Трансформација низ креација

 

Мојава мала техника ја посветувам на искажување на неискажливото. Оваа форма на творештво за мене претставува и извор, и поттик на имагинацијата и средство и цел за доаѓање до самореализација, вистина и слобода. Своевидна молитва. Моја лична Градива.

Рационализирајќи ги овие самоникнати творби, ги доживувам како модус на самоинтерпретација во затворен формален систем на начин на едно трауматско разградување и надминување на паланечкиот дух на денешната морално первертирана средина, каде сите поими се свртени на глава… каде темните сили обвиени во сладникав нихилистички превез систематски ни се наметнуваат како највисоки доблести.

Во ова време, каде не знаеме да го препознаеме Бог, па и единственото прашинче бисер, малото всадено пламенче божественост го доживуваме како страно тело, раска во окото… и се обидуваме да го згаснеме со неговите опозити, гревовните сладострасни наслади на денешницата, со кои колку повеќе се налеваме, толку пожедни и ненаситни бидуваме и така Бога во себе го убиваме, за да не ни пречи во злоделото, да не нè жули… да не чувствуваме. А бесчувствителноста е небрежност што преминува во навика и го затапува не само срцето, а и разумот го успива.

Овие дела се всушност преобразба во творба. Откажување од ветувањата од минатото. Со нив ги освестувам несвесните свои светови, со цел да се трансформирам ментално, психички и духовно, па и физички.
На суштинските темели ги отстранувам рушевините од стариот начин на живеење и издигам нови столбови кон повисоки нивоа на битисувањето. Полека копам, градам, преградувам, внимателно бирам, селектирам… за вистински, достоинствено да постојам.
Кога ќе се смени човековата свест, тогаш се изградува и нов поим за уметноста ,се воспоставува духовно единство на човекот, враќајќи му ја енергијата и потребата за трансформација на неговите односи со светот и со себеси. Уметност на проникнување во сржта на сопственото битие… пат од ропство во слобода.

Самите дела почнаа да се раѓаат под притисок на околностите. Почнав да ги создавам спонтано со оние материјали со кои располагав тогаш. Неколку стари платна, дрвофикс, четири канти поликолор и дузина прастари четки. Најголемото од платната беше со скромни димензии од 70 х 80 см. Кога почнав да работам, буквално не знаев каде се движам. Сомнежот почна да ја нагризува надежта… Сепак, почнав да работам. Чувствував како малиот формат ми ги ограничува движењата и наместо да се предадам на сликата, се стеснував. Просто, како она што сакаше да излезе од мене да не можеше да се смести во рамките на малите формати. Ова, во тоа време мало мачеништво, сега кога пишувам, разбирам дека всушност беше тест на издржливост, тест за тоа, колку сум подготвена да се борам, да си ја нарушам новопронајдената лагодност, да жртвувам во служба на уметноста… во служба на повисока цел.

По кусо време зедов од пак-папирот од факултетот и исеков формат со квадратна форма, чии страни беа нешто помали од 2 метра. Имав простор за поослободени потези, сликав на земја и имав можност да се движам околу сликата, што ми донесе мало олеснување. Но, хартијата беше тенка и лесно се кинеше, па почнав да соединувам, лепам еден врз друг 2, 3 листа за да добијам подебело, своевидно платно. Сепак, мократа хартија принудува на статичност при работата, што многу ме кочеше. Затоа дојдов до решение, кашираните пак-папири да ги оптегнувам на рамки.

Не знаев ништо за акцијата која се одвиваше при самиот процес на создавање на делата. Се предадов на интуицијата, и без однапред програмирани, рационални цели, ниту пак со јасна, во тој миг намера, сосема спонтано почнав да творам.

Кога ја завршив првата ваква слика, знаев… знаев дека таа е мојата временска машина што ме врати години наназад во светот, кој единствено го признавав и познавав за свој дом. Светот кој го љубев толку бескрајно, и едноставно, што премина во крајно комплицирано. Во светот кој најмногу боли, но и најмногу се љуби. Чувствував нешта, толку силни, за кои зборови сè уште нема створено.

