе и сака да те освети како што ги осветил и најголемите светители.
Прифати го тоа што Бог го уредува
Но треба да ги прифатиш работите онака како што ги уредува Бог. Треба да кажеш: „Боже мој, Ти сè знаеш и ако си допуштил овие работи да се случат, нека биде благословено“. Ако вака ги прифатиш работите, ќе почнеш да гледаш на нив поинаку и ќе ги надминуваш полесно. Проблемот е што не ги прифаќаме работите така и затоа се измачуваме.
Да ги земеме за пример мачениците во првите години на Црквата. Ги апселе, ги мачеле на различни начини, ги фрлале пред ѕверови или им ги отсекувале главите. Но ниту еден од нив не рекол: „Би било подобро ако ме мачеа на друг начин или ако имав други мачители“. Тие цврсто верувале дека Бог е со нив и дека ќе им даде сила да издржат до крај. И така и било.
Ако тргнеш по Божјиот пат, колку и да изгледа горчлива чашата, таа почнува да се засладува
Никој никогаш да не рече: „Што да правам јас со ваков маж, со ваков татко и таква мајка! Што да правам јас во вакво семејство, во ваков род! Што да правам јас што живеам во загадениот воздух на Атина!“ Никој никогаш да не каже нешто такво. Ако можеш да промениш нешто, а ти сè уште не дејствуваш, тогаш ти си виновен. Но, ако не можеш, ако не постои друг начин – готово, тоа е твојот живот – и таму Бог ќе биде со тебе. Не треба ти да одиш да Го најдеш Него. Он Самиот ќе дојде да те најде таму: во подрумот, во мрачната ќелија, среде гласовите што се слушаат, што те караат, што не се однесуваат добро кон тебе. Бог Самиот ќе дојде. Бог не ни вели: „Избави се прво од таа ситуација, па дојди горе на планина – во некоја пустина, во тишината – за да разговараме“.
На почеток чашата е горчлива. Но, кога ќе влезеш на патот Божји, на оној пат каде што те поставува Бог, во Неговата волја, во Неговите заповеди, колку и да изгледа горчлива чашата на почетокот, таа почнува да се засладува. Колку радост имаат тие луѓе кои ние ги сметаме за неуспешни во овој живот – се разбира, доколку тоа што го прават е според Божјата волја – тоа не може да се опише.
Тагата по Бога ја храни душата и ја прави голема
Прашање: Кога некој човек страда поради тешкотии со своите деца или сопруг, или затоа што неговата околина е тешка, безбожна или неморална, колку повеќе се бори, толку повеќе му се помага, бидејќи Бог го гледа неговиот подвиг и го помага и го осветува. Но, прашањето е како да се справиме со грижата што нè измачува, та велиме: „Ах! Што ако не се спаси, што ако пропадне?“ – било да се однесува на сопругот, на детето, на родителот или на братот.
Одговор: И тоа е грешка. За твоето дете, најпрво е Бог, а потоа ти. За твојот сопруг, најпрво е Бог, а потоа ти. Зар Бог не знае? Сепак, тоа е човечка слабост. Како родител, како мајка, како брат, како роднина или како човек, не само што се грижиш и се интересираш, туку и страдаш, сочувствуваш – ако сакате, и се измачуваш. Но, кога тоа се прави според Божјата волја и пред лицето на Бога, тоа не само што не создава грижа, туку буквално ја осветува душата.
Често велиме дека тагата според Божјата волја ја храни душата. Тагувај според Божјата волја колку што сакаш. Оној кој се кае, кој плаче, кој излева горки солзи на покајание, а не од жал, тој стекнува полза. Некои души – главно жени – доаѓаат на исповед и почнуваат да плачат и да се жалат; а јас останувам рамнодушен и невознемирен. Потоа, и тие запираат, бидејќи гледаат дека не ме трогнуваат – простете што го велам ова. Да, тоа се само плачења и жалења. Тоа не помага. Но, кога има вистински плач, солзи, болка од покајание, тоа, од една страна, ја притиска душата, па затоа се појавуваат солзите, но од друга страна, истовремено ја храни душата. Додека, пак, егоистичната тага, демонската тага, носи очај и ја разорува душата.
