150

Гордост и Смирение IX дел – Големината на смирението

(Девети дел)

 

Големината на смирението

Паднатиот и потемнет човечки разум успеал да преврти се со главата надолу. Најпогубителниот порок, од кого потекнуваат сите останати гревови – гордоста, човекот го издигнал во култ, а нај спасителната добродетел, од која се раѓаат сите останати добродетели – смирението, човекот ја осмислува како недостојна појава за неговиот висок и слободен дух. На смирението му се давале и му се даваат називи кои имаат цел да го направат смешно и одбивно пред луѓето. Тоа се опишува како плашливо, бескарактерно, апатично, ниско-поклонително и слично. Сето тоа го открива незнаењето на оние, кои толку многу го потценуваат смирението. Всушност, во смирението се крие необично величие. Свети Исак Сирин смирението го нарекува „одежда на Божеството, зашто Словото, Кое се вочовечи, се облече во него (во смирението) и преку него се приопшти (влезе во контакт) со нас во нашето тело. Секој кој се облекол во него, навистина постанал подобен на Оној, Кој слезе од Својата висина, Кој ја покри добродетелта на Своето величие и ја скри Својата слава во смиреномудрието, за да не се запали творбата од Неговиот зрак. Зашто творбата не можеше да Го види, ако Он не беше примил дел од неа, за да беседува така со неа“. Така зборува свети Исак Сирин и не потсетува за огромното Божјо величие на планината Синај, кога Бог му ги дал на Мојсеј двете таблици со Десетте заповеди, кога целата планина се тресела од Божјото присуство, и кога никој не смеел да се приближи до неа од страв да не умре. Бог и во Новиот Завет е истиот праведен и величенствен Бог, но скриен во облеката на смирението и така е достапен за сите. Слично на Бога, големите светители ги кријат своите прекрасни добродетели и благодатни сили во смиреномудрието, застануваат во длабоко смирение пред своите собраќа и како последни грешници зборуваат и општат со другите грешници. Така, како убаво тесто, тие се замесиле со другите, ги “зарачуваат” со своите добродетели, ги потчинуваат на Бога и ги спасуваат.

Смирениот од сите е почитуван и со тоа докажува дека во него има нешто големо и достојно за почит. Свети Исак Сирин вели: „Човекот никогаш не го мрази смиреномудриот, не го навредува со зборови, не го презира; тој е од сите сакан, зашто и Господ го сака. Тој сите ги сака и сите него го сакаат. Сите го бараат на секое место, каде што тој се приближува, го пречекуваат како Ангел на светлината и му оддаваат чест. Само сатанизираните луѓе го презираат смирениот, зашто божественото смирение е спротивно на нивниот сатански светоглед. Но, во замена на тоа, бесловесните животни – дивите ѕверови се поклонуваат и без роптање се покоруваат на длабоко смирените, за да ја пополнат празнината и да го почитуваат величието на смирението, кое е отфрлено од служителите на ѓаволот. Не се малку оние настани, кога при смирените светители доаѓале крвожедни лавови, мечки и други ѕверови и пред нив застанувале кротки како јагниња“. Таа вистина многу интересно ја објаснува истиот голем Божји угодник, свети Исак Сирин. Тој вели: „Смиреномудриот се приближува кон крвожедните ѕверови, и кога нивниот поглед ќе падне врз него, свирепоста им се скротува, тие се приближуваат кон него како кон свој владетел, ги нишаат главите и опашките и ги лижат неговите раце и нозе, зашто тие тука го намирисале истиот оно ј благопријатен мирис, кој излегувал од Адама, пред паѓањето во грев… во рајот! Тој благопријатен мирис бил одземен од нас, но со Своето доаѓање, Господ Исус Христос, пак го обновил и ни го дал. Тоа е благопријатниот мирис, со кој е помазан човечкиот род“.

Висината на смирението се докажува и со тоа што Бог највисоко го цени и најмногу го наградува. Луѓето го ценат богатството, а Бог – смирената душа. Достигнување на најдлабокото смирение, во очите на Бога значи достигнување на најголемо совршенство. Ниеден подвиг не може да се израмни со смирението. Без него молитвата, милостињата, постот, воздржувањето и сите други добродетели ништо не вредат. А смирението и без тие подвизи е дргоцено. Подвизите сами по себе можат да не возгордеат и погубат, како што го погубија гордиот фарисеј. А смирението и без други подвизи може да не спаси, како што го спаси разбојникот на крстот, сиромавиот Лазар и многу други блудници, митари и грешници од Христовото време, па до денес. Смирението е скратено спасение. Се разбира, подвизите и добрите дела не се без значење. Тие можат да го забрзаат спасението и да не направат достојни за уште поголеми Божји милости, но само тогаш кога тие се помешани со смирението. Без него тие ништо нема да ни користат. Смирението е сол на добродетелите. Како што рибата без сол засмрдува, така и добрите дела без смирение се расипуваат.