Затечена во стариот свет како целосно нов човек, ми се случи експлозија на виножито од топли бои во душава. Доаѓав рано наутро во ателјето, за да можам да бидам сама со мојот старо-нов свет… за да се помириме јас и мојата уметност, да си дадеме втора шанса. Секое утро кога ја отворав вратата од ателјето ме обземаше мирис на восхит… Срцето ми тупотеше во познат ритам, кој носи непредвидлив крај… во единствениот ритам кој му требаше.
Подготовките на хартијата, пак-папирот… мерење, сечење, лепење, оптегање, грундирање, направија да чувствувам посебна блискост кон самата хартија.
Како сè што ме опкружуваше, да допринесуваше сè повеќе и повеќе да сакам, да морам да творам.
Работев по неколку слики истовремено. Се отвори креативниот вентил и создавав дела во некој вид занес, сè дури физички не снеможам.
Сега, кога размислувам, добивам впечаток како да се случи некој вид лачење… како да мораа овие дела да излезат од мене, за да можам да продолжам, за да постојам.
Ги подготвував боите… поликолори, фасадни бои, акрилни… мат, сјајни… густи, ретки… различни бои различни ефекти создаваат. Понекогаш ги мешам боите во палети-чашки, во канти, понекогаш ги истурам одбраните бои на самата хартија-платно, и дозволувам сами да се нијансираат. Во распоредувањето на боите на платното ми помагаат разни гранчиња, стапови, молерски четки, бришачи за шофершајбни, шпакли… во различни димензии, дебелини, густини.
Во сликарството може да се манифестира целата сила на амбивалентниот однос кон бојата, каде се обединуваат едни, а се оставаат во резерва други посибилитети на општењето со боите.
Најчесто ги вртам, превртувам сликите за да добијам хоризонтали, вертикали, коси линии. Комбинирам насоки. Плетам, преплетувам мрежи. Градам структури од флеки. Контролирам теченици, но истовремено се препуштам и на непредвидливоста што самиот креативен чин во себе ја содржи. Тежнеам да се себеизненадам. Крајната цел е да создадам единство од различности и да дојдам до една хармонија на делото во целост. Крајната цел е да бидам среќна со создаденото. И бев среќна. И сум среќна.

Почнав да си го препознавам одразот во огледалото со само еден краток поглед кој случајно го фрлав. Почнав да ги берам сочните плодови на трпението, трудољубието, послушанието, ревноста и пред сè, љубовта.
Наградена бев со возобновување на талантот кој го бев толку длабоко закопала, исплашена од бремето на одговорноста и според некоја логока на полесните решенија и конформизми, отфрлајќи го благочестието на животот, за кое сме сите ние повикани од небитие во битие.
Некои дела се поекспресивни, одлучни… со неколку живи движења доаѓам до финални, драматични резултати. Ваквите дела ги претставуваат интензивните и минливи, но неизбежни за човека, лични револуции.
Повеќето слики се многуслојни, густо структуирани, ткаени полека, постапно. Потсликувам, оставам да се исуши, некогаш целосно, некогаш до степен да можам само да ја нијансирам бојата со која сум сликала… па пресликувам, градам слој врз слој, дозволувајќи на некои места да блеска првичната боја. Извлекувам планови за да добијам длабочина… понекогаш со мали наноси трпрливо ги пуштам боите да течат и така извираат водопади од бои. Некаде комбинирам безброј нијанси, сè дури не се добие впечаток дека бојата расцветува, се дури не почне сликата да шири мирис на пролет. И сè така, дур внатрешниот импулс не ми заповеда – стоп, готово е делото.
При создавањето на секоја слика измислувам посебен вид алхемија што соодветствува само со таа слика и со ниедна друга.

