Гордост и Смирение (Вовед) – Првиот грев и првата добродетел

„Секој што се воздига, ќе биде понизен а кој се понизува, ќе биде воздигнат“ (Лука 18,14)

           Во животот, главно, постојат два пата. Едниот е широк и удобен. Тој води нагоре и го мами човекот кон вртоглави височини. Но, ако тргнеш по него, и самиот нема да почувствуваш како ќе паднеш во длабоките пеколни бездни. Тоа е патот на гордоста. Другиот пат е тесен, неудобен и трнлив. Тој слегува се подолу и подолу, минувајќи низ многу жалости и понижувања. Но, ако го избереш него, колку повеќе слегуваш надолу, толку повеќе ќе се издигаш со Божја помош, се додека неусетно не се искачиш до самите рајски височини. Тоа е патот на смирението. Колку парадоксално! Ако се издигаш по патеката на гордоста, ќе паднеш пониско и од животните! А, ако слегуваш по скалата на смирението, ќе станеш подобен на ангел и ќе се искачиш на небото! Парадоксално, но вистинито, зашто истото тоа го вели Самиот Спасител, Господ Исус Христос: Секој што се воздига, ќе биде понизен, а кој се понизува, ќе биде воздигнат (Лука 18, 14).

           Во денешниот груб век на материјалната култура кога луѓето постанале бедни робови на бетонот и железото, кога сè се движи со молскавична брзина кон темното и неизвесното „напред“, кога беснее бурата на сеопштото истребување, кога морињата и океаните се преполни со заталканите огромни железни делфини, кога земјата се тресе од грмежи, кога небесата татнат од убиствениот шум на воздушните апокалиптични суштества, кои исфрлаат оган и сеат пустош и смрт, кога некаква страшна смрт со огромен срп во раката излегла среде човештвото на грозна жетва, кога сите се преполниле со омраза кон сите, со еден збор, денес кога светот се превиткува под напонот на сопствените зовриени страсти, има ли смисла да се зборува за гордоста и смирението? Има ли кој да слуша? Има ли кој да разбира? Не се ли евангелските вистини во целосна спротивност со светските разбирања? Денес гордоста од модерното човештво се цени како најсилен импулс за личниот прогрес и националниот напредок. Човекот без себељубие, општество без сознание за чест и достоинство и народ без национална гордост се сметаат за осудени на задушување и исчезнување. При една таква положба, кој е тој што ќе ги слуша Христовите зборови: Секој што се воздига, ќе биде понизен? Денес светот е подруг, отколку некогаш. Тивките евангелски заповеди се загушуваат од бучавата на побеснетиот свет. Фабричните сирени зборуваат со поинаков јазик од јазикот на светите Отци, на тие црковни мудреци. Денес човештвото се натпреварува за да достигне некакви непотребни цели, а ја заборавило единствената врховна цел на човечкиот живот – враќањето при Бога. Затоа и Евангелието во денешниот свет е бездомник, и тоа бездомник кој бара засолниште во човечките срца, но, речиси, секаде пред него се затвораат вратите. Денешниот свет не ги сака евангелските поуки. Светот не го сака смирението и го смета за плашлива работа. Светот толку многу ги измешал сите сфаќања, така што гордоста, тој штетен корен на сите пороци, се издига во култ, а смирението, тивката мајка на сите добродетели, се става на исмејување. Светот денес повеќе од секогаш се оддалечил од Христа. Но, токму тоа не е ли причина денес, повеќе од секогаш, да се зборува за Бога? Современите крвави настани јасно сведочат до каде може да стигне човештвото, кое тргнало по вртоглавиот пат на гордоста, а го презрело смирението. Токму тие настани ја поттикнуваат вистинската христијанска проповед. Луѓето, и покрај се што се случува, жеднеат за Бога. Бедното човечко срце, и покрај сите надворешни промени на околностите во животот, останува едно и исто. Кога ќе се замисли над безумието на своите дела и достигнувања, тоа не сакајќи се растреперува, уплашено од ужасот на своите пронајдоци, во збунет копнеж започнува да жеднее за нешто вечно, возвишено, убаво и божествено, кое ќе го изведе од темниот лавиринт на земните противречности во прекрасната светлина на тивката и хармонична вечност. Не се ли тие збунети копнежи скриени стремежи кон Бога, кон Неговите вечни Вистини, кои се откриени во Евангелието? Не се ли жед за помирување со совеста и небото?

           Навистина, денес толку голем број на луѓе се оддалечиле од Бога, така да потпаднале кон жестока спротивност кон верата, кон Бога, кон небото. Тие, бездруго, во своите срца чувствуваат мачна празнотија, која е последна опомена од, веќе, за нив, заборавениот, Бог, но во упорна гордост тие се потсмеваат над оние кои веруваат и со злоба умираат во своето дрско одрекување на се. Но, има и такви луѓе, кои, иако се далеку од Бога, сеуште не ја запечатиле својата совест, не го затапиле гласот на срцето и кои, водени од својата жед, ја бараат вечната Вистина. Тие би се радувале кога ќе им се покаже вечниот пат во ова денешно време на беспатие. За нив би била вистинска радост да ги слушаат божествените Слова на Евангелието, коишто ја разјаснуваат гатанката на човечкото противречно суштество, го откриваат лекот против гревот и ги даваат сите неопходни упатства за спасение. И, на крај, среде денешниот беспатен свет има и такви добри души, кои за „инает“ на сите модерни негативности, врват по патот кон небото, и за кои претставува голема утеха да го слушнат Божјото Слово, да се закрепнат во верата, да го проверат својот пат, да не би тргнале по крива насока, и така, утешени со обновена надеж, да продолжат напред. Проверката на животниот пат е неопходна, зашто човечкото срце, кое е повредено од грев, постојано е наклонето кон заблуди. Колку труд е потребен додека тоа не заздравее и додека целосно не се просвети! Има многу христијани, кои божем посакуваат добро, но на крајот сето тоа излегува на зло. Божем се стремат кон спасението, но којзнае како, неочекувано се пронашле на патот на гордоста и погубувањето. Духовниот живот е патување преку непознато море, во кое отсекаде демнат изненадувања и опасности: тука бури, таму подводни стени, натаму водо-вртежи и скриени извори. Колку човекот треба да биде просветен и внимателен, за да не загине!

