Благословениот пород на праведните Јоаким и Ана

Слово на Неговото Високопреосвештенство, Митрополит Тимотеј, изговорено на вечерната богослужба по повод Рождеството на Пресвета Богородица, во Манастирот Пречиста Кичевска

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!

Драги браќа и сестри,

Дали човечкиот разум и ум може да го сфати торжеството со коешто се избавува човечкиот род од смртта и од проклетството и се соединува со својот небесен Отец? Да се вратиме малку во историјата на овој празник. Семилостивиот Бог, уште преку старозаветните патријарси, го наговестувал доаѓањето на Месијата, преку Кој, ќе го избави Израилскиот народ, а покрај Избраниот народ, и сите луѓе. Тоа било причината, кај Еврејскиот народ, сите бракови, коишто немале пород, да се сметаат како нечесни, неправедни и брачните другари како големи грешници. Поради нивните наводни гревови и престапи, ете, и Бог, ги казнува да немаат пород. Кога, пак, немаат пород, тие не можат да бидат оние, преку кои, треба да дојде Искупителот и Месијата на родот човечки.

На многу места во Стариот завет имаме укажувања дека Бог понекогаш давал пород на праведници, во години кога според сите физички и биолошки закони, тоа е невозможно. Ќе ги споменеме Авраам и Сара, Захариј и Елисавета, но тие не се единствените.

Денеска, пак, ние го прославуваме раѓањето на Света Дева Марија од престари родители, односно од праведните Јоаким и Ана. Иако живееле свет и праведен живот, сепак, дочекале стари години, без пород. Ги поднесувале сите непријатности кои ги носел животот и истите достоинствено ги поднесувале како Божји дар, односно, крст којшто требало да го носат. Од житијата на овие праведни души, знаеме за еден настан, кога свештеникот во Ерусалимскиот храм, не сакал да го прими дарот за жртва, принесен од праведниот Јоаким, поради тоа што бил бездетен. Оваа навреда, овој презир, длабоко ги погодила обајцата праведници. После ова нивните молитви биле уште посилни, Бог да се смилува над нив и да го отстрани овој срам и презир, кој народот го имал кон нив. Бог ја услишил нивната молитва и преку архангелот Гаврил им ја пренел радосната вест. Веста дека ќе добијат дете, коешто ќе го наречат Марија. Така и се случило. На стари години ја добиваат својата рожба, а преку тоа бил симнат презирот, подбивањето и потценувањето од народот. Исто така, ангелот им кажал дека нивната рожба ќе биде прославувана од сите народи. Поради нејзината чистота, девственост и послушност, најпрво во храмот Ерусалимски, а потоа и во Јосифовиот дом, Света Дева Марија ќе биде удостоена да Го донесе на светов, Месијата и Искупителот на родот човечки. Затоа, Света Дева Марија ја славиме како почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите.

И ние вечерва, кои присуствуваме на оваа вечерна богослужба, со сето срце да се обратиме кон овој величествен празник, Да се обратиме кон милосрдието Божјо, коешто повторно и повторно нè враќа кон патот на спасението. Господ го благослови тоа рождество и ги избра Светите Јоаким и Ана, кои непорочно одеа по патот на заповедите Божји. Благослови пород на оние кои примаа сè без роптање, угодувајќи Му на Бога и покажувајќи во сè покорност и послушност на волјата Негова. Да просиме и молиме Семилостивиот Бог, преку нивните молитви да нè удостои да го славиме и прославуваме рождеството на мајката Божја, носејќи го достоинствено и вистински името христијанско.

Примерот на Света Ана и на Пресвета Богородица, со нивната послушност и исполнување на Божјите заповеди, нека бидат пример на подражавање и на сестрите коишто вечерва ги зедоа монашките завети. Та и тие, во послушност и покорност на Словото Божјо, да го носат нивниот подвижнички живот за прослава на Бога, за достоинството на оваа света обител, а најважно, и пред сè, за спасението на нивните души.

Пресвета Богородице, спаси не!