Христијанската слобода и предизвиците на неолиберализмот во врска со темата за христијанското образование и современа Европа – Доц. д-р Костадин Нушев[1]
Темата за христијанското образование и за моралното воспитание на современите млади луѓе, преку интеракцијата меѓу Црквата и училиштето, е исклучително важна и актуелна во денешно време. Би сакал да го започнам моето излагање со нешто заедничко и познато за сите тука собрани, и за секој еден од нас поодделно, а тоа е нашата заедничка духовна традиција на Црквата и нашата христијанска просвета и култура. Тоа е нашето заедничко духовно и културно наследство, поврзано со христијанското просветно дело на Светите браќа Кирил и Методиј и мисијата на нивните ученици среде словенските народи. Тоа дело е толку длабоко и определувачко за нашата христијанска културна самосвест, па дури и во денешно време ние црпиме вдахновение од него и се стремиме да ги решаваме новите задачи на Црквата, училиштето и општеството во денешна Европа во светлината на богатството од вистини, вредности и традиции што како завет ни се оставени.
1. Духовната традиција на христијанското образование и предизвиците на современа Европа
Делото на Светите браќа Кирил и Методиј како црковни мисионери, учители и просветители на Словените во средината на ІХ век, на еден посебен начин ги поврзува нашите народи и е пример за христијанската култура и мисионерство во тогашната и денешна обединета Европа. Не е случајно денес, тоа што овие наши првоучители се прогласени за духовни покровители на Европа и ние ги почитуваме, не само како првоучители, но и како небесни покровители на нашите словенски народи. Уште во тогашниот средновековен христијански свет тие ги поврзуваат двата големи црковни центри на тогашна Европа, Рим и Константинопол, преку своето мисионерско дело и покажуваат како творечки се создава една нова писмена култура и образование на говорен народен јазик.
Во денешно време ние сме повикани да чекориме по стапките на нашите првоучители и на нивните ученици, меѓу кои највиден и почитуван кај нас е Св. Климент Охридски, и да ги поведеме нашите народи на еден достоинствен начин кон семејството на обединета Европа. Да ги зачуваме нивните традиции, но и да ги обновуваме, заради просвета на новите поколенија млади луѓе, та останувајќи верни на тие завети и не губејќи го нашето христијанско културно наследство да се зацврстуваме во нашата православна духовна самосвест.
Дали е можно тоа во денешна Европа? Дали е остварливо за нашата Православна Црква такво духовно и црковно служење, денес во обединета Европа, и колку самата Европа е она што била во ІХ век, дали ги сочувала своите христијански корени и самосвест?
Дали процесите на евроинтеграција нѐ обврзуваат со некаква културна и цивилизациска униформираност и одрекување од нашето духовно наследство, или ние можеме истовремено да се присоединиме кон заедничкото културно семејство на Европа и да ја сочуваме нашата духовна и културна самосвест?
На овие теми ќе се обидам да расудувам и да споделам некои мои ставови и размислувања, во главно имајќи ги предвид процесите на евроинтеграција во современиот свет и предизвиците за слободата, духовната самосвест и проблемите на религиозното образование во нашите земји. За нас во Бугарија оваа тема е особено важна, зашто од почетокот на преминот кон демократско општествено уредување и напорите за присоединување кон Европската Унија, нашата Бугарска Православна Црква настојува да го возобнови христијанското православно религиозно образование во бугарското училиште и сѐ уште тој процес не е завршен и нема достигнато задоволително рамниште. Нашите политичари првин се оправдуваа со задачите за преминот, за приватизацијата и демократизацијата на економијата и општеството, потоа со задачите за евроинтеграцијата и еве сега, 10 години по полноправното членство на Бугарија во Европската Унија, ова прашање сѐ уште не е конечно решено на задоволителен начин. На еден парадоксален начин ние сега сме повикани да ја поддржуваме Република Македонија во нејзините напори за евроинтеграција, но во однос на воведувањето, или поточно возобновувањето на Веронауката во јавното училиште оваа земја поминала подолг и порешителен пат од нашата, зашто веќе се зафатила со прашањето понасочено. Оваа околност, од своја страна, може само да ни покаже, дека на патот на евроинтеграцијата ние треба заемно да се поддржуваме и да го споделуваме своето искуство, како позитивното така и негативното, зашто се среќаваме со слични проблеми и треба да решаваме слични задачи.
