(Петти дел)
Возгордеаност против самиот Бог
На тој степен се издигнал самозаборавениот Деница. Но, таа висина дури и за него беше толку многу вртоглава, така да и самиот на неа не можеше да се задржи, па затоа се урна оттаму. Тој си велеше: „Ќе се искачам на небото, ќе го истакнам престолот свој погоре од Божјите ѕвезди… ќе бидам сличен на Севишниот“ (Иса. 14, 12-14). Но, таа гордост го урна на дното од пеколот. Со таква гордост сатаната ги прелажа и нашите прародители во рајот: „Ќе станете како богови…“ (1. Мој. 3, 5) – им рекол тој. И првите луѓе, тргнати по лажливиот пат на гордоста, паднаа, и тоа толку длабоко, што повеќе сами не можеа да станат, па затоа беше потребно Самиот Божји Син – Воплотената Љубов, да слезе на земјата, за да не искупи и спаси. „Ќе станете како богови“! Каква прекрасна и голема лага! Кој не би посакал да постане како бог! Но, несреќата е таму што ѓаволот не може да не направи како богови. Тој е и измамник! Неговите ветувања се празни! Прелажувајќи не на високо, тој не урива длабоко. Адам и Ева посакаа да постанат како богови. Но, што се случи? Во некој однос тие паднаа пониско дури и од животните. Посебно во историјата на нивните злочести потомци, јасно се гледа потврдата на таа жалосна вистина. И ете, од оној трагичен момент на паѓањето во рајот, луѓето постојано врват како слепи по патот на гордоста, постојано жеднеат за издигнување и постојано паѓаат. И колку повисоко да летаат, толку пониско се уриваат. Од безумната гордост произлегува целокупниот метеж во денешниот крвав свет. Оттаму се сите паѓања на модерниот човек. Колку писатели, колку филозофи, колку политичари, колку завојувачи во својата слепа гордост заборавиле дека сепак се само смртни луѓе, се зафатиле со дела кои се грандиозни и над нивните сили, започнале да изградуваат вавилонски кули, се возгордеале и против Самиот Бог, и својот тажен живот едни го завршиле во страшни болести, други во потполно разочарување, трети во крајно понижување, четврти во лудница, и сите заедно – во пеколот!
На горделивите Самиот Бог им се спротивставува (Јак. 4, 6). Гордиот дух секогаш противречи и од никого не сака да биде поучуван. Тој е деспотски расположен, крајно себељубив и жесток. За горделивиот подобро е да биде убиен, отколку да биде изобличен или понижен. Тој бара да му се даде раководство или првенство. Тој сака да биде како бог. „Како што кипарисот никогаш не ги наведнува своите гранки кон земјата, така и високоумниот инок (монах) не сака да има послушание“ – вели свети Јован Лествичник. Гордиот никогаш не се признава за виновен.
„Некој разумен старец при исповедта го советувал еден брат да не се гордее. А тој, умствено заслепен, му рекол: ’Прости ми отче, во мене нема гордост!’ Благоразумниот старец на тоа му одговорил: ’Па тогаш, со друго можеш ти, чедо, посилно и појасно да ја докажеш пред мене својата гордост, ако не со тие зборови: во мене нема гордост…?!“
Денешното паднато човештво не сака да ја признае гордоста за грев, туку ја смета дури за добродетел. Човештвото толку многу ги помешало сфаќањата, па затоа денес тоа се потсмева на смирението, а не на сатанската гордост. Потполно нормално се смета човекот денес да биде горд. Тоа му се вбројува во должност и пофалба. Човекот треба да го цени сопственото достоинство, да ја пази својата чест, да го заштитува своето “јас”. Но, зад сите тие зборови – чест, достоинство, самољубие, се крие бесовската гордост. Изобличете само еден таков рицар на ” благородното” самољубие во некој негов грев! Тој не може да ја поднесе таа навреда со христијанско смирение, па затоа веднаш ќе се озлоби и ќе зоврие. И во пламењата на неговиот “благороден гнев” ќе блесне ликот на неговата сатанска гордост. Ако гордоста беше со толку многу висок квалитет, тогаш зошто Господ Исус Христос никаде не рече: бидете како Мене горди! Заштитувајте ја својата чест!, туку напротив, Христос ни заповеда да го вршиме токму обратното: „Поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце“ (Матеј 11, 29). „Ако некој те удри по десниот образ, заврти му го и другиот“ (Матеј 5, 39). Гордоста е мрак. А мракот нема ништо заедничко со светлината.
