Биоетички проблеми (абортус, контрацепција, сурогат мајчинство)

Основи на социјалната концепција
на Руската православна црква

 

XII. Биоетички проблеми

 

XII.1. Бурниот развој на биомедицинските технологии, коишто земаат активно учество во животот на современиот човек од неговото раѓање, па до смртта, а исто така и неможноста да се даде одговор – во рамките на традиционалната медицинска етика – на моралните проблеми кои при тоа се појавуваат, предизвикуваат сериозна загриженост во општеството. Обидите на луѓето да се постават себеси на местото на Бога, произволно менувајќи и „подобрувајќи“ го Неговото творение, можат на човештвото да му донесат нови тешкотии и страдања. Развојот на биомедицинските технологии, значително го претекнува осмислувањето на потенцијалните духовно-морални и социјални последици, на нивната неконтролирана примена, што предизвикува длабока пастирска загриженост во Црквата. Оформувајќи го својот однос кон проблемите на биоетиката, за кои нашироко се расправа во современиот свет, а пред сѐ кон оние биоетички реалности што директно влијаат врз човекот, Црквата тргнува од претставата за животот заснована на Божественото Откровение. Тоа се претставите за животот како скапоцен дар Божји и за незаменливоста на слободата и богоподобното достоинство на човечката личност, призвана да трча кон целта – кон наградата на горното призвание од Бога во Исус Христос (Филип. 3,14), кон достигањето совршенство, својствено на Отецот Небесен (Матеј 5,48) и кон побожноста, со којашто луѓето стануваат учесници во Божјата природа (2. Петар. 1,4).

 

XII.2. Од најстарите времиња, Црквата намерниот прекин на бременоста (абортусот) го смета за тежок грев. Канонските правила го изедначуваат абортусот со убиството. Во основата на оваа оценка, лежи убедувањето дека појавата на човечкото битие е дар Божји, поради што, секое посегнување кон животот на човечката личност, од моментот на неговото зачнување, претставува злочин.

Псалмопеецот го опишува развојот на плодот во утробата како творечки чин Божји: Зашто Ти си ја создал мојата внатрешност и ме оформи во мајчината ми утробаНиедна моја коска не се сокри од Тебе, додека настанував во тајност, исткаен во длабините на земјата. Твоите очи го видоа зародишот мој и во Книгата Твоја сè е запишано за мене; дури и деновите мои се забележани кога уште не постоеше ниеден (Псалм 138:13,15-16). За ова сведочат зборовите на Јов, кога се обраќа кон Бога: Твоите раце ме создале и ме оформиле, и Ти сега од сите страни ме уништуваш? Сети се дека како глина си ме замешал, та пак ли во прав ќе ме претвориш? Нели Ти ме излеа како млеко, и ме згусти како сирење? Со кожа и плот ме облече, со коски и жили ме стегна, живот и милост ми дарува, и Твојата грижа го чуваше духот мој? И зошто ме извади од утробата? Да бев умрел кога ничие око уште не ме беше видело (Јов 10,8-12 и 18). Пред да те создадам во утробата… И пред да излезеш од утробата, те осветив, му рекол Господ на светиот пророк Еремија (1,5-6).

Во „Учењето на 12-те Апостоли“, еден од најстарите споменици на христијанската книжевност, меѓу најважните Божји заповеди се наоѓа и оваа: „Не убивај дете, предизвикувајки пометнување!“ Атинагора, апологет од II век, пишува: „Жената која предизвикала пометнување е убиец и ќе одговара пред Бога, зашто… зародишот во утробата е живо битие, за кое Господ се грижи“. „Оној што ќе биде човек, веќе е човек“ – тврдел Тертулијан, во крајот на II в. и почетокот на III век. „Жената која намерно ќе го убие плодот во својата утроба, подлежи на казна за убиство… Убијци се оние што даваат напитоци за отфрлање на плодот од утробата, а и оние што земаат плодоубиствени отрови“ –  се вели во 2-от и 8-от канон на Св. Василиј Велики, кои се вклучени во „Книга на Правила на Православната Црква“ и се потврдени во 91-то правило на VI Вселенски собор. Истовремено Св. Василиј прецизира дека тежината на вината не зависи од рокот на бременоста: „Ние не правиме разлика дали плодот веќе добил образ или сѐ уште е без образ“. Жените што извршувале абортус, Св. Јован Златоуст, ги нарекувал „уште полоши од убијци“.