На оваа тема ќе се обидам да ги претставам моите расудувања и искуство и да ги претставам актуелните проблеми во однос на прашањата за христијанските вредности во образованието во контекстот на бугарскиот и европскиот образовен и општествен систем, и од гледна точка на напорите на Бугарската Православна Црква во последните десетлетија.
А сега сакам повторно да се навратам на примерот со Светите браќа Кирил и Методиј и нивните ученици, зашто за нас тие секогаш треба да бидат светол пример, важна насока и ѕвезда водилка во нашиот труд и напори. Нивните духовни дела и просветни напори за христијанизација на словенските народи треба да нѐ раководат и денес, за да се зацврстиме во сфаќањето, дека само ако сме верни на нивните завети ние можеме уверено да одиме напред, без да губиме ништо од богатството на нашата духовност и култура, и треба да се стремиме да го обновуваме и продлабочуваме тоа наше духовно наследство што ни е оставено како завет и само на тој начин да го дадеме и својот творечки придонес во самото европско семејство на различни народи.
Светите браќа Кирил и Методиј биле истовремено и мисионери на Источната Православна Црква, пратеници на Константинополската Патријаршија, но и црковни учители на новопокрстените Словени во Моравија, која се наоѓала на Запад во диоцезата на римскиот епископ. Тие се вистински духовни татковци на обединета Европа, зашто ги присоединиле Словените кон заедничката христијанска култура и цивилизација на тогашна Европа, но без да ги лишат од сопствениот јазик, претворајќи го говорниот јазик во писмен јазик на Светото Писмо при што го превеле Евангелието и сите други богослужбени книги заедно со своите ученици. Во своето мисионерско дело на Запад, тие се поврзале и со претставници на римскиот апостолски престол, бидејќи тогашната Вселенска Црква била една и неразделна пред Великата схизма, дури и дејствувале и како претставници на Рим во Велика Моравија. Додека Свети Методиј ја извршувал својата мисионерска служба во рамките на црковна диоцеза, којашто се наоѓала под црковна јуриздикција на римскиот папа, зашто тогаш Велика Моравија во црковна смисла спаѓала кон диоцезата на Залцбуршкиот архиепископ, а тој од своја страна бил потчинет на римскиот папски престол, Св. Кирил и Св. Методиј биле одговорни и пред авторитетот на тамошните црковни власти и требало да му ги претстават новите книги за одобрување на папата Адријан во Рим. Во тоа време од чисто црковно-канонска гледна точка, тоа не создавало проблеми, зашто Христијанската Црква била единствена и не била разделена во конфесионален, догматски и канонски однос на Источно-православна и Римокатоличка.
Но, независно од таа верност кон римските власти, кога Светите браќа се судриле со западната тријазична ерес, која се зацврстила како своевидна догма и го порекнувала правото на Словените на свој богослужбен јазик, или била претеран конзервативен израз на традиционализам, кој му пречи на мисионерството, просветителството и обновата, тие се спротивставиле енергично и решително на тоа. Така ни покажале дека верноста кон Црквата и традицијата не значи краен традиционализам и биле верни на православното учење на Свети Апостол Павле за молитва и богослужба на разбирлив јазик.
Какви заклучоци можеме да донесеме од тоа нивно велико просветителско и рамноапостолско дело во тогашна обединета Европа?
2. Христијанските вредности на слободата и предизвиците на денешниот „неолиберализам“.