Почетната фаза на ова мое творештво претставуваше катарзички метод на растоварување, ослободување на ферментираните емоции… инстиктивен чин на незапирливата желба за создавање… за потоа да прерасне во најобземачката, најсериозна и најплодоносна игра која ги поврзува севкупноста на правилата и слободата. Игра која ми го преоткри волшебството на имагинативното живеење преку потрагата по себството. Како што говореше Заратрустра за преобразбите на духот – „Детето е невиност и заборав, нов почеток, игра вртешка што се врти сама, прво движење, свето велење да.”
Човекот игра само тогаш кога е во вистинското значење на зборот човек… тој е само тогаш целосно човек, кога игра. Играта нè исправа, не исцелува и преобразува… нè усовршува преку освестувањето за себе.
Мене мојава игра на уметникување ми помогна во издигнувањето на суштествувањето кое произлегува од изнаоѓање на нови правила на постоење.
До спознание се доаѓа доколку најнапред исказот е интелигибилен и доколку потоа од искуството можат да се извлечат уметнички творби кои му соодветствуваат. А убавина во делата постои доколку по повод уметничките дела дадени најнапред преку сетилноста, без никаква поимна детерминираност, чувството на задоволство од секаков интерес кој самото дело го поттикнува, повикува на еден, во принцип универзален косензус.
И како што Достоевски тврди и преку своите дела сведочи – „Убавината ќе го спаси светот.” Најсовршената и највозвишена карактеристика на божествениот домострој е тоа, што тој се создаде неповторливо, уникатно и со неизглаголива убавина. Се е обдарено со своја лична особена убавина и секој човек бива украсуван со особен божествен дар, со уникатен талант. А ние сме должни да го умножуваме, преумножуваме талантот и да имаме креативен исползувачки однос кон него. Со дарот на убавината, со талантите, со дарот на мудроста и добрината треба да се освестуваме за нашата уникатност и неповторливост и во откровението на таа личносна особеност да се учиме да го љубиме Бог во секое Негово создание. Не треба да се фалиме и превознесуваме со она што го поседуваме, талантите, доблестите… ниту да го отфрламе дарот на убавината на животот, туку да благодариме со она, во што тие дарови се умножиле во нас и преку нас. Тоа е наука од животот и наука за животот, наука од љубов и наука за љубовта.

Погрешно протолкуваната потребата за доживување на апсолутна слобода преку протест против сите општествени норми и власти ме излизга во индивидуалистичка анархоавтономија, што ме доведе во судир со реалноста и објективната стварност. Оваа ода на прифаќање на адамовиот вресок во нас е праисконската измама на демонот, со која нè свртува против самите себе. Нè свртува против себе и секое човечко битие, зошто секој човек е Божји пратеник на земјата, а посебно оние талантираните, особено оние чистите по срце… па така војува со Бога за да нè земе во своите воени редови на отпадништвото. Зошто чистите по срце се обдарени со есхатолошки поглед на светот, со благодатните дарови на личното преображение.
Преку самосилното себеобожување нè води кон повлекување во некој вид аутизам, кој претставува симптом на егоцентрично подвојување и одлучувачки нѝ го поплочува патот кон шизофренија, а преку неа и до духовен аскетизам, будејки во нас најдлабока осаменост. Осаменоста, пак, нè носи до ништожност – ништо не постои, ништо не е вистинско, ништо сме. Ништавилото ја брише смислата на животот и сè ни изгледа бесцелно. Кога немаме цел, сè губи смисол и лесно се предаваме на илузии, вештачки раеви, се поклонуваме на идоли со погрешни идеали, се поистоветуваме со светот кој не опкружува и сè понеповратно се губиме себеси. Ровкаме по ѓубриштата, барајќи ја вистината онаму каде ја нема, каде целосно утописки нешта добиваат ореол на топоси, охрабрени од најголемите модерни светски сликари, поети, музичари, режисери… всушност, големи уметници – мали луѓе. Тие далеку пред нас ја барале убавината, смислата… трагале по изгубените раеви низ маргините на оваа космичка провинција, несвесно садејќи го семето на злото во идните генерации, сместувајќи ги заедно со себе дирекно во анусот на овоземното битисување, а со тоа и право во пеколот на оној свет.

