Гордост и Смирение III дел – Борба со славољубието

Борба со славољубието

           Невидливиот поттикнувач на славољубивите помисли во нас е изумителот на гордоста, нашиот непомирлив непријател – ѓаволот. Тој им сугерира на лесно-мислените ласкатели со пријатни пофалби да го скокоткаат слухот на славољубивите души, било за да искористат некои лични интереси, било за да им напакостат на суетните славољупци. Но, има пофалби кои излегуваат од добри и исполнети со љубов, но непросветени срца. Еден вистински и просветен христијанин, кој знае какви опустошувања може да направи во славољубивата душа само со една пофалба, тој нема никогаш да си дозволи да и ласка и да ја поттикнува кон славољубие. Ние честопати си ласкаме еден на друг, било со желба да постанеме некому пријатни, било од суетна желба сами да примиме во одговор пофалба за себе, или затоа што не ги разбираме специфичностите на духовниот живот и опасностите од славољубието.

           Господ честопати од нашите очи ги сокрива и оние добродетели кои ние веќе сме ги стекнале, а ласкателот, поточно измамникот, преку пофалбата која ни ја испраќа, ги отвора нашите очи. А кога тие ќе се отворат, целата ризница на нашите добродетели исчезнува. Така вели свети Јован Лествичник. Според неговите зборови, ласкателот е служител на бесовите, раководител кон гордоста, уништувач на срдечната милост, погубувач на добродетелите и заблудувач од вистинскиот пат. Потполно е во право светиот пророк Исаиј кога вели дека оние, кои не ублажуваат, всушност не заблудуваат.

           Но, како да се бориме со тоа славољубие, кое така лесно проникнува во нашите души и кое толку многу ги насладува нашите суетни срца? Кога ќе слушнеме за себе некоја пофалба, по советите на светите Отци, треба веднаш да си спомнеме за нашите беззаконија и гревови, и во истиот момент ќе не смири сознанието дека луѓето не фалат затоа што не ја познаваат сета наша духовна бедност. Дури тогаш во нас може да се јави спасителното чувство, дека ние не заслужуваме пофалби, туку прекори, казни и понижувања. Мислата за страшниот Божји суд, на кој ќе се откријат сите наши тајни дела и ќе бидат осудени сите наши срамни гревови, многу брзо ги прогонува славољубивите стремежи од нашите души. Стравот Божји е најсилниот непријател против славољубието.

           Ако, пак, славољубието во нас се раѓа без влијание на пофалбите кои доаѓаат однадвор, туку тоа блика од длабочината на нашето расипано срце и со ласкав глас ни шепнува: „Погледај, колку умно постапи! Погледај, колку добар се покажа! Погледај, колку мудро раскажа! “, тогаш, според зборовите на светиот епископ Теофан Затворник, треба веднаш да започнеме со борба против тоа славољубиво чувство, кое изникнува во нашата душа. Борете се и ќе победите! – вели тој. Прво, што треба да се направи, е да сознаете и почувствувате дека таа помисла (славољубието) е непријател на душата. После тоа, штом ќе се појави непријателот, побрзајте да го повикате тоа сознание и тоа чувство, кое е спротивно на славољубието (смирението). Тоа бездруго ќе застане во непријателство кон славољубието, и тоа непријателство ќе го одбие. Да се почувствува непријателство кон славољубивите помисли, е исто како да го удрите некого силно во градите. Оној кој е силно удрен во градите паѓа на земјата, а помислата, поразена од непријателството, бега надвор од душата.

           Покрај сето тоа, разумното сознавање, што сме покажале ние од себе, колку малку сме извршиле, и колку многу уште ни претстои да постигнеме, може да не смири и вразуми. Ако направиш нешто добро, не советува свети Димитриј Ростовски, пази се од само пофалби! Штом ќе се пофалиш, сето она, кое си го стекнал преку труд, одеднаш ќе го изгубиш преку славољубието и Божјата благодат ќе те остави. Зашто од пофалбата се раѓа себепревознесување, од себепревознесувањето паѓање, а од паѓањето богооддалеченост. Затоа поубаво е ништо славно да не направиш во светот, отколку преку извршувањето да се превозвишиш. Пред Бога подобар е смирениот грешник, отколку горделивиот праведник. Премудриот Соломон вели: Секој горделив по срце е одвратен пред Господа: можеш да потврдиш, дека тој нема да остане неказнет (Изрек. 16, 5).