Првиот заклучок е во однос на христијанското разбирање на слободата, како на личната, така и на слободата на народите и нивните црковни и национални заедници. Слободата на христијаните, дали биле пастири или верници, во нејзината целосна полнота и егзистенцијална пројава како духовно напредување и усовршување во вистината и доброто, како служење на ближните и мисионерство во современиот свет, треба да биде во границите на црковниот канонски ред, но не би требало да се потчинуваме и помируваме со некакви лажливи теории, кои ја извртуваат вистината и ни се налагаат предизвикувајќи прекршување на евангелските принципи. Тоа се принципи на слобода и независност, на духовна просвета во вистините на верата и на просветена вера на Христијаните, која води кон спасение и се достигнува преку знаење и просветителство на нивниот роден и разбирлив јазик. Тријазичниците го одрекувале точно тоа и биле конзерватори, но во лошата негативна смисла на зборот како назадни сили, кои пречеле на духовниот напредок на европските народи во христијанска Европа.
Вториот важен аспект од тој историски заклучок е поврзан со христијанското разбирање на слободата, која е слобода во вистината и поради вистината и разликата со формалното и индиферентно разбирање на слободата како независност во духот на некои модерни движења на либерализмот. Слободата од христијанска гледна точка е неразделно поврзана со вистината и со борбата за вистината и чистотата на верата. Тоа е така зашто слободата без вистина или слобода во услови на беззаконие, безредие и анархија, е лажлива и илузорна слобода, привидна слобода, која води до хаос, неправда, страдање и уништување. Тоа е слободата на Блудниот син од Евангелската парабола на Спасителот, којшто ја разбира својата независност и слобода без одговорност кон Бога и Божјиот закон и без да стои и да се задржи во вистината и правдата. Денес има многу луѓе кои си ја замислуваат слободата на таков површен и лековерен начин и стигнуваат до една идеологија на краен, егоистички и индивидуалистички либерализам. Тоа е едно лажно разбирање за човечката слобода и за автономија на човечката волја, кои се разгледуваат и разбираат во смисла на една целосна независност и самоволие и така се достигнува до една ослободеност од Бога и до спротивставување на човекот на Бога. Точно таа лажна слобода ги преминува границите на слободното самоволие и во едно лажливо замислено разбирање на „безгранична“ или неодредена слобода од Божјиот морален закон, се претвора во самоугодување и самоволно подредување со себе си и со наследството и животот што ни се дадени од Бога. На тој начин зад маската на личното достоинство и индивидуални права, ако слободата се злоупотребува за грев, неправда и неодговорно однесување, таа слобода се претвора точно во слободата на „Блудниот син“ од Евангелието. Многу луѓе мислат дека е можно да се одвои слободата од вистината, слободата од правдата и Божјиот закон и така паѓаат во лажливата заблуда на „Блудниот син“. Тие сакаат да живеат без „страв од Бога и срам пред луѓето“, како што се вели за еден неправеден судија во Евангелието, и така ја ползуваат „својата слобода за угодување на плотта“. На тој начин, според зборовите на нашиот Спасител и Господ во Евангелието, ако слободата се ползува за грев и угодување на плотта, таа слобода се претвора во ропство на гревот. Треба да ги паметиме знаменитите зборови од Евангелието: „Ќе ја познаете вистината и вистината ќе ве направи слободни!“ Слободата ни е вистинска слобода само кога е слобода за вистината и слобода во Вистината, зашто Христовите зборови имаат едно важно дополнување: „Кој врши грев е роб на гревот!“ Ете таа вистина е многу важна да ја знаеме и не само да се држиме до неа во нашиот живот во денешно време, но и да ја предадеме на младите и да ги воспитуваме во неа новите поколенија, за да ја знаат што е вистинската слобода и да ја ценат како слободата, така и вистината.
Тоа наше сведоштво за Христовата вистина и за евангелското учење за слободата во денешно време се соочува со мноштво испити, а едно од тие најважни предизвици е всушност предизвикот на безграничната и неодредената слобода, или тоа што денес го нарекуваме „неолиберализам“.