Смирението е од висок квалитет, зашто тоа не прави синови Божји, не воведува во Царството небесно и ни ги открива вратите на рајот. Свети Јован Лествичник категорично се изразува: „Покајанието го разбудува човекот; плачот чука на небесните врати, а светото смирение ги отвора“. Колку грешници ги претекнале во Царството небесно некои привидни праведници! Разбојници, блудници, арамии и секакви други грешници, преку смирението постанале светители. Тоа е патот на спасението на сите луѓе – светото смирение. Тоа е толку силен застапник пред Бога, што простува многу гревови и дава големи добрини. Оној, кој згрешил, доволно е да се смири, за да биде истиот момент примен во општење со Бога. Многумина грешеле, но преку смирението повторно ја востановувале својата врска со небото. Во Стариот Завет тешко згреши и големиот праведник, светиот пророк и цар Давид. Извршил прељубодејство и убиство. Но тој принесол пред Бога смирено покајание. Тој пред пророкот Натан, кој го изобличувал за гревовите, силно иавикал: „Згрешив пред Господа“. И веднаш чул: „Господ го симна од тебе гревот твој!“ (2. Цар. 12, 13). Поразен од силата на смирението и од величието на Божјото милосрдие, светиот цар Давид го напишал прекрасниот покаен псалм “Помилуј ме, Боже!” (Псал. 50), во кој ја искажал длабоката мисла дека Бог од нас не посакува никаква друга жртва, освен срце скрушено и смирено. „Оти, да сакаше жртва, јас ќе ти принесев“, се обраќа цар Давид кон Бога и продолжува: “но сепалениците (или како што толкува свети Јован Лествичник: глад, жед, пост, а може и други подвизи) не ги сакаш. Жртвата пред Бога е смирен дух; срце понизно и смирено Ти, Боже, не отфрлуваш” (Псал. 50, 18-19). Тоа е единствената жртва, според свети Симеон Нов Богослов, која Бог не ја отфрлува, „знаејќи дека човекот нема ништо сопствено, што би можел да му принесе“. „Со таа жртва се спасувале, се спасуваат и ќе се спасат сите цареви, велможи, благородници, мудреци, прости, богаташи, сиромашни, арамии, навредувачи, скржавци, развратници, убијци и секакви грешници“. Смирението е толку многу силно и големо, што може да го умилостиви разгневениот Бог и да го избрише секој грев. „За таа единствена жртва, вели свети Симеон Нов Богослов, се случуваат болестите, жалостите, непријатностите, самото паѓање, душевните страсти и оние кои ги пратат телесните страсти“, – а сето тоа само со една цел: да се смириме пред Бога и преку тоа да се спасиме.

На крај, смирението е голем подвиг и поради тоа 1пто во него е скриена Божјата слава. Свети Исак Сирин вели: „Понизи се самиот и ќе ја видиш Божјата слава во себе!“ Тоа значи: смири се и ќе бидеш издигнат. Понижувај се пред сите луѓе и Бог ќе те постави на прво место во Царството небесно! Бегај од почестите и со чест ќе бидеш овенчан во рајот! Биди слуга и на оние кои стојат пониско од тебе и Бог ќе те прослави!

Прекрасни поуки во таа насока ни дава свети Исак Сирин: „Потруди се да бидеш во презир и ќе се исполнши со Божја чест… Укорувај ја честа за да бидеш почитуван, но не ја возљубувај, зашто ќе бидеш обесчестен. Кога човекот ја гони честа, таа бега пред него. А кога некој бега од неа, таа почнува да го следи и да проповеда пред сите луѓе за неговото смирение. Ако се презираш и не сакаш да бидеш почитуван, Бог ќе те открие и пронајде… Блажен е оној, кој се смирува во се, зашто ќе биде воздигнат… Кога заради Бога некој гладува и жеднее, Бог ќе го нахрани со своите добрини. Кој заради Бога оди гол, од Него ќе биде облечен во облеката на нераспаѓањето и славата. Кој заради Него постанал сиромашен, ќе биде утешен со Неговото богатство. Понижи се себе заради Бога и, без да знаеш самиот како, ќе се умножи твојата слава!… Ако смирението ги издигнува простите и неписмените, тогаш колку поголема чест им носи на големите и почитуваните? Бегај од славољубието и ќе се прославиш…“

(Продолжува…)


Извадок од книгата: Архимандрит Серафим, Гордост и смирение, Брегалничка епархија, Штип 1995, 48-52