Кога стапил на цариградскиот престол Лав Исавријанец, беше кренал гонење против иконите, мислејќи дека нивното почитување е идолопоклонство. Во тоа време многу православни владици и христијани пострадале од него затоа што му се противеле.
Кога чул за ова свети Јован Дамаскин, кој тогаш бил висок службеник при дворот на персискиот цар Амир, почнал да пишува книги и писма и ги испраќал по сета грчка земја, утврдувајќи ги православните во благочестие. Тој го учел народот да ја чува Христовата вера, да ги почитува светите икони и да им се клања. А кои не ги почитувале, ги нарекувал еретици и неверници.
Кога го дознал тоа царот иконоборец, многу се разгневил на Јована и намислил да го наклевети на царот Амир. За таа цел тој дошол до некое од неговите писма, потоа нашол човек што умеел да пишува исто како и Јован, па му заповедал да напише писмо кое божем Јован му го напишал на грчкиот цар, со кое го кани да ги нападне Агарјаните и да го заземе Дамаск.
Тоа писмо царот го испратил во Дамаск по еден човек заедно со свое писмо до персискиот цар, во кое му пишувал: ,,Царе Шамски Амире! Ти знаеш дека ние сме во големо пријателство, што нема никогаш да престане, но твојот ’верен’ Јован ме кани да кренам војска против тебе. За да се увериш, ти испраќам едно негово писмо“.
Кога ги примил тие две писма, Амир многу се разгневил, па го повикал Јована да му ги покаже. А свети Јован кога видел дека тоа е клевета од страна на иконоборецот, му рекол на царот: ,,Тој ракопис, иако личи на мојот, не е мој, царе! Никогаш јас не сум помислил такво нешто“. Но проклетиот варварин во својот гнев наредил веднаш да му ја отсечат десната рака што го посрамила неверниот цар, иконоборец. Џелатите му ја отсекле раката и ја закачиле на јавно место за да ја гледаат луѓето.
Откако се замрачило, свети Јован испратил луѓе до Амира и го молеле да му ја даде раката за да ја закопа в земја. На царот му поминал гневот и му ја дал раката. Свети Јован кога си ја зел раката, се затворил во својата соба, легнал на земја пред иконата на пресвета Богородица и со големи воздишки и солзи се молел: „Пресвета Владичице, пречиста Мајко на мојот Господ! Поради светите икони ми ја отсекоа раката. Ти знаеш колку е лукав царот Лав. Те молам, погледни на мене, излекувај ми ја раката. Десницата, на Вишниот, Кого ти Си го родила, многу чуда направила по твоите молитви. Помоли Го и сега за мојата десница. О Владичице, за да можам со неа да пишувам песни за твоја слава и за слава на Твојот Син“.
Молејќи се така, свети Јован задремал и ја видел Мајката Божја како му говори од иконата: „Еве, ти оздраве раката и не тажи за неа. Таа сега може да пишува како и порано, онака како што сакаше ти“. И навистина. кога се разбудил, ја видел раката здрава. Останал само белег како со конец да била стегната на местото каде што била пресечена. Тогаш тој им благодарил на Бога и на Мајката Божја за големата милост покажана кон него. Потоа, преку целата ноќ свети Јован пеел пофални песни и говорел:
„Десницата Твоја, Господи, се прослави во силата. Твојата силна десница ја излекува мојата болна рака и сите неверници што не ги почитуваат светите икони си ги поразил“.
Утредента сите што виделе дека раката му е здрава, многу се зачудиле. Кога тоа го разбрал тоа царот, го повикал Јована да му ја виде раката. Тој отишол кај царот и му ја покажал отсечената рака веќе здрава, на која имало белег како од црвен конец. Кога го видел тоа царот, го прашал кој доктор и со каков лек му ја исцелил раката? Свети Јован без да се плаши, му одговорил: „Бог, Кој може сè да направи, ми ја излекува, а не доктор“. Царот се уплашил и му рекол: „Опрости ми, пријателе, јас не знаев и затоа заповедав да ти направат зло. Но сега гледам дека ти си бил прав и затоа сакам да бидеш пак при мене и дури на уште повисока должност“. Свети Јован му заблагодарил и му рекол: „Те молам, да ме пуштиш да отидам да и служам на пресвета Богородица, која ми ја излекува раката“. Кога го чул тоа Амир, му одобрил да отиде каде што сака.
Потоа свети Јован го раздал целиот свој имот на сиромаси, ги отпуштил слугите и отишол во манастирот „Свети Сава“; таму се замонашил. Го дале на послушание кај еден старец, кој му заповедал без негова заповед да не работи ништо. Но, еден ден дошол при него некој човек и го замолил да му состави некоја духовна песна затоа што бил натажен поради смртта на брат му. Тој му испеал: „Всја суета человеческаја…“[1], тропар кој и денес се пее на опело. Кога чул старецот дека свети Јован пее без негова дозвола, го истерал од кај себе.
Потоа се јавила пресвета Дева Марија и му рекла на старецот: „Не затворај го тој чуден извор зашто тој ќе ја напои Црквата Христова со божествени пеени за да Го прослави Мојот Син и Мене“. Тогаш старецот му простил на свети Јован и му одобрил да се врати при него и да пишува песни за слава на Бога и на Неговите свети. Амин.
[1]. „Сè е човечка суета, она што не останува по смртта. Не останува богатството, ниту придружува славата; зашто кога ќе дојде смртта, сето тоа пропаѓа. Затоа да извикаме кон Христа – бесмртниот: преселениот од нас упокој го, кај што е живеалиштето иа сите оние што се веселат“ – самогласен тропар на 3 глас, што се пее на Опело.
Извадок од книгата: Животот и Чудата на Пресвета Богородица, Охрид 2006, 70-72