Гордост и Смирение IV дел – Надменост

Надменост

           Вториот степен на гордоста е надменоста. Надмениот човек од сатаната е поставен на повисока скала, отколку славољубивиот. Затоа тука и задоволството е поголемо, но и замаеноста на главата од големата височина е позначајна. Надменоста се раѓа од славољубието, така како што пеперутката се раѓа од гасеницата. Ако славољубието се задоволува со лазење, надменоста веќе високо лета како пеперутката. Славољубивиот човек се задоволува само со тоа што му се допаѓа се во себе, а надмениот толку многу е вљубен во себе, така што, не само што бескрајно е вљубен во своите квалитети, туку ништо не му се допаѓа кај другите. Тој самиот за себе мисли дека е најумен, најдостоен, најсовршен. Славољубивиот чека само пофалби и со нив се насладува, а надмениот не знае на што повеќе да се радува: дали на пофалбите кои се упатени на негова адреса, или на понижувањата кои тој ги испраќа кон другите. Славољубивиот се чувствува убаво и во тесниот круг на своите лажни пријатели и ласкатели. Ако нема такви, тој се насладува дури и од пофалбите кои самиот си ги упатува: “Погледни, колку си убав! Каков став имаш! Каков накит носиш! Колку убаво пееш…” Надмениот не е задоволен од сознанието за својата супериорност. Тој не се наситува и од признанијата од своите ближни. Тој сака поширока популарност. Тој сака да блеска, да сјае, да биде почитуван од сите. И бидејќи гледа дека надменоста на другите ги стеснува полетите на неговата надменост, тогаш започнува во нив се да осудува. Ако во некој свој непријател забележи пороци, ги изобличува, жестоко ги критикува и ги покажува јавно пред сите. И тогаш тајниот јазик на неговата постапка е овој: “Погледајте, каков е оној! Колку се лоши неговите дела! Колку е ниска неговата душа! Јас не сум таков!” Ако тој во својот непријател забележи добродетели, не само што не се поклонува пред нив, туку и ги исмејува со иронија на омраза. Ако неговиот непријател е даровит и истакнат, тој ќе го нарече суетен и славољубив. Ако е набожен, ќе го претстави како лицемер. Ако е штедлив и скромен во својата облека, ќе го нарече скржавец. Ако е естетик и убаво се облекува, ќе го нарече дотеран и елегантен.

           При сето тоа надмениот ќе посакува и другите да се согласуваат со него. Славољубието е покусогледо и затоа се задоволува само со тоа, кога ги гледа своите достоинства и собира пофалби за нив. Надменоста е подалеку гледа. Таа не трпи ништо, што би ја засенувало. Славољубивиот доживува помалку горчини, отколку надмениот. За славољубивиот казната повеќе е скриена зад грбот, а за надмениот маката од надменоста започнува уште тука, на земјата. Со надменоста најчесто е сврзана зависта. А зависта во себе носи своја казна. Надмениот е и гневен. А гневот само го разгорува огнот на своето страдање. Надменоста се запалува од пеколните пламења. Таа на жртвите им ветува големи сладости, вртоглави опивања, издигнување во очите на другите, но во суштина не води во срам пред мудрите луѓе и целосно отфрлање од страна на Бога. Надмениот човек, колку и да е умен во своите очи, во суштина е жалосен безумник. Тој мисли дека за задоволување на својата надменост ќе пронајде висока сласт за својата душа, но всушност, како со некое наркотично средство, како со опиум, преку надменоста самиот се труе. Колку беспокојства, колку тревоги, колку зовриени страсти ќе откриете во душата на надмениот честољубец! Тој мисли дека за се е во право. Но, зарем сите во светот можат да бидат во се согласни со него? И ете, штом ќе слушне противречности, тој зоврива и почнува да страда. Тој е вљубен во себе, и од другите посакува да го почитуваат. Да му се восхитуваат. Но, може ли тој од сите луѓе да направи свои почитувачи? Многумина започнуваат да го критикуваат, некои дури и да го изобличуваат. А сето тоа тој не може да го поднесува и започнува неподносливо да страда. Безбројни се страданијата на безумната надменост уште тука на земјата, но бескрајно повеќе се страдањата и зад гробот. Секој, кој се превознесува, ќе биде понизен, вели Спасителот. За надменоста небесното правосудие ја избрало најстрашната казна – понижувањето, и тоа вечното и бескрајното понижување.

