Серадосна прослава на Рождеството на Пресвета Богородица

„Овој ден е Господов“, вели црковниот поет, и затоа „луѓе, радувајте се, зашто палатата на Светлината и книгата на словото на животот од утробата произлезе“. Раѓањето на Пресвета Богородица од престарените Јоаким и Ана, е објавување на радоста на целиот свет, бидејќи неплодноста на нашата природа се разрешува, зашто неплодната станува мајка на Онаа, Која и по раѓањето на Животодавецот останува Девојка.

Сеопштата радост од раѓањето на Богородица и „на животот наш Хранителката“ денес посебно заблеска со сета своја полнота. Вчерашното торжество во Обителта Пречистанска продолжи со удвоена убавина на денешната света архиерејска Литургија, чиноначалствувана од нашиот возљубен архипастир, митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение со духовенството од нашата епархија. Среде големото мноштво поклоници изобилно се чувствуваше Божествената благопријатна миризба од цветот на неплодната Ана – Богородица, Која на љубовта од верните возврати со благодатна мајчинска прегратка. Збогатувајќи ја, пак, сеопштата духовна наслада, Митрополитот Тимотеј ни говереше и денес за величието на сегашното празнување.

По завршувањето на Божествената Евхаристија, владиката со своето свештенство го изврши чинот на осветување на новата манастирската штала, подигната од монашки раце, со пожртвуваниот труд на верните љубители на Пречистанската светиња.

Со не помала радост денешното Богородично празненство беше прославено и во храмот на Богоблагословената во село Ростуше, каде беше отслужена Света Литургија од бигорските јеромонаси и јероѓакони и дебарскиот парохиски свештеник, со молитвено учество на благочестивите ростушани и притекнатите верници.

Исто така, дел од бигорското братство учествуваше во денешното торжеството во Манастирот на Богомајката во с. Манастирец, Македонски Брод, каде заедно со домаќинот, отец Бенедикт, и надојдените поклоници молитвено го прославија Раѓањето на Пречистата.

Дојдете, верни, во Духот Божествен радувајќи се, со песни почит да ѝ оддадеме на Приснодева, Која, како дете, денес се роди од жена неплодна, заради спасение на луѓето.