Суштинската смисла на Рождеството Христово

Во празнична атмосфера, со трепкави светилки, разделувајќи си дарови едни на други, со вечери и храна, со сето она што нашето потрошувачко општество и што нашиот посветовен христијански живот ни диктира, го празнуваме Раѓањето Христово!

Некое „подуховно“ гледиште би го видело Рождеството Христово како настан „на земјата мир“, што го донесе Бог со Своето доаѓање, подразбирајќи го тука и Неговиот неуспех, бидејќи, како што знаеме, само малку години откако дојде, па до денес, човештвото било без војни.

И друго, „уште подуховно“ гледиште, со теолошка подлога, ќе каже дека Христос постана човек за да нѐ избави од гревовите, поставувајќи го гревот како причина за страшниот настан на вочовечувањето на Бога.

Во оваа световна, духовна и теолошка збрка, каде да се најде место за откривање на вистинската смисла на големиот празник на Раѓањето Христово? А и зошто, пак, да ја знаеме? Не ни се ли доста проблемите, мислењата и толкуте наши грешки, коишто ни трошат толку многу сили? Зошто ни е потребно теоретското занимавање со „смислата на Раѓањето Христово?“

Но, сепак! Откривањето на смислата врз основа на светоотечката мисла и нејзиното прифаќање во нашиот живот, ќе нѐ избави од животните грижи, стресот и сѐ негативно и ќе нѐ одведе во нов живот – Неговиот живот, кој е исполнет со радост и мир и навистина, вечен живот уште од сегашниов век.

Светиот Исаак Сирин ќе каже: „Бог постана човек, не за да нѐ спаси од гревовите или за која-годе друга причина, но само и единствено за светот да ја спознае љубовта што Бог ја има за Своето создание“.

Ако чувството на љубов од еден човек подарува сила и радост, колку ли исполнетост на срцето ќе чувствуваме кога ќе ја почувствуваме личносната љубов на великиот наш Бог? Една љубов, која секако, не зависи од нашата несовршена и нецелосна љубов или од нашата вера и дела. Не нѐ љуби, значи, затоа што „сме Негови“ или тогаш кога ние Го љубиме, туку нѐ љуби постојано со истата јачина.

Секој од нас има неопходност да ја сфати дури до утробата на неговото битие оваа безгранична и безусловна љубов. Да сфати дека Бог нѐ љуби и во нашата огревовеност и дека „не издржува да живее без нас“. А уште и тоа, дека „проси за нашата љубов“, „тропајќи на вратата“ од нашето срце, барајќи едно место во него.

Тогаш, одговарајќи на Неговата љубов, љубејќи Го,

Му зборуваме – се молиме,

се соединуваме со Него – се причестуваме со покајание,

живееме по Неговата волја – ги пазиме Неговите заповеди.

И Он доаѓа при нас, се раѓа во нашето срце, и ни го подарува Својот мир, Својот спокој, радоста на Неговото Царство „и во овој живот, а и во идниот“.


Извор: Пемптусиа