           Заради сите оние луѓе, кои жеднеат за духовна просвета и спасение, нека ни биде дозволено да ги опишеме двата главни пата во животот – гордоста и смирението. Кога се сее, сите семиња не пропаѓаат, сите семиња не се исколвани од небеските птици. Голем дел од семето паѓа и на убава почва. Ако не постоеше оваа вистина, кој сеач би тргнал да сее? А во духовната сеидба честопати се случуваат и чуда со Божја помош. Којзнае, можеби и семето што паднало дури и на камен, и таму да најде некоја пукнатина и да никне! Честопати по голите стени во планините растат и чудесни огромни борови.

 

Првиот грев и првата добродетел

           Знаете ли, возљубени читатели, кој грев се појавил најпрв? Уште пред да имало кражби, лаги, измами, убиства, прељубодејства, стомакоугодија, клевети, гнев, злоба, се појавила гордоста. Еден од првите и најсветли Божји Ангели – Деница, се возгордеал пред Бога и посакал да биде сличен на Севишниот. Но, таа гордост не го издигнала, туку го фрлила во пеколот и го направила темен сатана, а не божество. Гордоста го стави почетокот на злото во светот. Таа ги роди и сите останати гревови. Таа го погуби и човечкиот род. Таа стана основа на пеколот, извор на пороците, клуч на гревот, причина на паѓањето, пат кон погубувањето. Сатаната се зацари во царството на мракот и седна врз тронот на гордоста. Тој ги поттикна и луѓето кон гордост и преку таа гордост ги посеа по светот сите зла.

           Господ Исус Христос, Кој дојде на земјата за да ги разруши делата на ѓаволот (1. Јов. 3, 8), ни посочи лекарство против гордоста, а тоа е – смирението. Тоа е првата добродетел, која ни ја возвести Он во Својата прекрасна проповед на Гората. Блаженствата почнуваат со божествените зборови: „Блажени се бедните по дух, зашто нивно е царството небесно“ (Матеј 5, 3). Според еднодушното сведоштво на светите отци, бедните по дух се токму смирените.

(Продолжува…)


Извадок од книгата: Архимандрит Серафим, Гордост и смирение, Брегалничка епархија, Штип 1995, 5-9

Архимандрит Серафим

БЕЛЕШКА ЗА ПИСАТЕЛОТ
Авторот на оваа книга, архимандритот Серафим, (во светот Стојан Георгиев Алексиев) е роден на 25 февруари / 9 март 1912 година, во Горно Броди, Серско, Македонија, како најмал син во многубројното семејство на сиромашни благочестиви родители. Тој ја завршува Софиската Духовна Семинарија, стапува во Богословскиот факултет, а после тоа своето образование го продолжува во Швајцарија. Во текот на 1940 година стапува во монаштво. Одлучувачка улога во неговиот живот има запознавањето со блажено – починатиот архиепископ Серафим Соболев (+1950), во кого тој наоѓа незаменлив наставник во верата и духовниот живот. Во животниот и авторскиот пат на архимандритот Серафим се откриваат три периода. Првиот (до 1960), кога тој и покрај тешките услови развива неуморна пастирска дејност, произнесува вдахновени проповеди и беседи, пишува брошури, книги и стихотворби на духовно-морални теми. Од тоа време се зборниците со беседи “НАШАТА НАДЕЖ” и “НАШАТА ЉУБОВ” – кои се едни од неговите најбарани книги. Во вториот период (1960-1969) архимандритот Серафим, кој веќе е доцент по догматско богословие во Софиската Духовна Академија, публикува редица студии кои се плод на исцрпен богословски труд. Третиот период започнува од 1969 година, кога тој е принуден да ја напушти Духовната Академија поради принципно несогласување со тогаш примената календарска реформа и со проикуменската политика во која што е вовлечена Бугарската Православна Црква. Во овој период архимандритот Серафим пишува нова редица на книги со богословски и духовно – морални содржини, меѓу кои: “НАШАТА МОЛИТВА”, “ЖИВОТ ПОСЛЕ ЖИВОТОТ”, “МОЛИТВАТА НА СВЕТИ ЕФРЕМ СИРИН” и други, како и последната книга – завет “ПРАВОСЛАВИЕ И ИКУМЕНИЗАМ” – задлабочена критика на икуменската сеерес.
Архимандритот Серафим пред Господа се претстави на 13/26 јануари 1993 година. Своите книги тој ни ги остави како драгоцено наследство, а исто така за пример ни го остави и својот ревносен и самопожртвуван монашки живот, целосно посветен на служењето на светата Православна вера.