Каков е тој денешен либерализам и зошто тој се јавува како сериозен предизвик? Самиот либерализам во почетокот на модерната епоха настанал во пазувите на Христијанството, како слобода на совеста на поединецот и заштита на природните човечки права, пред мешањето на државата и земните сили на Кесаревото царство. Постепено тој либерализам се откинувал во процесот на секуларизација на западната цивилизација од своите духовни корени и се претворал во една нерелигиозна, а понекогаш и крајно антирелигиозна идеологија. И денес во специјализираната литература се наведува, дека тој класичен либерализам, чијашто основа се христијанските вредности на слободата на совеста, човечките природни права и на усогласувањето на принципите на „здравиот разум“ со Божјиот закон и непишаните морални норми, е нешто позитивно во историјата и културата на европската цивилизација, но неговата секуларна современа варијанта на антирелигиозен либерализирам е повеќе негативна појава. Тој прв, ран либерализам на здравиот разум не се спротивставува на вистините и вредностите на верата во Бога и на природното добро во човекот, на врската на христијанството со слободата и општествените вредности на правдата и солидарноста, кои се утврдени во основата на најдоброто од наследството на европската христијанска цивилизација. Но денес во обединета Европа можеме да се запрашаме колку тој проект за политичко обединување и економска и финансиска унија, се базира и се повикува на тие исконски универзални христијански вредности и колку ги признава своите христијански корени? Во почетокот на интеграционите процеси по крајот на Втората светска војна татковците основачи на обединета Европа биле поборници за еден христијански тип неолиберализам, кој ќе ги отстрани крајностите на нечовечниот капитализам и неговиот антипод во лицето на атеистичкиот и нерелигиозен комунизам. Но, во денешно време, напоредно со тие христијански корени на Европа и христијанските вредности на слободата, правдата, солидарноста и заемната соработка во европскиот општествен и политички простор се провлекуваат и некои крајно антирелигиозни тенденции на еден секуларизиран, „постхристијански“ и постмодерен неолиберализам, кој се спротивставува на христијанските корени на Европа и на вредностите на Духот.
Засилувањето на секуларните тенденции во Европа во почетокот на ХХІ век, води до едно сѐ посилно поткопување на христијанските основи на заедничката европска цивилизација. Во врска со тоа можат да се наведат многу примери, но јас ќе истакнам само еден. Сите ние видовме само пред околу месец како во Европа во некои трговски синџири во Германија се пројави таа антихристијанска секуларна тенденција. Тогаш најнападно се отстрануваа христијанските крстови од сликите на православните грчки храмови, употребувани за реклама на традиционални грчки производи во трговските мрежи. Тоа јасно покажа дека се засилуваат тенденциите за дехристијанизација и опасностите од дехуманизација, поврзани со неа, на еден наизглед невин начин, трговската реклама и одрекувањето од христијанските симболи. Таа тенденција има многу пројави, кои се засилуваат и во некои моменти дури и ги полеваат денешните европски земји, легализирањето на геј-браковите, пропагирањето на алтернативна сексуална самосвест, одрекување од христијанските симболи во јавниот простор, истакнување и фаворизирање на лица, припадници кон сексуални малцинства и нивното наметнување како ликови, „примери“ и „икони“ на современата европска култура како примерот со изведувачот „Кончита Вурст“, добитник на наградата на Евровизија. Поради тоа засилување и пропагирање на секуларизмот се достигна постепено и до една сериозна криза на христијанските вредности, која води до лажно толкување на слободата. Таа секуларна и неолиберална идеологија на слободата води до сведување (редукција) на слободата до една „слобода без одговорност“ или до слобода без барање на вистината. Парадоксално е тоа што таа современа масовна култура сака да му даде на поединецот слобода на изборот, но истовремено го отуѓува од Христовата вистина. На тој начин тоа неолиберално читање на слободата, всушност го лишува современиот човек од најважната основа на слободата, вистината. Зашто слободата без вистина се претвора во „седозволивост“ и безгранично самоволие, кои водат до заблудата, гревот и злото. Така слободата останува без своите духовни основи во вистината, и се претвора во онаа слобода, за која зборува Ф. М. Достоевски: „Ако нема Бог, значи за човекот сѐ е дозволено!“ Ако таа слобода се крепи врз скептицизмот и неверувањето и тоа е слободата на денешниот либерализам, тогаш тој либерализам станува израз на она фундаментално неверување, кое го изразил Пилат Понтиски во Евангелието, кој застанал пред Христа и Христовото сведоштво за вистината прашувајќи со недоверба: „Што е Вистина?“ Тоа прашање на Пилат не е израз на барање на вистината, а е израз на неговото неверување и недоверба во постоењето на вистината.
