Исконските стравови на човекот можеме да ги дефинираме како стравови од природни катастрофи, страв од невидливи сили и страв од смртта. Овие стравови не престануваат да бидат актуелни и денес; стравот од невидливите сили делумно исчезна, а делумно доживеа необични преобразби. Преку психоанализата ни е познато дека тешко му е на човекот да се избори со слободно лебдечкиот страв – стравот кој не е врзан за некој конкретен објект – па поради тоа таквиот многу посилно се доживува. Ова е, најчесто, страв кој потекнува од распаднати автономни комплекси на рационалното и ирационалното во човечката психа.
Не постои епоха во историјата во која човекот, и како поединец и како дел од заедницата, не доживувал интензивни стравови. Во XX век, стравовите не само што не исчезнаа (тоа е само нечија наивна претпоставка, со оглед на тоа дека техничката цивилизација и донекаде политичката револуција, прилично ги ублажија надворешните неповолни чинители кои предизвикуваа страв кај луѓето), туку изгледа дека современите стравови станаа посилни од секогаш. Зошто е тоа така? Се чини дека сферата на доживувањето на стравот денес – ако ги изземеме најсиромашните земји во кои, на наш заеднички срам, сè уште се умира од глад – сè повеќе се стеснува. Најсилните стравови на овој век, во земјите во кои владееше или сè уште владее диктатура, биле стравовите од човекот, од другиот човек. Овој страв може да биде толку силен, што може да го потисне секој друг страв. Во човекот од другите западни земји, вклучително и од Америка, каде што не постоеше диктатура – во кои е остварена материјална благосостојба непозната за поранешните векови – постепено порасна стравот од самиот себе. Не е ли тоа егзистенцијален страв, дефиниран како категорија на страв која настапува тогаш кога „границите на инстинктивната сигурност се напуштени, непознатите области надминати, а ‘вртоглавицата на слободата’ треба да се поднесе?“
Многу често се прашував: од каде толку многу незадоволства, депресии сè до самоубиства, толку многу психосоматски болести, алкохолизам и наркоманија и секако, страв, токму во земјите со богат материјален живот, кои му ги овозможуваат на човекот сите врсти на технички олеснувања во секојдневието, во земјите со несомнени демократски слободи, за кои некои други земји можат само да сонуваат? Не станува ли тука збор за некоја скриена лага? Не му е ли на човекот наметнат еден живот (без некој видлив диктатор или некоја фанатичка идеологија), кој тој не може и не сака да го живее? Заробен во златен кафез, ваквиот човек манифестира револт слично како вештакот со гладувањето во Кафкината приказна за судењето.
Што сакам да кажам? Денес човештвото со своите стравови стаса до ѕидот. Ако го изземеме архаичниот страв од природни катастрофи (земјотрес, поплави, пожар), тогаш двата други најсилни стравови, според мое мислење, се стравот од самиот себе и стравот од другиот човек. Двата стравови денес искуствено се доживуваат. Зборувајќи строго психоаналитички, стравот од другиот човек е всушност, страв од самиот себе. Дури и кога не ја прифаќаме тезата дека стравот од агресивниот човек е страв од сопствената агресија, долготрајниот допир со ваков човек, преку познатата „идентификација со агресорот“, прави и самите да станеме агресивни. Така исплашените синови на „силните“ татковци, подоцна постануваат тирани во сопствените семејства, а Сталин, борејќи се со насилните руски цареви, и самиот постана полош од сите нив.
Останува значајното прашање: Дали човекот и човештвото можат да научат нешто од искуството со стравот? Овој век дава невидена прилика и можност да се научи нешто од него.
Извадок од книгата: Владета Јеротић, О страху, Београд 2017.