Деца Божји ✣ I дел

Старец Емилијан

✤✣✤

Деца Божји

✤✣✤

I дел

Сите ние пред Божик очекуваме нешто значајно. Секако, ќе дојде денот кога победоносно ќе оддекнат црковните ѕвона, кога ќе се покаже дека нашите секојдневни обврски биле подготовка за еден голем настан, кога срцата наши ќе потскокнуваат и воскликнуваат, кога сиот свет ќе се грижи да ги подготви патеките Господови, како што претскажа светиот пророк Исаија: „Подгответе ги патеките Господови“.

Како што децата го гледаат стомакот на својата мајка која е во благословена состојба, и со радост и очекување го следат растењето на детето што треба да се роди, така и целиот свет се радува кога наближува Божик. Зашто раѓањето на ова Божествено Дете, кое не припаѓа само на едно семејство, нема да ги израдува само неговите родители и потесниот круг на нивното семејство, туку целиот свет.

Светиот пророк Исаија осумстотини години пред доаѓањето Христово, како и сите пророци пред и после него, но и претскажувањата на сите земни народи, најави дека Неспознатливиот, Надсуштествениот, Невидливиот Бог, ќе биде роден од жена „како дете“.

Навистина, „Дете ни се роди, Син ни се даде“, Кој му припаѓа на целиот човечки род и Кој ја радува целата вселена. И не само што ја радува, туку и управува со неа: според пророштвото „мало Дете ќе ги води“ сите луѓе, дивите, како што се волците и леопардите, биковите, лавовите, нејаките како што се јагнињата и децата кои како јаренца си играат, сите нив, од колено до колено.

Познато ни е дека Исус Христос дојде во времето како Дете, дека одеше низ Галилеја и Јудеја, дека како Богочовек ја исполни земјата со Своето присуство, дека твореше чуда „знаци и чудеса“, дека привлече мноштво народ, кого го собра во едно царство и господство, во Црквата Своја, и дека како вечен Владика, Господ се вознесе на Небесата.

Праотците, кои денес ги прославуваме се праисторија на Детето, кое е предвечно родено од Отецот, а во времето од мајка и Кое вечно се раѓа во утробата на мајката Црква, и во утробите и срцата на сите нас кои Го љубиме и следиме. Он е Предвечен Бог и Вечно Дете. Самото Слово Божјо, Исус Христос, Кој дојде во светот за да го спаси човекот.
И што правеше Христос, првото Дете, Кое пред вековите е родено од утробата на Небесниот Отец, а во времето од утробата на Пресвета Богородица? Зошто прашуваме? Зар не знаеме што прави едно дете?

Си игра, затоа и е дете. Во апокрифното евангелие на апостолот Тома се запишани моменти од Христовото детство. Таму е прикажано детето Исус, како обликува глина и прави дванаесет врапчиња. Потоа, Он „составувајќи си ги рацете“, воодушевен и со плескање, воскликнувајќи им довикна на врапчињата: „Одете“, полетајте! „И врапчињата летнувајќи заминаа со восклик“.

Чудесно! Дали е возможно Христос да си играл, со оглед на тоа што знаеме дека Он, бидејќи Бог, во Својата природа уште од раѓање ја имаше мудроста на Отецот? Овие настани можеби изгледаат смешно, но не се отфрлени, ниту, пак, се одобрени. Зошто? Затоа што се преданија. Тие покажуваат дека Христос навистина живеел како Дете, а истовремено бил и Творец. Тоа што од земја направил врапчиња, кои потоа полетале, објавува дека Он е Творец на животот, Бог. Во обликувањето на врапчињата е изобразено создавањето на човекот, како и тоа дека Христос е Оној Кој го создаде родот човечки. А тоа што врапчињата полетале го објавува возведувањето, воздигнувањето, вознесението на човечката природа кое што требаше да се случи. И оние кои се вознесени, значи верните кои се возведени во Царството Небесно, навистина се радуваат и воскликнуваат пред Небесниот Жртвеник и пред сите Ангели. Сето ова е изобразено со преданието, кое иако изгледа како обична приказна, сепак, има подлабока содржина. Таа ни Го покажува Христа, Кој играјќи си, Го пројавува Своето Божество и Својата таинственост. Си игра, и играта Негова е мудрост, откровение.

