Неколку дена пред главната манастирска слава на Свештената Бигорска Обител, во спомен на Усекновението на чесната глава на нашиот небесен Застапник, Свети Јован Крстител, одлучивме да споделиме со вас уште неколку чуда на овој „небесен човек и ангел во тело“, кои се случија неодамна, како своевидно навестување и покана за неговиот претстоен празник. Зашто тој, во денот на своето преселување во вечноста, е особено благодатно присутен и преку својата славна и чудотворна Бигорска икона и преку своите свети мошти што се чуваат во манастирот, ги слуша и исполнува молитвите на оние коишто со љубов и вера го повикуваат; тоа е денот кога „најголемиот меѓу родените од жена“ ја излева својата од Бога добиена благодат врз сите коишто со благодарност и со молитви си спомнуваат за неговото чесно страдање. И кога секој човек неизмерно се радува кога ќе биде посетен од своите драги пријатели на денот на својата свеченост, тогаш колку ли, пак, повеќе Светиите Божји ги милуваат оние кои ги чествуваат! Молитвите на Свети Јован Пророк, Претеча и Крстител, да бидат со сите вас!
Свети Јован му дарува рожба на бездетен брачен пар по 5 години
„Добра вечер,
Сакам да го споделам нашето чудо, чудо по вашите молитви. Со солзи радосници во очите ви пишувам…
Со сопругот сме заедно 15 години, 5 години во брак; долго време се обидувавме за дете, неуспехот стално водеше до ранливи моменти за душата. Секој месец ново разочарување. Во истиот момент само мисли ми поминуваа низ глава: ‘сакам во Бигорски да одам…’.
Се спремавме за второ ин витро. Случајно, пред да го започнеме процесот, имавме гости кои додека беа кај нас, добија повик (повик од Бигорски, беа повикани да отидат утредента, за да добијат благослов од отец Партениј за свадба). Откако завршија со повикот само ме погледнаа и рекоа утре доаѓате со нас! Не знам дали ја преспав ноќта, рано наутро со нетрпение тргнавме, стигнавме во манастирот, и двајцата треперевме, имавме некое чувство што не се опишува.
Нè прашаа дали сакаме молитва пред чудотворната икона. Дали сакаме?! Едвај чекавме. Со благослов од Старецот на Манастирот, владиката Партениј, еден од отците со молитва пред иконата на Св. Јован само ја засили нашата надеж.
Почна постапката со иста терапија од првото ин витро, со која добив 9 јајце клетки, сега имаше само 3, за на крај да останат 2. Позитивната мисла ме водеше, светото масло беше деноноќно во моите раце (и сеуште е).
Беше 7 април, Благовештение на Пресвета Богородица. Тогаш ја добив најубавата вест: носам нов живот во мене, уште едно срценце чука во мене.
Го добивме нашиот син. Чудото се вика Огнен.
На нашата среќа ѝ нема крај, секој ден Му благодарам на Господ и на неговиот Крстител.
Желбата е исполнета, срцето полно.
Бигорски со неговото монаштво за нас е нешто посебно.
Ве поздравувам и со душа чекаме топли денови да ве посетиме!
Со почит,
Љ.Ј.“.
(Писмо добиено на манастирската електронска адреса bigorskim@gmail.com на 26 декември 2021 година)
Свети Јован исцелува од канцер жена на која ѝ преостанувале само уште неколку месеци живот
„Добар ден, оче, и Бог да ве благослови сите!
Кога вербата во Бога ни е голема како волјата за живот, зашто животот го дава Бог, се случуваат чуда, Божји чуда. Во 2015 година, декември месец, на 38-годишна возраст ми дијагностицираа карцином на бели дробови. Докторите ни кажаа дека треба да се подготвиме и за најлошото, зашто смртноста е поверојатна отколку оздравувањето. Одев Битола-Скопје на секои три недели, за по осум саати да примам хемотерапија.
По една година ми дадоа да правам скен на коските и излезе дека ракот се раширил. Имав промени на пршлените торакално и лумбарно. Кога појдов Скопје ми кажаа дека со оваа дијагноза ми преостануваат уште 6-12 месеци живот. Не знам како, ама го прифатив тоа и само му реков на докторот: ‘Докторе, само Бог знае за тоа’. Дојдов во Битола, купивме гробно место и си продолжив со животот. Се молев секој ден – додека готвев, додека миев, кога и да можев во главата си кажував молитви: Оче наш, Исусовата молитва, молитви кон Мајката Божја, а некогаш и сама си измислував молитви; ама важно беше оти се молев со душата. Продолжив со хемо-терапија, ама беше уште потешко: немав воопшто сила, имав многу големи болки и колку повеќе ме болеше, се чувствував толку поблиску до Бога, повеќе верував во Бога, зашто само верата Божја ми остана. Финансиски паднавме сосема, дававме многу пари за витамини, посебна исхрана не можев да си допуштам, поминував со тоа што го имавме.