На големата распространетост и оправдување на абортусот во современото општество, Црквата гледа како на закана кон иднината на човештвото и како на очигледен знак за морална деградација. Верноста кон библиското и учењето на светите Отци, за светоста и бесценетоста на човечкиот живот од самото негово зачнување, е некомпатибилна со признавањето „на слободата на избор“ на жената, во одлуката за судбината на плодот. Освен тоа, абортусот претставува сериозна закана за физичкото и душевното здравје на мајката. Црквата, исто така, отсекогаш ја сметала за свој долг заштитата на најнемоќните и најзависните човечки битија, а тоа се точно неродените деца. Православната Црква, во какви било околности не може да даде благослов за извршување абортус. Црквата не ги отфрла жените коишто извршиле абортус, но ги повикува на покајание и надминување на погубните последици од гревот, преку молитва и определување на епитимија, со понатамошно учество во спасоносните свети Тајни.

Кога постои непосредна закана по животот на мајката, поради продолжување на бременоста, особено ако таа веќе има деца, во пастирската пракса се препорачува снисходење. Жената што ја има прекинато бременоста во вакви околности, не се одлачува од евхаристиското општење со Црквата, но тоа се условува со исполнување на нејзиното лично покајничко молитвено правило. Тоа правило го одредува свештеникот, кој ја прима нејзината исповед. Борбата против абортусот, за којшто жените понекогаш одлучуваат поради крајна материјална беда и поради чувство на беспомошност, изискува од Црквата и општеството, спроведување делотворни мерки за заштита на мајчинството, како и создавање услови за посвојување на оние деца што нивните мајки, поради одредени околности, не можат самостојно да ги одгледаат.

Одговорноста за гревот за убиството на нероденото дете го носи, покрај мајката и таткото, доколку се согласи со одлуката да се изврши абортус. Ако абортусот е извршен без согласност на мажот, тоа може да биде причина за раскинување на бракот. Гревот паѓа и врз лекарот што го извршува абортусот. Црквата ја повикува државата на медицинските работници да им го признае правото да одбијат да извршат абортус, поради грижа на совест. Често се тврди дека правната одговорност на лекарот за смрт на мајката при породување, е неспоредливо поголема од одговорноста за погубување на плодот. Таквиот став не може да се прифати како релевантен, особено поради тоа што тој ги охрабрува медицинските работници, а преку нив и пациентите, да извршуваат абортуси. Лекарот е должен да пројави максимална одговорност при поставувањето дијагноза, што би можела да ја поттикне жената да ја прекине својата бременост; притоа медицинскиот работник, верник, мора детално да го спореди медицинскиот наод, со заповедите на христијанската совест.

 

XII.3. Проблемот со контрацепцијата исто има потреба од духовно-морална оценка. Некои од контрацепциските средства фактички имаат абортивно дејство, кои вештачки го прекинуваат животот на ембрионот, во една од најраните фази. Поради тоа, за нивната примена важат ставовите кои се однесуваат и на абортусот. Останатите средства кои не се прекинување на веќе започнат живот, во никој случај не можат да се едначат со абортус. Одредувајќи го својот однос кон контрацептивните средства, христијанските сопружници треба да имаат на ум дека продолжувањето на човечкиот род е една од основните цели на богоустановениот брачен сојуз. Намерното одбивање за раѓање деца, поради егоистични побуди, го обезвреднува бракот и несомнено е грев. Сопружниците истовремено имаат одговорност пред Бога, квалитетно и одговорно да ги воспитаат своите деца. Еден од начините за реализација на одговорен однос кон нивното раѓање е воздржанието од полови односи на определено време. Впрочем, неопходно е да се напоменат зборовите на Св. Апостол Павле, упатени кон христијанските сопружници: Не лишувајте се еден од друг – освен по договор за некое време, за да и се посветите на молитвата и пак да бидете заедно за да не ве напаствува сатаната, поради вашето невоздржување (1. Кор. 7,5). Очигледно е дека сопружниците треба во оваа област да донесат одлука со взаемна согласност и со совет со духовникот. Тој, со пастирска внимателност треба да ги зема предвид конкретните услови за животот на брачниот пар, нивата возраст, здравје, степен на духовна зрелост и многу други околности, како и да ги разликува оние кои се во состојба да „прифатат“ високи мерила за воздржание и оние на кои тоа „не им е дадено“ (Матеј 19,11), водејќи, пред сѐ, грижа за зачувување и зајакнување на семејството.

