Гордост и Смирение II дел – Развојот на гордоста. Славољубието

Развојот на гордоста. Славољубието

 
           Постојат три степени на гордоста. Првиот степен се состои во, на прв поглед невиното, славољубие. Ѓаволот е итар. Тој не го поставува човекот одеднаш на огромна височина, туку најнапред настојува во него да поттикне стремеж кон придобивање на слава. Славољубието е црковно-словенски збор и означува барање на штетна, односно празна, човечка, суетна слава. Големиот познавач на човечките добродетели и пороци, прекрасниот психолог на човечкиот духовен живот, свети Јован Лествичник, открива и забележува дека славољубието (тшеславието) и гордоста се различни моменти во развитокот на еден и ист порок. Според неговите зборови, разликата помеѓу тие два порока е таква, каква што е разликата помеѓу детето и мажот Славољубието е почетокот, а гордоста крајот. Славољубивиот човек предвреме ја вкусил отровната сласт на човечките издигнувања, па затоа постојано бара ласкави зборови и пофалби. Овој порок, уште во својот зачеток, ја покажува сета своја богопротивност. Славољубивиот бара и жеднее за да биде славен, тогаш кога славата му припаѓа единствено на Вечниот Бог (2. Мој. 32, 3; Лука 2, 14). Божјото Слово со цел глас извикува: Нека пребива славата на Господа вечно (Псал. 103, 31). Псалтирот посебно е исполнет со прослава на Божјото величествено име и со пофалби за Неговите чудни дела (Псалми: 135, 137, 145-150). А, ете, славољубивиот заборава дека и тој е повикан да го слави Творецот. Но, тој, бедник, вљубен во себе, самиот се мисли за божество и бара прослава за себе. Затоа свети Јован Лествичник е во право кога славољубивиот човек го нарекува христијански идолопоклоник. Најстрашно е тоа што славољубието може да проникне и во благочестивата и верна душа. Таквиот човек може да славољуби дури и со тоа кога го прославува Бога. Воопшто, за славољубието нема граници и пречки. Тоа насекаде наоѓа повод за самовљубување и самопофалба. Свети Јован Лествичник тоа генијално го открил со зборовите: Како што сонцето на сите подеднакво им свети, така и славољубието со сите добродетели подеднакво се фали. Кога, на пример, јас го запазувам постот, во истото време можам и да славољубам. Кога, пак, за да го сокријам од другите својот пост, си разрешувам извесна храна, почнувам да славољубам со своето благоразумие. Ако се облечам во убава облека, паѓам победен од суетноста; кога, пак, ќе се преоблечам во искинати облеки, славољубам со својата скромност. Кога ќе почнам да зборувам, ме опфаќа славољубие; посакам ли да молчам, повторно се предавам на славољубието. Каде и да го фрлаш тој трн, тој сепак одозгора на врвот ќе има боцки.

           Голема беда е славољубието, зашто тоа во се може да пронајде храна за себе. Постои ли нешто со што човекот не се фали? Богатството, убавината, умот, дарбите, облеката, добродетелите, па дури и пороците – сето тоа може да послужи како повод за славољубие. Жените посебно ја имаат таа слабост да се фалат и да се радуваат, кога ќе слушнат за себе пофалби. Славољубието пуштило толку длабоки корени во човечкото срце, така што, ако човекот нема со што битно да се пофали, тогаш започнува да се гордее со својата панделка, со својата капа, па дури и со пердувот од својата капа. Погледнете ги малите деца! И во нивните невини срца предвреме започнува да никне отровниот цвет на славољубието. Малите девојчиња се фалат со своите фустанчиња, гривни, куклички, и ако им речеш дека нивните алишта или куклички не се убави, тие толку длабоко се чувствуваат навредени и започнуваат да плачат. О, какво славољубие го исполнува срцето на малото дете кога тоа ќе добие дозвола малку да го поноси часовникот на својот вујко! Тоа со часовникот излегува надвор пред своите другари и пред нив започнува да се фали. Малото дете не дозволува никој да се допре до тоа скапоцено нешто. И кога восхитувањата и зависта започнат јавно да се испишуваат по лицата на другите, тогаш славољубието и радоста на малото дете горделиво немаат крај. Ако во таквата детска душа не се уништи славољубието, тоа набргу ќе порасне и ќе биде опасна болест за се уште невината душа.

