Успение

Смртта има многу имиња. Ја нарекуваме различно, според начинот на кој настапува, според ситуацијата, според нашиот однос кон неа, според нејзиниот одраз во општеството. Дел од синонимите и еуфемизмите кои ги употребуваме се: кончина, гибел, свршеток, последен час, последен здив, вечен сон, упокоение. Смртта на Пресвета Богородица ја нарекуваме Успение. Отец Александар Шмеман вели дека во тој збор се обединуваат „и сонот и блаженството и мирот, и успокоението и радоста“. Го користиме овој поим и за некои светци, но во својата првична суштина тој е наменет за Божјата Мајка.

Зашто светоста на Богородица ја надвишува светоста на Светиите. Како што ја воспеваме како „почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите“, така и нејзината светост е неспоредлива со светоста на ниедно земно битие, недостижна и за најусрдните човечки подвизи.

Успението на Божјата Мајка ја носи во себе сладоста на сон по заморувачки ден. Носи невина чистота и блаженство на детски сон. Но пред сè, Богородичното Успение е смрт која веќе не е смрт, туку блажено преминување во вишиот свет.

Апостолот Петар кога зборува за смртта која му се приближува, го нарекува своето тело „телесна колиба“. Додека утробата која го носела Творецот на вселената, сместувалиштето на несместливиот Бог, ние ја нарекуваме „поширока од небесата“. Иако со благодарност ја восфалуваме дека преку Неа се отвори рајот, Таа е поголема од самиот рај. Нејзината смрт е Успение, зашто рајот се смести во Неа, а не Таа во рајот.

Додека го очекуваме празникот на Божјата Мајка, на средина на Богородичниот пост го празнуваме Преображението на нејзиниот Син. А Успението е друг образ на Преображението. Имено, Преображението ја прави смртта успение. Или, кажано на поинаков начин – смртта на преобразената личност е успение. Светоста ги преобразува и животот и смртта. Преобразената смрт е последица на преобразениот живот. Богородичното Успение е преминување во оној свет и онаа состојба, којашто ја покажал Христос со своето Преображение.

Успението е победената смрт, смрт на која и е одземена силата, смрт која веќе не е смрт, туку придобивка. Успението е совршениот плод на Воскресението.

Уште пред да се роди Спасителот, Архангел Гавриил ја нарекува Благодатна. Уште во денот на Благовештението, Архангелот вели дека Таа е благословена меѓу жените. Од тој ден, Таа покажува ревност да ја исполнува Божјата волја, колку и да е тешка, неверојатна и непоимлива таа.

Знаеме толку малку за Пресветата Дева. Освен Светото Писмо и Преданието, постојат многу легенди за нејзиниот живот. Тие можеби звучат убаво, но не се точни. Но од малкуте точни извори, го знаеме најважното – дека таа е воплотување на љубовта, како кон својот Син, така и кон сите Божји чеда. Од љубовта ѝ произлегуваат сите добродетели. Љубовта ѝ го раширила срцето. Љубовта е причината да се обраќаме кон неа со синовска доверба, да се повиваме во нејзината закрила, да ги просиме нејзините молитви, да ја примаме како наша мајка.

Најчесто е насликана со Богомладенецот, прилегнат во нејзиниот мајчински скут. Во тој лик е целата мајчинска нежност и топлина. Тука го гледаме и нејзиниот шепот во кој е заслушан нејзиниот Син уште како бебе. Прегратката меѓу Мајката и Синот нема да се раскине никогаш. Затоа на иконите на Успението ја гледаме Неа во прегратките на нејзиниот Син.

Тој, Кој се роди од Пресветата Дева, го измина Својот земен пат, проповедајќи ја Благата вест, исцелувајќи ги болните и куците, утешувајќи ги оние кои страдаат, минувајќи го крстниот пат кон крвавата Голгота. А Неа ја гледаме таму, под Неговиот крст, облеана во солзи, во безгласно ридание, потопена во својата тага. Под Крстот се случува нејзиното преображение. Таа таму ги слуша последните зборови на нејзиниот распнат Син, со кои Тој ја доверува на грижа на Својот омилен ученик Јован.

Таму, покрај него, Таа го минува целиот живот и веројатно во неговиот дом настапил и нејзиниот последен земен час, кого ние го нарекуваме Успение. Кога нејзиниот Син ја повикал при Себе, Таа веројатно ги повторила истите зборови, со кои му одговорила на Архангелот Гавриил: „Еве ја слугинката Господова, нека биде според зборовите твои “. И заспала.

Успение.

Оттогаш непрестајно е будна, ги слуша нашите молитви и се застапува за нас пред својот Син.

Избор и превод на текст: Петко Костовски