И затоа тој либерализам, којшто се базира на неверувањето и на безбожноста, станува и нечовечен либерализам, станува антихуман и деструктивен либерализам, којшто се претвора во израз на човечкото самоволие, на човечкото насилство над другите и во извор на гревот и злото во светот. Точно тој краен либерализам денес асоцира на поимот за „неолиберализам“. Тоа е една површна секуларна идеологија, која го откинува човекот од неговите длабоки духовни корени, што доаѓаат од Бога и Божјиот лик, што Творецот му го дал (Бит. 1:26-28) И покрај тоа што во чисто научните дискусии под неолиберализам понекогаш се разбира и онаа позитивна тенденција за враќање на либералната филозофија кон своите христијански духовни корени или на обиди за обновување на изгубената врска на либерализмот и конзервативните христијански вредности, сепак денес во помасовна смисла неолиберализмот е едно крајно секуларно и антирелигиозно движење, кое се крева против христијанството и вредностите на Православната вера и традициите на нашата Црква.
3. Бугарската Православна Црква и религиозното образование во бугарското училиште во контекстот на овие современи проблеми
Оваа нова форма на еден, по својот карактер, секуларен и антихристијански краен либерализам содржи и едно поларно спротивставување на разумот и верата, спротивставување на црквата на државата, на религијата на светската култура и на тој начин поставува еден културен дуализам на духовно и световно начело. Така оваа нова идеологија го лишува човекот, најмногу младите, од полнотата на духовниот живот и запознавањето со христијанското културно наследство во полнота, преку традицијата на православната вера и духовниот живот на Црквата. Таа секуларна тенденција е една од основните причини за потешкотиите за обновување на религиозното образование во бугарското училиште и се претвора во извор на отпорот против стремежот на Црквата за духовно и морално воспитување на младите поколенија во бугарскиот образовен систем. После падот на атеистичкиот комунистички режим, токму секуларизмот со од него поставениот систем на светоглед и вредности на тој културен дуализам и спротивставување на религиозното и световното начело, се подигна како преграда пред процесот за обновување на религиозното образование, како засебен предмет во програмата на бугарското училиште. Така поборниците на световното начело во училишното образование, кое тие го толкуваат како светоглед и идеологија на секуларизмот, а не како граѓански статут и карактер на училиштето, продолжуваат да ги лишуваат новите поколенија од целосно запознавање со духовната култура на Христијанството и од изучувањето на вистините и вредностите на православниот духовен начин на живот. Точно тоа се случува во нашата земја во последните години кога по отстранувањето на крајностите на тоталитарниот комунизам и неговата војувачка атеистичка идеологија, кои пропаднаа во историјата, образовниот систем и училиштето попаднаа во духовна и вредносна криза, и не беше изнајдено соодветно решение за обновување на христијанските вредности во образованието. На местото на стариот атеистички светоглед бавно и постепено се воспостави еден латентен вредносен систем на нов секуларизам, кој започна да војува против верата и вистините на Црквата преку една неолиберална идеологија. Под маската на толерантност кон сѐ и кон сите, плурализам без принципи и одбивање да се прими традиционалната христијанска култура и духовната традиција на Црквата во системот на нашето образование, веќе повеќе од две десетлетија се води борба против обновувањето на религиозното образование во дух на христијанско човекољубие и духовна просветеност. Оваа Ситуација ги лишува младите луѓе и новите поколенија во Бугарија од елементарната религиозна просветеност и ги отуѓува од богатството на родната христијанска култура. Под изговор дека општеството и образованието се световни, нашите политичари и службеници веќе дваесет и пет години се обидуваат да не ги почитуваат, да ги спречуваат и занемаруваат напорите на Црквата за обновување на христијанското духовно и морално воспитание и образование на децата во духот на универзалните морални вредности.