           Славољубието не избира род или сталежи. Како што болеста може секого да го нападне, така и славољубието може да се вгнезди во секој човек. Прочуените и познатите луѓе повод за славољубие наоѓаат токму во популарноста. Но, и простосмртните луѓе знаат да откријат нешто во себе, со кое ќе можат да се пофалат. Блез Паскал, со својствената длабочина на мислите, тој факт го изразува со следните зборови:

Суетноста е толку многу закотвена во срцето на човекот, така што и војникот, и прислужникот, и готвачот, и амалот се фалат, и секој сака да има свои почитувачи; и филозофите посакуваат такви, и оние, кои го прочитале тоа сакаат да се прослават со тоа, дека го прочитале напишаното; и јас, кој го пишувам ова, можеби ја имам истата желба, а можеби ќе ја имаат и оние, кои ќе го читаат ова…“ – Блез Паскал

           Тука, во иронијата на Паскал, се доловува неговата тага за трагичната состојба на паднатата човечка душа. И навистина, славољубието е резултат од паѓањето во грев. До паѓањето во грев првите луѓе во рајот не ја познавале ниту гордоста, ниту славољубието. Додека човекот беше достоен за почести, не бараше за себе слава, туку слава Му воздаваше на Создателот, Кому и Му прилега, а откако потана достоен за каење и плачење за своите гревови, тој почна да жеднее за да го слават и фалат.

           Славољубието не се среќава само кај светските луѓе, туку го има и кај духовните. И, ако кај светските луѓе е опасно, тогаш кај духовните е крајно погубително. Притоа интересно е да се каже дека славољубието може да го натера човекот да се подвизува, да се труди, да се моли, да пости, да раздава милостиња. Но, сите тие духовни подвизи кај славољубивиот човек се бескорисни и бесмислени, исто како што е бескорисно турањето на вода во продупена стомна. Фарисеите, за кои ни зборува и светото Евангелие, зарем не ги извршуваа сите добри дела од преголема суетна желба за прослава? И наместо да примат награда од Бога за своите подвизи, тие од Христовата уста го слушнаа своето осудување: Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери! Оној кој славољуби, и најдобро дело да извршил, од него нема да има никаква корист, бидејќи бара човечка слава. Затоа и Господ Исус Христос ги советува Своите следбеници: Гледајте да не ја покажувате својата праведност пред луѓето, за да ве видат; инаку, нема да имате награда од вашиот Отец небесен. И така, кога даваш милостиња, не разгласувај, како што прават лицемерите по синагогите и по улиците, за да ги фалат луѓето. Навистина ви велам, тие веќе ја добиле својата награда. А ти, кога даваш милостиња, да не знае твојата лева рака што прави десната, за да биде твојата милостиња тајна; и тогаш, твојот небесен Отец, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно (Матеј 6, 1-4). Истата внимателна претпазливост од суетното славољубие Спасителот ни ја препорачува и при молењето, при постењето, и воопшто, при извршувањето на секое друго добро и богоугодно дело. Не случајно некои од светите отци славољубието го споредуваат со една мала мравка. Колку и да е мала, таа може да ги уништи и големите плодови на добродетелта. Мравката, вели свети Јоваи Лествичник, го чека собирањето на житото, а славољубието го чека собирањето на богатството. Под „богатство“ тука треба да се подразберат духовните активности и стекнатите добродетели. Мравката се радува, бидејќи ќе има можност да краде од зрната, а славољубието се радува, бидејќи ќе може да се фали со извршените подвизи. Но, по силата на духовните закони, штом ќе се пофалиш со доброто кое си го направил, ти истото го губиш. Зашто, бидејќи бараш човечка слава, ти веќе примаш таква награда овде на земјата, но се лишуваш од небесната награда. Епископот Теофан Затворник славољубието го нарекува најштетен и ласкав непријател. Славољубието го прави човекот сличен на таков работник, кој, што и да спечалил, наеднаш се потрошува, без да остави нешто и за утре. Оној, кој постанал славољубив, тој веќе ја примил својата награда и нема што да очекува да му се даде во Вечниот живот. Тој е секогаш гол, како оној, кој упропастува се што има. Тој ќе се јави гол и на оној свет. Ќе го придружуваат само неговите гревови, а добрите дела, кои ќе можеа да му послужат како спротивност кон гревовите, нема да имаат никаква цена. Ете колку голема е штетноста од славољубието. Безумноста на славољубието се состои во ова: тоа те тера напразно да се трудиш, откако ќе ти ја одземе наградата за трудот. Славољубивиот подвижник, многу мудро вели свети Јован Лествичник, самиот си причинува две штети: прво, го истоштува своето тело; второ, при сето тоа, за својот труд не прима никаква награда. Славољубивиот човек приличи на глупава кокошка. Штом кокошката ќе снесе јајце, таа се фали, така што сите да ја видат и да ја слушнат. Но, со тоа самата си наштетува. Штом ќе ја слушнат, луѓето и го земаат јајцето. Така и од славољубивиот човек демоните го крадат направеното добро.

           Славољубивиот христијанин, од гледиште на божествената мудрост, секогаш е неразумен. Тој од суетност пред сите се фали со своите насобрани богатства. А оној, кој многу ги покажува своите скапоцености и ризници, тој бездруго ќе биде ограбен од крадците.
 


Извадок од книгата: Архимандрит Серафим, Гордост и смирение, Брегалничка епархија, Штип 1995, 11-16