Човекот е љубов по благодат – III дел

Љубовта сама по себе го содржи тој елемент на потполно себепредавање на другиот. И бидејќи му се даваш себеси, зарем нема да му го дадеш и сето останато: богатство, материјални нешта, сѐ од што има потреба. Барем додека дејствува љубовта. Да, тоа е навистина движење на љубовта, но расудливоста е таа што работите ќе ги постави на правилно место, така што пламенот на љубовта да не те изгори и тебе и твојот ближен и да не станеш како оние машини, кои прегоруваат кога ќе ги удри гром. Истото се случува и со човекот – ако му дадеш повеќе од она што може да го поднесе, го расипуваш, му штетиш, го уриваш, оти тој не може да го издржи тоа и не може да функционира.

Сепак, љубовта е навистина најсовршеното и најдрагоцено движење на нашето битие, бидејќи таа е нашето „јас“, зашто Бог е љубов, а сите сме создадени според Божјиот образ. Бог, движен од љубов, направи сѐ за нас, и се предаде Себеси на смрт, за да ја покаже Својата голема љубов кон човекот. Според тоа, и човекот постапува на истиот начин. Ние навистина сме готови да се предадеме себеси за оние што ги љубиме. Едно девојче, кое стана мајка, ми кажа:

– Сега можам да разберам, или поточно, сега за првпат чувствувам дека можам да умрам за некој друг човек, тоа е моето дете. За сопругот свој, на пример, не можам да умрам. Можам да го љубам, и да му велам дека го љубам до смрт, но доколку дојде часот на смртта, не знам дали би умрела за него… Во душата ми е и така, и така. А за детето ќе умрам! Спремна сум да умрам за него! Ја имам таа сила да се откажам дури и од својот живот!

Навистина е така, таква е природата на работите, така функционира мајчинството, така дејствува родителот кон своето дете. Мајките дури и уште повеќе поради својата природа. Човекот го гледа тоа и во природата и во наједноставните нешта. Сте виделе ли што се случува кога квачката има мали пиленца? Може дури и човек да нападне ако им се доближи. Исто е и со мачката. Толку е силно родителското чувство.

И така, природата помага, движењето на љубовта помага да ја надминеш дури и својата природа. Човекот, сепак, секогаш и секаде, треба да ја има и расудливоста за да може не да ја ограничи, туку правилно да ја насочи љубовта. Љубовта треба да се раководи правилно, бидејќи ако не внимаваш и се прилепиш со срцето кон нешто друго, пред да се прилепиш кон Бога, тогаш ќе имаш проблем, духовен проблем.

Кога човекот ќе почне да се подвизува духовно и да прави вистински поредок во себе, односно се обидува да ги исфрли отровните нешта кои ги имал во својата душа: непријателството, омразата, роптањето, па полека станува трпелив, кроток, снисходлив, ги прима другите со добрина, тогаш постои опасноста срцето да му се прилепи кон неговото сопствено „јас“. Кога ќе ги исфрли човекот сите тие отрови, кога ја нема рѓата што ја причинуваат пороците, тогаш навистина тој станува многу убав, но гледајќи се себеси, своето „јас“, кое функционира прекрасно, балансирано, како музика, класична италијанска музика во која има полна хармонија, тој навистина може да се прилепи кон тоа и да започне првенствено да се љуби себеси. Да се засака прво себеси, потоа предметите и другите.

Тоа е разликата помеѓу светската љубов и љубовта кон Христос. Тука многу христијани страдаат зашто ги мешаат работите и ми остава впечаток дека кога ќе ги прашаш: „Која е најголемата Божја заповед?“, тие велат: „Да го возљубиш ближниот“. Така велат сите, а особено децата. Јас, пак, им велам: „Не, не е така“. Еден ученик, дури, на ова прашање ми одговори вака:

– Плодете се и множете се! Таа ми е омилена заповед. Како и онаа другата, каде што се вели дека болните и патниците не мора да постат – уште поубаво!…

Но, првата заповед на Бога е: „Возљуби Го Господа својот Бог“. Тоа е. Бог ја дал таа заповед – возљуби Го Бога со целото свое срце, а да го возљубиш ближниот е само резултат од таа прва заповед. Сето друго е само резултат. Бог ја дал таа примарна заповед за да ни го покаже правилното движење на љубовта, кое треба да се насочи кон Бога. Што и да прави човек, тој треба да го прави од љубов кон Бога. Дури и бракот, љубовта кон сопругата или сопругот, раѓањето деца – сите тие нешта, ако се апсолутизираат, се претвораат во идоли. Да, дури и бракот и децата можат да бидат идол. Сите тие, всушност, треба да учествуваат во нашата врска со Бога. Ако не учествуваат, тогаш човекот некаде ја губи врската.

(Продолжува…)