Да постам или не?

Текстот е наменет за оние кои се мислат дали да постат или не; за оние кои сакаат,но не можат да го направат првиот чекор; кои се сомневаат во своите сили. Ова е само едно мало размислување за тоа како да се решиме на пост.

Зошто е тешко?

Нектариј Морозов

Во пракса, на човекот секогаш му е тешко да се реши на нешто што му го нарушува комфорот, особено кога станува збор за нешто што е релативно ново во неговиот живот. Ние денес сме многу слаби суштества, подложни на влијанието на цела низа негативни фактори и постојано склони кон барање на некакви утехи, меѓу кои спаѓа и вкусното јадење. Затоа на човекот којшто нема доволно духовен опит, кој тукушто пристапил кон црковниот живот, му е многу тешко да се реши на таков чекор. Би можеле да наведеме еден сличен пример. Ете ти се подготвуваш да се искапеш во реката, и на почетокот почнуваш да покажуваш нерешителност. Водата ти се чини студена и влажна. Но потоа кога веќе ќе влезеш, наскоро се привикнуваш па подоцна дури и не сакаш да излезеш надвор. Токму така бива и со секоја друга работа, па и во однос на постот. Еднаш треба човекот да се реши да влезе во водата, а потоа нему ќе му биде многу полесно.

Навистина за оној кој за првпат се решава да пристапи кон постот, може да му се понуди одговор на неколку прашања за да може разумно да пристапи кон таа навидум едноставна работа.

 

Зошто сакам да постам?

Одговарајќи на ова прашање треба да разјасниме неколку моменти. Најпрвин, неопходно е да се знае дека постот е опит на откажување од она што тебе ти претставува наслада. Тој опит е своевиден темел на сите останати аскетски дејства на човекот. Особено на борбата со страстите, затоа што победата над страстите секогаш бара откажување од она што би го сакале, било да се тоа некакви задоволства или состојба на гнев, зашто кога во гневот викаме и тоа се покажува како своевидна наслада. Ако успееш да се откажеш во малото, ќе можеш да се откажеш и во големото. Доколку, пак, не се откажеш ни во малото, во поголемото сигурно исто така не ќе можеш.

Второ, постот е дело не само лично, туку и традиција и правило на сета полнота на Црквата, затоа кога човек почнува да пости, тој внатрешно се соединува со целата Црква. Би прашале, зошто е сето тоа неопходно, кога христијаните и така ја исповедаат едната вера и се обединуваат во храмот на молитва? Да, но подвигот, дури и кога е толку мал, обединува многу повеќе, затоа што кога принесуваш некаква жртва, тоа го сфаќаш посериозно. Во останатите случаи ти повеќе се ползуваш од нешто, но во овој случај даваш.

Освен тоа, многу луѓе си спомнуваат дека се христијани токму тогаш кога ќе седнат на трпеза со посна храна. И тогаш мислата што им доаѓа е толку наивно детска: „А што ако треба не само во ова, туку и во сето останато да бидам христијанин?“ Но понекогаш оваа мисла го поттикнува човекот да преиспита многу работи во себе.

 

Зошто треба да постам? Или не треба?

Зборот „треба“, од една страна значи дека нешто има право на постоење. Од друга страна, пак, кога на човекот му се вели „ти треба, ти си обврзан, или ти си должен“, кај него се раѓа некакво внатрешно противење. Но, најголемото значење на овој поим е во тоа што во Црквата, во Христијанството како такво, ништо не може да се сфати и прими без смирение. Најстрашната болест на современиот човек е гордоста, суетата. И кога тој од послушност кон Црквата го прима на себе јаремот на постот, тоа е затоа што тој би сакал малку по малку да се приведува себеси кон смирение, кон добрата простодушност на детенце кое го исполнува она што му го кажуваат родителите. И тогаш на човекот му се откриваат многу таинства на духовниот живот.

 

Што ме чека на тој пат?

Секако човекот со право треба да очекува некаков бунт од страна на своето тело, кое лишувајќи се од она на што се привикнало, почнува да докажува дека без тоа никако не може да опстане, и дека сето тоа е многу страшно и тешко, дека човекот не треба така да се измачува себеси. Тој момент треба да се истрпи, не веднаш да се попушти. И по некое време станува јасно дали навистина тоа барање е природна потреба, или, пак, станува збор за некакво лично расипништво, коешто може да се игнорира. Доколку е тоа потреба на човекот и човекот има некаква болест поради која му е неопходно примање на определен вид храна, тогаш дозволено му е да ја вкуси, бидејќи таа болест веќе го смирува телото и не е разумно тоа прекумерно да се истоштува. Своевремено секој, па дури и тешко болниот човек, којшто сака да пости, може да најде за себе си определена мерка на постот според неговите сили, откажувајќи се на пример од некакви си свои лични омилени храни, без притоа да му наштети на своето здравје. Бидејќи поважно од сѐ е, како што спомнав, опитот на откажувањето.

Освен ова човекот задолжително го чекаат и некакви искушенија, затоа што постот е време на борба, кога непријателот на нашето спасение, ѓаволот, ќе нѐ напаѓа, и секако ќе се обидува нас коишто на таков начин стремиме кон небото, да нѐ сруши на земјата. Тој ќе ни се меша во најразлични добри нешта, а Господ тоа ќе го допушта, затоа што тоа, пак, за нас е вежба која го овозможува нашето усовршување во добродетелта. Затоа не треба да се плашиме, туку треба за себе од таа вежба да извлечеме поука. Односно, пред сѐ, постот треба да биде време кое човекот го поминува внимателно и будно, набљудувајќи што се случува со него, какви страсти се будат, ги победува ли тој нив или тие го победуваат него, зошто е тоа така – и од сето тоа да се извлечат заклучоци.

Како можеме да си помогнеме? Основните наши средства за помош се вниманието, навиката да се испитуваме себеси, будност во искушенијата за тие да нѐ не изненадат, и секако засилена молитва и учество во црковниот живот.

Не мислам воопшто дека доколку човекот сѐ уште не оди во храмот, не би требало да пости и дека за него тоа би било сосема бесполезно. Не! Бидејќи кога луѓето ќе почнат да постат, тие постепено навлегуваат и во црковниот живот. Тоа се случува тогаш кога човекот пости заради Бога, а не поради диета или некаков обичај. Како што вели Св. Теофан Затворник: „На Бога Му е потребен некаков повод за да нѐ помилува. И постот може да стане токму таков повод“.

 

А како за Нова Година?

Доколку зборуваме од чисто гастрономски аспект, тогаш при денешново изобилие од продукти, навистина може да се приготви потполно вкусна, хранлива, па дури и отмена трпеза, а притоа посна. Доколку пазењето на постот кај некои од членовите на семејството предизвикува конфликти, тогаш подобро е постепено да ги запознавате блиските за тоа зошто вие од нешто се откажувате.

 

Што е мојата придобивка на крајот од тој пат?

Кога човекот прави нешта поради Бога, поради својата душа, тој воопшто не треба да размислува што ќе придобие. Самиот негов труд му е веќе придобивка. Не само затоа што даденото ќе му се врати, оти, нели, кој денес сее во идниот век ќе пожнее стократно. Туку едноставно самата можност да му се даде на Бога нешто е една огромна среќа, каква што нема друга. И не треба да се оди далеку со примерите: Кога еден човек го љуби другиот, тој му дава нешто не заради тоа што ќе му биде вратено, туку едноставно затоа што самото давање за него е среќа. И тоа може и треба да се учи.