Убавината ќе го спаси светот

Од поново време, Достоевски важи за најслаткоречивиот апостол на Ликот Христов. Ликот Христов е единствената Светлост за целата темнина, во којашто може да западне човечкиот род; Он е единствениот излез од смртта, единствена утеха за сите страдања, единствен патоказ за сите заблуди. „Ние на земјата навистина лутаме“, вели Достоевски, „и кога пред нас, не би бил драгоцениот Лик Христов, ние би се изгубиле и сосема би заблуделе, онака како што му се случи на човечкиот род пред потопот.“
Човечката совест, сама по себе, не е непогрешливо мерило за доброто и злото, ниту, пак, сигурен патоказ низ животот. Достоевски пишува: „Совеста без Бога е ужас. Таа може да залута во краен неморал. Човекот, постојано на себеси треба да си поставува прашања: „Дали моите убедувања се вистинити?“ А за нив, постои една и единствена проверка – Христос“. „Ако немаме авторитет во верата и во Христа, тогаш, кој знае каде би залутале. Христос за мене е морален образец и идеал.“
Во светот на нашите трагични земни релативности, Достоевски е боговдахнат апостол на апсолутната Убавина. „Убавината е идеал“, вели тој. „Но, идеалите кај нас и во цивилизираната Европа, одамна се поколебаа. Во светот постои само една единствена појава за апсолутната убавина: Христос. Таа бескрајно прекрасна појава, се разбира е бескрајно чудо. Целото евангелие на светиот ап. Јован е исполнето со таа мисла: Јован го гледа чудото на Овоплотувањето, видливата појава на Прекрасниот“. „Убавината ќе го спаси светот“, велел Достоевски. Без сомнение, апсолутната убавина е Христос – овоплотениот Бог Логос.
Во Православието, божествениот лик Христов е сè. „Вдлабочете се во Православието“ – вели Достоевски. „Тоа не е само црковност и обред; тоа е живо чувство. Таму се наоѓа Ликот Христов“. Сѐ што е православно, таинствено зрачи со благата светлост на Христовиот Лик. Словенскиот апостол вели: „Ликот Христов, во сета своја чистота, се сочувал во Православието“.
Јас не познавам пократка и поцелосна дефиниција за Православието од оваа. Само пророк со божествена вдахновеност, може сите Евангелија и сите Православни преданија да ги сведе на Ликот Христов и од Него да изведе сѐ што му е потребно на небото и на земјата, на човекот и човештвото. Живеејќи со Ликот Христов и чувајќи ги сите Негови вечни и раскошни дарови, православието ги дава решенијата за сите лични проблеми. Достоевски тврди: „сите тајни на личноста, за тоа како да се доведеме себеси до совршенство, дадени се во православието и во неговата дисциплина: самоусовршувањето.
Во тајната на личноста е и тајната на заедницата. Оној, што ќе го реши проблемот на личноста, ќе го реши и проблемот на заедницата. Тоа е богомудро изречено од нашиот словенски писател, кој силно благовести: „Личното самоусовршување не е само почеток на сѐ, туку и продолжение и крај на сѐ“. Но ова лично самоусовршување е возможно, само ако се верува во бесмртноста на душата и во нејзината таинствена врска со Бога. Идејата за личното самоусовршување „произлегува од фактот дека човекот е таинствено врзан со други светови – со вечноста“. Најдобра подготовка за личното самоусовршување, имаме во светиите. „Светиите светат“, вели Достоевски, „и ни го осветлуваат патот на сите нас“. Тие се „позитивни карактери на неискажливата моќ и убавина“. Тие се идеал за сѐ; тие за нас – блудните синови, претставуваат патеводители.
Во својата пророчка визија, Достоевски ги гледа сите луѓе од сите времиња судбоносно поврзани помеѓу себе. На таинствен, но сосема реален начин, сите луѓе се во секој човек и секој човек е во сите луѓе. Оттука е и одговорноста на човекот за сѐ и за секој на земјата. Достоевски учи: „Секој од нас несомнено е одговорен за сѐ и за секој на земјата. Ова сознание е круна на животот за секој човек на земјата“. Човекот е вистински човек, кога туѓите гревови ги чувствува како свои и кога се кае за нив. „Еден е патот на спасението.“ – благовести Достоевски: „од себеси да се направи одговорна личност за сиот човечки грев. Тоа, всушност е така, зашто кога човекот себеси искрено ќе се чувствува одговорен за сѐ и за сите, во истиот тој час ќе сфати дека всушност така и е, и дека тој навистина е одговорен за сѐ и за секого“.
На прашањето, како се доаѓа до убедување дека Бог и бесмртноста на душата се две највисоки вредности, Достоевски одговара: „Со љубовта! Грижете се активно и неуморно да ги љубите своите ближни. Доколку напредувате во љубовта, ќе напредувате и во ова убедување. Ако, пак, во љубовта кон ближните дојдете до потполно самоодрекување, тогаш непоколебливо ќе поверувате и никаков сомнеж не ќе може да се вовлече во вашата душа“. Каде што е мала љубовта, мала е и верата во Бога и во бесмртноста на душата. Каде што нема љубов, таму постои потполн мрак на неверие, а тоа значи пекол. „Бидејќи, што е пеколот?“, прашува Достоевски и истовремено одговара: „Пеколот е страдање поради отсуството на љубовта“.
Со љубовта се открива не само тајната за Бога и за бесмртноста на душата, туку и за секое создание воопшто. „Љубете ги сите созданија Божји.“ – советува Достоевски „Сите созданија и секое зрно песок. Секое ливче, секој зрак Божји љубете го. Љубете ги животните, љубете ги билките, љубете го секое нешто. Ако го љубиш секое нешто, ќе ја достигнеш и тајната Божја во созданијата. Ако еднаш ја достигнеш, тогаш секој ден сѐ повеќе ќе ја запознаваш. И најпосле, сиот свет ќе го засакаш целосно, со тивка љубов “.
Овој апостол, кој силно Го возљубил Христа, благовести: „Изгубен на Западот, ликот Христов целосно и во сета светлост на чистотата Своја, се сочувал во Православието. Затоа ништо друго не е потребно, бидејќи Православието е сѐ“.