Слово на Неговото Високопреосвештенство, Митрополит Тимотеј, за празникот Рождество на Пресвета Богородица, изговорено на Светата Литургија во Свештената Пречистанска Обител
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Уште древните христијани во црковните песни, Пресвета Богородица ја величале како наша христијанска радост. Во тропарот на денешниот празник пееме: Твоето раѓање, Богородице Дево, радост ѝ јави на целата вселена. Каква радост му донела на светот Дева Марија? Каква радост ни донела онаа која се родила од непознати родители во малиот, поробениот од Римјаните Јудејски град, Назарет. Понижен и неславен, во споредба на народите коишто го опкружувале. Но, таа, им подарила радост на луѓето. Радост, затоа што настапил долго очекуваниот период од луѓето. Преку неа се појави Сонцето на правдата. Настапи време, кога со Божја сила и со силата и подвигот на Господа наш Исус Христос, се обессили царството на ѓаволот, царството на злобата и смртта. Се обессили ѓаволот и се откри царството на вистинските добродетели, царството на вечниот и блажен живот. Како претвкусување на вечното царство, се јави нашата светиња, од Господа основана на земјата, Црквата Христова.
Таа радост, со нејзиното раѓање, на земјата го возвести Преблагословената Дева Марија. Ни го возвести онаа, која Го сместила во себе Несместливиот. Онаа, која ќе биде удостоена да биде мајка на Синот Божји. Мајка на Оној, Кој, вооплотувајќи се на земјата, родот човечки го искупи од гревот и го спаси од вечниот погибел. Се родила на земјата онаа, којашто станала почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите. Поради нејзината чистота и духовна убавина, ќе биде прославувана во сите векови од верните христијански срца.
Денеска торжествено го прославуваме нејзиното рождество. Денеска во неа сите ние имаме небесна мајка. Мајка на сите синови на светата Христова црква. Ако Синот нејзин, Господ Исус Христос, според зборовите на Светото писмо, не се срами да нè нарече Свои браќа, тогаш, како таа да не се нарече мајка на православните деца на светата Црква? Ако ние се соединуваме со Божествените тајни на Телото и Крвта на нејзиниот Син, како тогаш таа да не ни биде и нам мајка? Ние ликуваме на прославата на нејзините празници, знаејќи дека во нејзиното лице секогаш имаме небесна покровителка, молитвеница и застапница во сите наши нужди, беди и разни неприлики. Знаеме и веруваме дека ниту една нејзина молитва пред лицето на нејзиниот Син, не може да остане неуслишана. „Многу помагаат мајчинските молитви пред лицето на Небесниот Владика“. Така, во нашите молитви, исповеда Православната вера и нашата света Црква. И ние, со детска љубов и со радост се обраќаме кон неа со нашите молитви.
Молејќи ѝ се на нашата небесна Мајка, за наше избавување од телесните болести, страдања и просејќи простување за нашите престапи, не треба да заборавиме дека сите земни потреби, сè што е овоземно, сето тоа е времено и потребно ни е само до смртниот час. Но, има друго богатство, богатство нетлено, а тоа е вечноста. Богатството да живееме во царството небесно во општење со нашиот Господ. Тоа значи духовно совршенство, коешто сите ние должни сме да го достигнеме. Не треба да заборавиме дека св. Богородица ни помага и во земниот живот. Ни помага да ги пребродуваме маките и страдањата, но таа, повеќе од сè, сака да се најдеме во небесните вечни блага и во вечниот живот. Треба да знаеме дека почитта земна, здравјето, болеста, богатството, бедата и понижувањето, сето тоа е средство со кое нашиот Небесен Отец се ползува да нè постави на патот на спасението и да нè воведе кон вечното спасение. Затоа, не секогаш, нашиот Небесен Отец не брза да ги исполни нашите прозби, со кои ние Му се обраќаме. Не затоа што Он не ги слуша, но затоа што Он, како Премудар и Оној Кој сè гледа, знае што е полезно, а што не за нашето спасение, за спасението на нашите грешни души. Он може да нè обдари со многубројните Негови земни блага, но, Он знае дека ако ни даде сè, како многумина од нас, ќе загинеме во нашите гревови и, целосно, со нашите срца, ќе се прилепиме кон тие земни блага. Нашиот Господ знае што ни е потребно, а што ни е штетно и погубно за нашиот вечен живот.
Многу векови пред Христовото раѓање, синовите на праотецот Јаков, го продале во ропство својот роден брат Јосиф. Колкав престап било тоа! Горко плачел стариот татко кога слушнал за загубата на своето најмало чедо. Поминале многу години. Браќата на Јосиф дошле во земјата во којашто се наоѓал нивниот брат. Дошле во земјата каде што го продале како роб. Но, сега тој стекнал голема почит и чест, затоа што ја стекнал довербата и честа фараонова. Таму побарале леб бидејќи настанал глад во нивната земја. Кога Јосиф им помогнал на своите браќа и на својот татко кои се наоѓале во тешка положба, браќата паднале на колена пред него и побарале прошка. Јосиф им дал простување од сето срце, но не ги задржал и своите солзи па им рекол: „А сега, пак, не жалостете се ниту да жалите што ме продадовте ваму, оти Бог ме прати мене пред вас, за да го запази животот ваш“ (1. Мој. 45,5).
Еве како Бог устројува за наше добро. Преку пророкот Исаија вели: „Моите мисли не се ваши мисли, ниту вашите патишта се Мои патишта… Но, како што е небото повисоко од земјата, така се и Моите патишта повисоки од вашите патишта, и мислите Мои повисоко од вашите мисли“ (Иса. 55,8-9).
Сите празници на Пресвета Богородица силно им зборуваат на нашите души дека должни сме да бидеме вистински христијани и верни деца на нашиот Небесен Отец. Нè вика да одиме по Него и да ги исполнуваме Неговите заповеди. Нè вика кон Себе за да ги спасуваме нашите души и нè чека како Негови деца. По молитвите на Пресвета Богородица, да бидеме вистински чеда на нашата света Црква. Амин!