Кога во 1998 година започна таа засилена дискусија во Бугарија, во Германија започна кампањата против крстовите во училниците во некои училишта. Во Европа се крена секуларен бран на антихристијанско расположение, а во нашата земја се боревме за враќање на предавањето религија во јавните државни училишта. Тогаш во Германија демохристијаните кренаа еден принцип, кој гласеше „Правото да знаеме, но и слободата да веруваме!“ Тоа значи истовремено во општеството и во јавниот образовен систем да ги комбинираме и балансираме тие две вредности, правото на секој за слобода и знаење, но и слободата да се верува и да се образуваат младите луѓе во вредностите на својата вера и духовна традиција. Нашиот посткомунистички општествен систем сѐ уште ги спротивставува тие две страни на вистинската духовна слобода и на христијанската слобода разделувајќи ги идеолошки на едно рационално или рационалистичко знаење, кое се восприема како спротивно на верата. А, пак, за христијанската и религиозна вера се тврди дека не е во согласност со знаењето и науката и затоа не треба да е застапена в училиштето, за да не ги индоктринира децата. Тоа разбирање е еден остаток од атеизмот од минатото, кој тешко се надминува, но во денешно време тој латентен заостанат атеизам се поврзува повторно со новата идеологија на секуларизмот, иако и не така жестоко и насилно како атеизмот.
Денес пред лицето на еден сличен, краен и апстрактен либерализам, кој еднострано ги акцентира само слободата и независноста, но ги разбира без врска со вистината, само правата и слободите, но без врска со задолженијата, ние повторно треба да сведочиме за полнотата на христијанската вистина, за христијанската слобода и за духовниот живот во Христа. Тоа кое се спротивставува на верата е една световна, секуларна форма на либерализмот, која не е заинтересирана за вистината и правдата, води до скептицизам, морален релативизам и субјективизам и како последица се стигнува до поткопување на универзалните христијански морални вистини и вредности на самата слобода. Таа идеологија изјавува, дека остава секој слободно сам да си избере своја субјективна вистина без да наметнува нешто никому, но во својот нихилизам и релативизам се претвора во нешто што повеќе уништува, а не се држи до конструктивното и творечко начело на слободата. На тој начин се оштетува духовниот живот на човекот како личност, вредностите на човечката заедница и ползата за целото општество и Црква. Независно од променетите услови во современиот свет, независно од секуларните тенденции во денешна Европа ние сепак сме должни да останеме верни на православното разбирање на Преданието на Црквата, што истовремено е верност кон традицијата, но и обновување на мисионерското, пастирско и духовно служење за благосостојбата и спасението на современиот човек во денешните тешки услови. Денес нашата Црква апелира и настојува да се поддржат младите луѓе преку едно современо европско, но и национално и традиционално по дух, духовно и религиозно образование, кое ќе им помогне да пораснат како целосни и слободни личности. Тоа би било во интерес на целото општество и на нашата заедничка европска култура и цивилизација. Во спротивен случај ние се сообразуваме само со економските и политички интереси, и ги губиме нашите исконски духовни вредности и една таква Европа би била еден заеднички пазар и заеднички економски и политички простор, но не би била наш вистински заеднички духовен дом, во кој ќе ја исповедаме слободно нашата вера и ќе ја развиваме нашата христијанска култура и православна традиција, за благосостојбата на секој човек поодделно и на општеството во целина!
[1] Г. Костадин Нушев ја извршува должноста на професор по предметот „Христијанска етика“ на Софискиот богословски факултет „Свети Климент Охридски“, а истовремено е и експерт во Културно-просветниот оддел при Светиот Синод на БПЦ – БП. Предавање на Семинар: ХРИСТИЈАНСКОТО ОБРАЗОВАНИЕ ВО ЕВРОПА, 28 октомври 2017 год. во организација на АПЕР Просветление