Истото Евангелие наведува дека еден „учител по има Закхеј“, кога слушнал сè што зборувало Детето, „многу се восхити од тоа што, бидејќи Дете, зборува така“. И тогаш му рекол на Неговиот татко Јосиф: „Имаш мудро Дете, умно“ – си игра, а мудро е, веќе е човек – „дај ми Го мене… да Го научам… на својата наука“. И почнал да Го подучува Христа. Кога Закхеј го завршил подучувањето, Христос, „раширувајќи“ ја книгата, бидејќи ја отворил книгата на Пророците, започнал да го подучува „учителот“. Зашто тоа Дете беше Оној Кој го даде законот, ги испрати и вдахнови Пророците, Предвечниот Бог и Овоплотениот Син.

Гледате како кај малите деца, кои изгледаат несовршено, како под некаква наметка, се крие мудроста Божја!

Запишана е, исто така, и уште една поединост. Христос „си играше во некоја соба“, си играл во некоја соба која била повисоко, „на спрат, и едно од децата падна… и умре… И неговите родители дојдоа со обвинување“, велејќи Му на Христос дека Он го усмртил. Колку пати, и ние самите, кога страдаме, кога трпиме неволји, имаме чувство дека Христос ни го одзема животот, срцето, дека ни ги убива децата?! Детето ќе се разболе и ќе умре, а јас велам: „Боже мој, да сакаше, Ти ќе го спасеше, но ми го усмрти“. Човечкото срце секогаш зборува на сличен начин. Што направил тогаш Господ? „Скокна од покривот“, и со „силен глас му довикна“ на мртвото дете: „Зиноне, дали Јас те соборив“, дали Јас те турнав долу? А тој „станувајќи рече: Не, Господи, туку Ти ме подигна“. Не ме усмрти, туку ме воскресна. „И неговите родители Го прославија Бога… и Му се поклонија на Исуса“.

Овој настан, со својата природност и едноставност сведочи дека Бог не е Оној Кој мртвите ги испраќа во адот, туку Оној Кој ќе ги воскресне. Он е Оној Кој ги повикува мртвите, и мртвите Го слушаат.

Кога Мајката Божја ги гледаше знаците, „во себе чуваше Тајни што гледаше како Он ги твори“. Ги чуваше во своето срце настаните од Неговото најрано детство.
Дали Христос како Дете навистина си играл? Му прилега ли на Христос да си игра? Овие, секако, не се историски настани, туку преданија и тие навистина ни покажуваат еден таинствен начин на Христовото играње. Како што рековме, Црквата тие настани ги исклучила, не отфрлајќи ги, зашто содржат едно преносно значење за нашиот живот.

Кога Господ почнал да поучува, родителите Му ги носеле децата за да им ги благослови и да се помоли за нив: „ Му доведоа деца, за да ја стави раката Своја врз нив и да се помоли“, како што и ние свештениците правиме. Ја ставаме раката своја на нивните глави и се молиме. Но, учениците, чиишто умови сѐ уште не биле просветлени, ги укорувале родителите велејќи им: „Оставете Го Учителот и не Го мачете“. Учениците мислеле дека децата прават врева, викаат, трчаат, си играат. Како е можно Учителот да се занимава со нив? Се намалува Неговиот авторитет, се верувало дека е Пророк. Зар Пророкот се занимава со такви нешта? Беа заборавиле на своето детство и потребите на детството. Секако, во ова е скриено нешто уште потаинствено. Апостолите мислеле дека Христос не треба да се занимава со мали, туку со големи и сериозни работи! А овој настан се случил после еден сериозен разговор, кој врз нив оставил длабок впечаток. Христос зборувал за бракот и за посветеноста кон Него, што е предговор, предвовед во монашкиот начин на живот. И децата влегле додека Он зборувал за едно, така сериозно прашање. Но, Христос кон децата се однесувал онака како што им доликува на децата.

Христос има Своја мудрост, Свои начини со кои го спасува човекот. Така, всушност, за Господ зборуваат најголемите мистици на богословието, великите Отци на нашата Црква, Псевдо Дионисиј Ареопагит, св. Максим Исповедник, најмистичниот св. Григориј Богослов. Го прикажуваат делото Христово како дело на дете што си игра, а бидејќи си игра, останува дете, и тој факт го поврзуваат со најтаинствените и најголеми догмати на Црквата, со Самиот Бог Кој е ненадминлив, и со Кого ние, имајќи Го во своите раце, на еден таинствен начин на кој тие нè учат, правиме што сакаме.

Продолжува