Светиот Синод на Руската Православна Црква, со решение од 28 декември 1998 година, им укажува на свештениците кои извршуваат духовно служење дека е „недопустливо да се врши принуда или наговарања кон своите духовни чеда, спротивно на нивната волја, за… одрекување од сопружничкиот живот во брак“. Притоа, ги потсетува пастирите и на неопходноста од „согледување на особено целомудрие и пастирска претпазливост при разговорите со своите духовни чеда, сврзани со еден или друг аспект на нивниот семеен живот“.

 

XII.4. Примената на нови биомедицински методи, во многу случаи, овозможува да се надмине проблемот со неплодноста. Истовремено, сѐ повеќе се практикува технолошка интервенција во процесот на зачнување на човечкиот живот, што претставува закана по духовниот интегритет и физичкото здравје на личноста. Загрозени се и односите меѓу луѓето, кои од памтивек биле основа на општеството. Со развојот на споменатите технологии поврзано е и ширењето идеологија, на таканаречените репродуктивни права, идеологија која денес се пропагира и на национално и на меѓународно ниво. Овој систем на погледи дава приоритет на половата и социјална реализација, над грижата за иднината на детето, над духовното и физичкото здравје на општеството и неговата морална стабилност. Кон човечкиот живот, во светот постепено се создава однос како кон продукт кој може да се бира согласно нашите сопствени склоности и со кои може да се располага исто како со материјални вредности.

Во молитвите од чинот на венчанието, Православната Црква ја изразува верата во тоа дека чедораѓањето е саканиот плод на законското сопружништво, но заедно со тоа не е неговата единствена цел. Црквата не се моли само за „плод во утробата за полза“ на сопружниците, туку и за даровите: безвременска љубов, целомудрие и „истомислие на душите и телата“. Затоа, Црквата не може да ги смета за морално оправдани методите за детераѓање кои не се во согласност со замислите на Творецот на животот. Ако мажот или жената не се способни да зачнат деца и ако терапевтските и хируршките методи на лекување не е им помагаат, тие смирено треба да ја прифатат својата бездетност, како посебен призив. Пастирските препораки, во овие случаи, треба да ја предвидат можноста за посвојување на дете, по взаемна согласност на сопружниците. Во допустливи средства на медицинска помош спаѓа вештачко оплодување, со полови клетки од сопругот, зашто таа не ја нарушува целината на брачниот сојуз и суштински не се разликува од природното зачнување и се извршува во контекст на сопружничките односи.

Манипулациите поврзани со „донација“ на полови клетки го нарушуваат интегритетот на личноста и особеноста на брачните односи, допуштајќи наметнување на трети страни во нив. Освен тоа, таквата пракса охрабрува неодговорно татковство или мајчинство, зашто тоа јавно ги ослободува анонимните донатори од секакви одговорности кон нив, кои се „плот од плотта“ нивна. Користењето донаторски материјал ги нарушува основните семејни врски, зошто сугерира дека покрај присуството на „социјални“, детето има и „биолошки“ родители.

„Сурогатното мајчинство“ т.е. носење оплодена јајце клетка до крајот на бременоста од страна на жена, која после породувањето го враќа детето на „нарачателите“, е противприродно и морално недопустливо, дури и кога се остварува без паричен надоместок. Овој метод доведува до рушење на длабоката емотивна и духовна блискост, која се воспоставува помеѓу мајката и детето уште за време на бременоста. „Сурогатното мајчинство“ предизвикува трауми, како кај жената што го износува детето до крајот на бременоста и чии мајчински чувства така се погазуваат, така и кон детето, кое подоцна може да доживее криза на својот идентитет. Од православна гледна точка, морално се недопустливи и сите видови на екстракорпорално (вонплотно) оплодување, кое подразбира подготовка, чување и намерно уништување на „излишните“ ембриони. Моралната осуда на абортусот од страна на Црквата се засновува токму на признавањето на човечкото достоинство на ембрионот.

Оплодувањето немажени жени со користење на донаторски полови клетки или реализација на „репродуктивните права“, било на неоженет маж, било на лица со таканаречена нестандардна сексуална ориентација, на идното дете му го одзема правото да има и мајка и татко. Користењето на репродуктивни методи надвор од контекстот на од Бога благословено семејство, станува облик на борба против Бога, која се води под плаштот на заштита на човечката автономија, а всушност е во името на изопаченото разбирање за слободата на личноста.


Извадок од: Основите на социјалната концепција на Руската православна црква.