(Видео) Монашење во Пречиста

Има ли некој што Го возљубил Бога повеќе од Онаа, чие Рождество сега го воспеваме? Но има ли и таков кого Бог го засакал повеќе од Неа? Кое друго Божјо битие е почисто од Неа, или еднакво со Неа, или е макар приближно како Неа? Пречистата Богомајка. Образ, идеал, совршенство на љубовта Божја. И бидејќи таква, пример е на совршенство за секоја душа, којашто целосно се предала на копнежот да го подражава нејзиниот свет девственички живот, во смирение и постојана заедница со Бога. Како што пишува Божествениот Григориј Палама: „Додека (Богородица) престојувала таму (во Светињата на светињите), ослободувајќи се од сите вештествени зависности, ја отфрлала секоја (земска) поврзаност и бидејќи го надминала и (природното) сочувство кон телото, го собрала својот ум, насочувајќи го кон Него Самиот, со внимание и непрестајна Божествена молитва. И со тоа, откако станала господарка на самата себеси и се воздигнала над могуразличните мноштва помисли, со прости зборови, над секој облик,  создала нов, неискажлив пат кон небото, којшто би можел да се нарече умствено тихование. Имајќи го својот умот приврзан за тихувањето, се воздигнала над сите тие (земски) работи и подобро од Мојсеја ја видела славата Божја и ја согледала Божествената благодат, која во никој случај не може да биде достапна за сетилата, туку претставува себлажено и свештено согледување, достапно само на луѓето со чисти умови и души“.

И ете, таа пресвета наша Мајка, во својата голема Светиња, Пречистанската Обител кај Кичево, си избрала за себе такви чисти души, коишто, имајќи ја нејзината непрестајна мајчинска грижа, ќе се трудат да го последуваат нејзиниот Божествен живот во Светињата на светиите. Вечерва, на празникот на своето раѓање од светите праведни богоотци Јоаким и Ана, Таа го испрати мајчинскиот благослов, првпат после 54 години, за рамноангелен монашки живот на нашите сестри Весна од Охрид и Весне од Прилеп, кои примајќи свет монашки потстриг од рацете на нашиот почитуван владика, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, ги понесоа новите имиња Февронија и Пелагија, примајќи го призивот да се огледаат на житијата на истоимените светителки. Како новонасадени фиданки во Пречистанската Богородична градина, богомудро одгледани од недремливата грижа на нашиот сакан Старец, Архимандрит Партениј, и добро утврдени во подвигот од неговите животворни поуки и пример, денес расцутеа со сета убавина на своите монашки души. Овие први цветови на послушност, смирение, целомудрие и целосно распнување за светот, како верни невести Му се предадоа на својот возљубен Младоженец, барајќи од Него да не ги лишува никогаш од Своите благодатни сили и да ги води низ сите подвизи, тешки бури и искушенија до мирното пристаниште на Неговото царство на радоста. А во преукрасениот и со богољубиви души преполн храм, како во Христовата брачна одаја, за верните беше приготвена слатка духовна трпеза, каде тие неизмерно се насладуваа од прекрасното пеење на монашките хорови, овој пат достоинствено збогатени од  прекрасниот глас на нашите скапоцени гости, монасите Јован и Ефрем од манастирот на Пресвета Богородица – Хаматура во Либан. Беше тоа навистина едно серадосно доживување – да се слави Бога и Неговата Пречиста Мајка на славјански и арапски јазик, слеани и двата во една благодарствена симфонија.

А нашиот возљубен архипастир не изостави и овој пат да ги надгради нашите души со своето празнично слово, во чест на Онаа, Која со своето Рождество радост на целата вселена ѝ донесе.