Според зборовите на богомудриот Лествичник, за горделивиот нема потреба да биде искушуван од ѓаволот, „зашто самиот тој за себе постанал ѓавол и непријател“. Како што ѓаволот го сака злото, така и гордиот го заштитува порокот кој се крие во него. Гордиот не може да претрпи никакво изобличување. А по зборовите на свети Јован Лествичник, „оној, кој го отфрла изобличувањето, ја докажува својата љубов кон гревот“. Затоа денешното модерно и гордо човештво стигнало до големо паѓање, зашто со својата “благородна гордост” ги отфрлило сите поуки и зад својата чест ги сокрило сите свои бесчестија!
„На луѓето со возвишен дух, својствено им е да ги поднесуваат навредите благородно и возвишено, вели истиот свет отец. А, пак, гордите се неспокојни, со бунтовно настроени духови. Ако се им оди благопријатно, тие се превознесуваат до небесата. Ако ги снајдат несреќи, тие страшно роптаат и сите ги обвинуваат. Ако стигнат до пропаст, тие започнуваат да хулат дури и против Бога. Гордиот е богоборец, антихрист. Започнал со “невиното” славољубие, а може да стигне до целосно сатанизирање“.
Свети авва Доротеј ни раскажува за еден свој современик, манастирски брат, кој безумно тргнал по патот на гордоста и завршил со лудило. Најпрво, тој се возгордеал пред рамните на себе, и кога другите браќа ќе почнеле пред него да фалат некој друг, тој започнувал со понижувања кон него и велел: “Што претставува тој брат? Јас не признавам никого за достоен, освен Макариј!” По извесно време започнал да го осудува и Макариј: “Што, пак, претставува Макариј? Јас ги признавам за достојни само свети Василиј и свети Григориј”. Но и тука гордиот монах не запрел. Не поминало многу време, тој започнал и тие големи светители да ги понижува во своето срце и за духовни авторитети да ги признава само врховните апостоли Петар и Павле. Авва Доротеј, откако видел како во него се развива гордоста, му рекол: “Брате, ти наскоро ќе почнеш и светите апостоли да ги понижуваш”. Навистина, тоа и се случило. Гордиот брат започнал да зборува: “Па, што претставуваат Петар и Павле? Никој ништо не претставува освен Света Троица”. На крај, тој се возгордеал и против Самиот Бог и го загубил својот ум.
Вистинито зборува свети Јован Лествичник, дека „гордоста е отстапување од Бога, бесовски пронајдок, уништување на ближните, мајка на осудувањето, чедо на пофалбите, претеча на безумието, застапник на гревовите, причина за духовната парализа, извор на гневот… повод за немилосрдие, жесток законодавец, бесчовечен судија, противник на Бога и корен на хулењата“.
И во наши денови има многу луѓе кои се гордеат и против Самиот Бог и се осмелуваат да хулат против Неговото пресвето име. Не се ли тие луѓе богоборците и безбожниците, кои слично на безумниот од Псалтирот велат: “Нема Бог” (Псал. 13, 1)! Многу современи луѓе од глупава и слепа гордост не сакаат да бидат верници. Тие мислат дека е понижување да се смират пред Вистините на Православната вера. Не можејќи да ги поднесат потсмевањата на безбожниците дека верниците верувале во “басните на Црквата”, тие се објавуваат за неверници, за луѓе кои се ослободиле од сите предрасуди. А всушност, тие не забележуваат дека самите се покажуваат за луѓе, кои се ослободиле од секакво човечко размислување. Зашто верата е една од оние ретки квалитети кои го издигаат човекот високо над животните. Без вера човекот морално и духовно брзо пропаѓа и се претвора во бара од најсмрдливите пороци и гревови. Денешното бедно човештво, кое тргнало по најгубителниот пат – по патот на гордото безбожие, само го потпомага доаѓањето на апокалиптичните стравотии, кои ќе се истурат врз него заради неговото отстапување од Православната вера, заради безбожието, заради порочноста и сатанската гордост.
(Продолжува…)
Извадок од книгата: Архимандрит Серафим, Гордост и смирение, Брегалничка епархија, Штип 1995, 26-30