           Надменоста е сатанско својство. Како што ѓаволот наоѓа некакви наслади во тоа што причинува жалости и несреќи помеѓу луѓето, така и надмениот настојува преку омаловажувањето, осудувањето, обесчествувањето на другите, единствено тој да остане со почит помеѓу луѓето. Надменоста сама себе се велича. Така и фарисејот се величаше во храмот и го осудуваше раскајаниот митар. Таа не трпи туѓи мислења, не сака да трпи критики за себе. Надмениот ги гледа само своите достоинства и се натценува. За другите тој зборува гордо, понекогаш благонаклоно, ретко снисходливо, а најчесто со презир. Рамните на себе тој ги поставува под себе. Кон поневажните е груб и жесток. А понадарените, поважните и поиздигнатите од него снисходливо и милостиво ги оценува, но ако се впушти во поотворен разговор со вас, ќе видите, дека, сепак, помеѓу сите нив тој самиот се поставува на прво место. Се разбира, и во надменоста има различни степени и нијанси. Некој е помалку надмен, а друг, пак, гори од себе-превознесување. Еден чувствува дека надменоста е порок, но е бессилен и со слаба волја да се бори со него, па затоа вешто го прикрива. А друг, пак, е безобразно надмен. Тука важна улога играат степенот на умствениот развиток, образованието и општата култура на човекот. Простиот човек е глупаво надмен. Културниот е карактеристично и специфично надмен, ако може така да се каже. Простиот со тебе ќе се скара највулгарно, ако му противречиш или во нешто го изобличуваш. А културниот ќе настојува да те покори под себе преку некои свои квалитети, ќе те придобие како полтрон за своето славољубие. Но, и културниот човек под влијание на распламтената гордост во него, може да прибегне кон грубите средства на простиот. Страста во основата и тука и таму си останува една и иста. Таа е слична на змија, ако ја нагазиш ќе те касне!

           Во онаа средина, каде што се поставени на разгледување некои општи прашања, надмениот се открива по тоа што само тој сака да го наметнува своето мислење. Тој постојано е подготвен да им противречи на другите, постојано открива што да проговори, во критиките е голем мајстор, а страшно се навредува кога токму него го критикуваат или нему му противречат. Надмениот ужива кога се потсмева. Тој секогаш пронајдува нешто смешано во другите, а особено недостатоците на туѓите карактери се посакуван залак за неговата нечиста уста. Ако, пак, нема што да возврати против некој беспрекорен човек, тогаш почнува да се потсмева на неговиот долг или крив нос. Надмениот човек во својата гордост може да израсте дотаму, па да почне да хули за се околу себе, освен за него лично.

           Надменоста ги прави луѓето да бидат зли, недружељубиви, кавгаџии, паметозлобни, гневливи, немилостиви и вечно исполнети со омраза. Пронајдете двајца горделивци да живеат заедно! Ставете ги во широка и убава палата! И во тие широки сали ќе им биде тесно! Тие нема да можат еден со друг да се поднесуваат. Постојано ќе се караат. Секој еден од нив ќе смета дека тој е во право. Два остри камења брашно не мелат. Надмениот никогаш не се прекорува. Дајте му некој убав совет! Тој нема да го исполни. Ќе постапи по своја волја па макар и големи несреќи да предизвика таа негова неразумна постапка. Надменоста предизвикува метеж во тивките семејства, ги растројува селата, ги расипува седенките, свадбите и луѓето, ги бунтува градовите, го запалува целиот свет и ги настројува сите против сите. Ништо не го разрушува дружељубивиот живот и општествениот поредок, освен надменоста. Таа разединува, зашто во неа нема ниту смирение, ниту љубов, коишто единствено соединуваат, спојуваат и изградуваат. Секој надмен човек за себе претставува нешто како мал бог. И како што на божеството му се оддава посебно внимание и почит, така и надмениот од сите посакува жртви и почитувања кон неговата личност, без да се чувствува некому должен во нешто. Таквиот човек, ако крајно се зацврсти во тоа свое погубително себепревознесување, може лесно да стигне и до третиот и најстрашен степен на гордоста, а тоа е: Возгордеаност против самиот Бог.
 


Извадок од книгата: Архимандрит Серафим, Гордост и смирение, Брегалничка епархија, Штип 1995, 22-26