           Славољубието се прогонува со вистинското и длабоко себепознавање. Зошто, обично, ние се фалиме? Затоа што се израмнуваме со оние кои се поневажни од нас. Но, ако се споредиме со поважните од нас, колку понесреќни, полоши, понерасудливи и поглупави ќе се покажеме од нив! И токму тогаш во нас ќе се пресече поводот за суетната слава. Ако размислиме дали ние го извршуваме сето она, кое сме должни да го извршиме, и дали она малку добро кое сме го извршиле, сме го извршиле како што треба, тогаш ќе се убедиме дека и тука нема да пронајдеме никаква основа за нашето славољубие. Свети Димитриј Ростовски прекрасно зборува: Некои извршија многу добродетели, раздадоа имоти, оставија богатства, направија преславни нешта, го просветија светот, ги опаметија луѓето, спасија многу души и пак не се пофалија. А ти, кој не си извршил никакво добро и без да си направил некое богоугодно дело, всушност, безумно за ништо се фалиш. Впрочем, немој да се фалиш самиот, туку гледај дали Бог ќе те пофали. Зашто ако направиш нешто добро, и без твоја пофалба Бог за тоа добро дело ќе дознае. И, ако е Нему угодно, и без да сакаш ти, Он ќе те прослави Он нема да остави ниту еден без надоместок. На друго место свети Димитриј прекрасно се изразува со следната мисла: Ако ти самиот се фалиш, сите ќе почнат да те презираат. А ако самиот не се фалиш, Бог и сите луѓе ќе те пофалат. Ако за себе молчиш, Бог ќе проговори за тебе. Ако, пак, самиот се возвишуваш, Бог за тебе ќе премолчи и ќе те отфрли.

           Светиот пророк и цар Давид преку Светиот Дух изрекол прекрасни зборови, кои треба да се запомнат и често да ги повторуваат сите кои сакаат да се избават од славољубието. Во молитвен занес тој вели: Не нам, Господи, не нам, туку на Своето име дај му слава!(Псал. 113, 9). И Самиот Спасител не научил како да ја лекуваме болеста на славољубието: Кога исполните се, што ви е заповедано, речете: ние сме слуги негодни, оти го извршивме она, што бевме должни да го извршиме (Лука 17, 10). Од колку голема длабочина овде е пресечен коренот на славољубивоста со зборовите: кога исполните се! Кој од нас може да се пофали дека исполнил се? Никој! Секојпат во нешто, дури и во многу негата, искривуваме. И, ако е забрането и осудено славољубието дури и тогаш, кога се сме извршиле, колку повеќе за осудување е тоа, кога од ништо се раѓа нешто: од тоа дека сме кажале многу остроумна шега, од тоа дека убаво сме пееле, или од тоа дека алиштата ни се многу убаво сошиени и дека убаво ни стојат!

           Погледнато разумно и длабоко, човекот нема основа со ништо да се фали, зашто тој нема ништо свое; се му е дадено. Само гревовите се негови, зашто се извршени од него, без ничија туѓа помош. За добродетелите не може да се каже истото, зашто секое вистинско добро, кое е угодно на Бога, се извршува со Божја помош, со поткрепа на благодатта која ни се дава во светата тајна Крштение. Без мене, вели Спасителот, не можете да направите ништо (Јован 15, 5). Колку е длабоко христијанското Откровение! Тоа единствено не учи дека ние немаме дозвола да се превозвишуваме со своите добродетели, зашто сите тие се постигнати, навистина, не без учество на човечката слободна волја, но со силната поткрепа на Божјата благодат. Без таа благодат, и најграндиозните напори на нашата слободна волја не можат да не искачат до врвот на совршенството, на кој се издигнале светителите. Со тоа нивно христијанско сознавање, за кое светиот апостол Павле класично се изразува со зборовите: Со благодатта на Бога сум тоа што сум (1. Кор.15,10), се објаснува необичниот парадокс, дека оние, кои најмногу имале со што да се пофалат, кои достигнале целосна добродетелност, кои дури и чудеса правеле, се сметале за грешни и недостојни Божји слуги. Секое добро, кое тие го согледувале во себе, совршено правилно го припишувале како плод на Божјата благодат и помош.