Исто така е и со грижата. Ако ве боли за состојбата на вашето дете, ако душата ви се мачи во Бога заради вашето дете, тоа е нешто многу свето и за вас и за вашето дете. Но, ако таа болка и таа тага доаѓаат од слабост и егоизам, тогаш стануваат грижа и ја разоруваат душата. Сакам да внимавате на ова.
Колку мајки страдаат затоа што нивните деца не тргнале по вистинскиот пат. Силно страдаат. Зошто? Затоа што имале големи очекувања. Тие си мислеле, како што и денес децата им велат на родителите, на мајката и на таткото: „Кога јас ќе имам свои деца, ќе видиш како ќе ги воспитам – не како вас!“ Така, мајката замислувала дека кога ќе создаде семејство и ќе има свои деца, тие нема да бидат како другите. Ќе имаат добро воспитание и ќе бидат пример. Но, децата испаднале сосема поинакви од тоа што таа замислувала и очекувала. Тоа ја повредува, ја изложува и ја понижува и не ѝ дозволува да најде мир. И ден и ноќ живее со грижа, надевајќи се дека можеби ќе спаси барем нешто. Но таа грижа, како што рековме, ја разорува душата.
Спротивно на тоа, кога некој ќе ги види работите на исправен начин, веднаш доаѓа ослободување. Тој треба да каже: „Боже мој, што направив! Како размислував така! Каква голема грешка направив! Како да сум јас таа што ќе може да ги доведе децата до спасение. Ти си Оној Кој се грижи и за децата и за мене и за сите. Голема грешка направив, Боже мој, што така ги сфаќав работите. Се каам и барам прошка; прости ми и просветли ме сега да се однесувам што е можно поисправно“. Тогаш човекот почнува да ги живее работите сосема поинаку. Повторно ќе го боли за детето, ќе го боли уште повеќе, ќе страда, ќе плаче, ако сакате, како мајката на свети Августин, но тој плач и таа болка никогаш нема да создадат грижа во душата. Напротив, чудесно, таа болка ќе ја храни душата, ќе ја наводнува, ќе ја зајакнува, ќе ја поткрепува и ќе ја прочистува.
Ако сакате да разберете кога имате тага, болка и сочувство според Божјата волја, а кога тоа не е според Божјата волја, тоа може да се препознае на следниов начин: ако ве обзема грижа, тоа не е според Бога – невозможно е. На крајот на краиштата, грижата се раѓа затоа што не се исполнува нашата волја. Во спротивно, човекот не чувствува грижа – знајте го тоа. Во моментот кога ќе почувствувате каква било грижа, без разлика од каде доаѓа, само смирете се и кажете: „Боже мој, нека биде благословено; нека биде како што сакаш Ти“, и кога сè ќе Му предадете на Бога, грижата веднаш ќе исчезне – како да никогаш не постоела. Зашто, всушност, таа и не постои.
Грижата произлегува од тоа што, на крајот, не се случува тоа што јас го сакам, односно не се случува тоа што го сака моето „его“, не се задоволува мојот егоизам. Смирениот човек не може да има грижа. Ако сакаш да откриеш во каква духовна состојба се наоѓаш – бидејќи понекогаш човекот се прашува и не знае што точно се случува: „Дали сум смирен? Не сум ли смирен? Имам ли смирение или не?“ – ќе го препознаеш тоа преку својата грижа. Ако чувствуваш грижа, немаш смирение. Ако не чувствуваш грижа, тогаш или си неосетлив и ништо не те засега – бидејќи постојат и такви луѓе – или имаш смирение.
(Продолжува…)