Една вечер се разбудив среде ноќ. Во сонот видов манастир, голем и убав, со убави конаци – милина да ги гледаш. Се најдов на високо место во карпи среде планини, пред една голема порта. На почетокот на дворот стоеше човек со брада, ме викна внатре и ми ги покажа чешмите од десната страна. ‘Ајде, овде ти е лекот’. Чешмите со змејски глави. Водата гргаше, студена, бистра и светеше како сребро. Се разбудив во чудење. По неколку дена истиот сон: пак чешмите, манастирот – сè исто. Му кажувам на сопругот: ‘ајде да одиме’. А тој ми вели: ‘Ама каде е? Не го знаеме кое е тоа место’. Потоа, сосема случајно во друштво се отвори тема за Бога, за вербата во Бога и еден од другарите ми рече: ‘Според тоа што го раскажуваш, манастирот е Свети Јован Бигорски’. Јас никогаш не сум била, а кажувам како стопати да сум била. Но неисе, тргнавме по патот и веднаш искушенија – како да нè спречуваше нешто да стигнеме. Одевме со навигација од телефонот, бидејќи никогаш претходно не сме биле во Бигорски и не знаевме каде се наоѓа. Кога стигнавме на раскрсница кај Кичево, телефонот ни кажуваше други насоки. Нè однесе в планина, по земјен пат, па едвај се вративме. Три пати нè вртеше на исто место. Не можев повеќе, се уморив и само се прекрстив и на глас реков: ‘Господе Боже, Оче наш, ако имам лек и ако сонот беше од Тебе, отвори ни го патот да стигнам во Свети Јован Бигорски’. Во истиот момент, паркирани на истото место, телефонот почна да кажува друга насока од таа претходно што ја покажуваше. Имам сведоци за ова, верувајте ми, во колата беше сестра ми, децата, мажот ми. Сите затреперивме.
Стигнавме пред манастирот. Глетката што ја видов беше истата од сонот. Трчав како луда, не знам од кај ми дојде таа сила во мене. Ги видов чешмите со змејски глави, се прекрстив и си реков: ‘Ти, Севишен ме викна овде; те молам, дај ми лек’. Се напив вода и се измив од чешмите. Манастирот беше оној, истиот од сонот. Сè ми беше познато, како да сум била стопати таму. Имаше многу луѓе тој ден – без да знаеме ние всушност сме дошле на манастирската слава. Тој дене се замонашуваше некој калуѓер. Влеговме во храмот, се помолив со душата и со срцето, со верба дека Свети Јован ќе ми помогне.
По некој месец пак ми правеа скен за контрола и чудо! Јас немав ништо на коските! Сè беше чисто, сите се чудеа, ме прашуваа што сум земала на своја рака, а јас ништо не сум земала од луѓе. Зедов само благослов од Свети Јован во Бигорски, од дедото Партениј кој знам дека многу се моли за нас, од отците монаси и се напив од водата негова. Се молев секој ден и Му благодарев на Бога. Еве и денес, 7ноември 2021 година, пак сум во Свети Јован Бигорски, дојдов да се заблагодарам на Бога, затоа што кога докторите ми дадоа само шест месеци живот, Бог се смилува и ми ги услиши молитвите.
Верувајте, луѓе, во Бога, верувајте во верата наша Христијанска, верувајте во Севишниот Бог наш и верувајте во чудата Божји на Манастирот Свети Јован Бигорски.
Бог да ве благослови!
Катерина од Битола.
(Лично кажување на Катерина, која на наша молба, го запиша во порака и ни го прати на 8 ноември 2021).
Накрај, ги замолуваме сите кои и самите на себе ја почувствувале чудотворната моќ на иконата и моштите на Свети Јован Крстител, како и на другите Светињи во Бигорскиот Манастир, да ги споделат своите искуства на нашата електронска адреса: bigorskim@gmail.com. Исто така, ги замолуваме и оние коишто порано ни ги соопштиле своите сведоштва за чудодејствијата на Свети Јован, повторно да ни ги испратат на посочената адреса, бидејќи некои од нив се изгубени, а во пожарот од 2009 година изгоре и тетратката во која беа запишувани чудата. Притоа, би сакале да нагласиме дека сведоштвата нема да бидат објавени без согласност на испраќачот, а исто така, доколку некој не сака да стои целосното име и презиме, може да ни испрати само иницијали.
За сведоштво и слава на великиот молитвеник за нас пред Престолот Господов. Неговиот благослов да биде со вас! Ви благодариме!