           Срамно е да се превозвишуваш со туѓи украси, премудро зборува свети Јован Лествичник. А крајно безумство е да се гордееш со Божјите дарови. Сите заслуги што ги имаш, не се твои, туку ти се дадени од Бога, како и самото твое битие. Оние добродетели, кои си можел да ги извршиш без помош на разумот, само тие се твои, зашто и самиот разум ти е даден од Бога. Какви подвизи ти си можел да извршиш без помош на твоето тело, тогаш тие се само дело на твоите напори и грижи, зашто и самото тело не е твое, туку Божја творба. Не се надевај на своите дарови, додека од судијата не го слушнеш последното решение за тебе, односно кога во Евангелието гледаш пример за оној, кој бил дури и во свадбениот дом, но потоа бил врзан за рацете и нозете и фрлен во надворешната темница. Не ја возвишувај високо кон облаците својата глава, бидејќи си создаден од земја. Зашто некои, кон биле свети и бестелесни (се мисли на демоните) биле урнати од небото.

           Според сведоштвата на светите отци. Од славољубието не биле поштедени ниту големите Божји угодници. Свети Јован Лествичник ни раскажува за едно интересно духовно видение на еден прозорлив и свет маж, во кое е опишана со чудесна психолошка вистинитост, лукавата итрина на славољубивите искушенија, но и мудрата внимателност на подвижниците, кои се борат со славољубието.

           Еден од прозорливците еднаш видел таинствен настан, раскажува свети Јован Лествичник, и ми го раскажува мене. Еднаш, како што седев во братското собрание, зборуваше тој, при мене дојдоа два лоши духови – духот на славољубието и духот на гордоста, и седнаа од двете страни. Првиот од нив ме подбуцнуваше по слабината со прстот на славољубието и ме тераше да раскажувам пред браќата за некое свое видение, или за некој свој подвиг, кој веќе сум го извршил, кога бев во пустињата. Кога јас го избркав од себе, откако му реков: „Нека бидат вратени назад и нека бидат предадени на потсмев оние, кои ми сакаат зло(Псал. 39, 14), тогаш оној дух, кој седеше од левата страна, веднаш почна да ми шепоти на увото: „Прекрасно, прекрасно постапи! Голема пофалба заслужуваш за тоа, бидејќи го посрами мојот бесрамен татко – духот на славољубието“. А јас се обратив и кон него и му ги реков оние зборови, кои непосредно следуваат после кажаниот стих од Псалтирот: Веднаш да си го понесат својот срам оние, кои сакајќи да ми се наругаат, велат: Добро, добро! (Псал. 39,15).

           Ете како светите Отци се бореле против славољубието. Со своите поуки и примери тие не поучуваат како треба и ние да се бориме со таа опасна слабост на нашиот дух, за да се ослободиме, додека е време, од почетниот степен на погубителната гордост. Зашто, ако славољубието не биде искоренето од нашите души, како плевел брзо ќе порасне, ќе задуши се што е свето и добро и ќе премине во поголем стадиум на развиток, ќе застарее, ќе стане навика и, откако ќе ги роди плодовите на погубувањето, ќе се претвори во наша горчлива и вечна судбина.
 


Извадок од книгата: Архимандрит Серафим, Гордост и смирение, Брегалничка епархија, Штип 1995, 11-22