„Се возгордеавме, залутавме,
Згрешивме, пострадавме.
Сакавме слобода
Постанавме робови.
Барајќи ги висините се стрмоглавивме на дното.
Очите наши бараа светлост
Нè обви темнина.
Имавме сила голема, многу дарови, мови бистри,
Преубави лица, гласови ѕвонки,
Коси негувани долги.
Имавме зборови смели, почесто дрски, манири фини…
Но најмногу носевме рани, таги и болки за кои не бевме свесни.
А сè заради љубовта, која ја баравме секаде само не во тебе,
Само не во тебе.
Таго моја, младост моја, единствена радост моја, прости.“ 1

Постмодерново општество е општество, кое не го признава и познава Бога, а штом не го познава Бог, лесно бидува изманипулиран од оној од спротива. Бидува жигосуван, прогонуван и измачуван дотолку повеќе, ако е устројувањето на човека такво, да длабоко амбивалентно ги доживува силните животни агенси и постојано е во екстензија на емоциите од најдлабоко разочарување до највисок восхит… и така, сè додека не ја изнајде способноста, со исто таква длабока мудрост, амбивалентно да се однесува и кон сопствените мисли за светот и себе, промислувајќи го сопственото постоење како процес. Процес, во кој централна оска ќе биде љубовта. Совршената усовршена љубов. Пресоздадена. Не условена.
Како што поучува Апостол Павле во своето прво послание до Коринтјаните, 13 глава. За Љубовта:

„Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, штом љубов немам, ќе бидам бакар што ѕвони или кимвал што ѕвечи.
Да имам пророчки дар и да ги знам сите тајни, да ги имам сите знаења за сите работи, а и така силна вера, што и планини да преместувам – ако љубов немам, ништо не сум.
И да го раздадам целиот свој имот, да позволам телото да ми изгори -штом љубов немам, ништо не ми користи,
Љубовта е долготрпелива, полна со добрина, љубовта не завидува, љубовта не се превознесува, не се гордее.
Не прави што е непристојно, не бара свое, не се срди, не мисли зло.
На неправда не се радува, а на вистина се радува.
Сè извинува, во сè верува, на сè се надева, сè претрпува.
Љубовта никогаш не престанува, а другото, ако се пророштва – ќе престанат; ако се јазици – ќе замолкнат; ако се знаења – ќе исчезнат.
Оти по нешто знаеме, а по нешто пророкуваме.
А кога ќе дојде совршеното, тогаш ќе исчезне делумното.
Кога бев дете, зборував како дете, како дете мислев, како дете размислував; а кога станав маж, го оставив детинското.
Сега гледам нејасно како во огледало, а тогаш лице во лице; сега знам нешто, а тогаш ќе знам како што сум познат.
А сега остануваат овие три работи: верата, надежта и љубовта; најголема меѓу нив е љубовта.“ 2

Со разорување на вредностите од минатото се раѓаат и овие дела со цел нов вид слобода. Разградувањето на поранешните норми, гледишта, приоритети и цели од сите други сфери во животот се рефлектира и во мојата уметност. Вистинската уметност и вистинскиот живот споделуваат едно единствено динамично устројство. Она што всушност го искушуваме на уметничкото дело и кон што сме насочени, е колку е тоа вистинито, колку во него ги спознаваме и препознаваме веродостојноста на нештата и себе си.
Ова мое ликовно соопштување на душевната состојба ми овозможи полесно да ги разбијам оковите на поранешниот животен терк и да ги соединам внатрешните спротивставености, дирекно воведувајќи ме во една нова епоха од моево уметникување и, воопшто, постоење.

Енформелот е подправец на апстрактната уметност. Настанува како непосредна реакција на ужасиите од Втората светска војна, во Европа како енформел, а во Америка како апстрактен експресионизам.
Резултат е на коренитите промени, и физички, и психолошки, и душевни, кои следат во повениот период.
Со згаснување на потребата за стварноста, исчезнува и потребата од објективна форма во уметноста.
Енформелните дела се евокативни дела – претставуваат единство на авторот и делото. Ја искажуваат душевната состојба на уметникот.
Македонските уметници во шеесетите години од минатиот век исто така биле затекнати од егзистенционалната траума и почнале да создаваат енформелни творби. Родољуб Атанасов, Ордан Петлевски, Драгутин Аврамовски-Гуте, Иван Велков, Томо Шијак, Ристо Лозаноски, Петар Мазев… внесуваат нова концепција на сликата, со принципот структура без композиција и непосреден говор на бојата, смело фаќајќи се гуша за гуша со предизвикувачката таинственост на апстракниот универзум, со што своеврсно допринесуваат за менување на ликовниот емотивен свет на македонското сликарство.

Во една покана за своја изложба и самите за сопствените дела ќе се изјаснат:

„Дојди и себеси да се видиш, да ги видиш своите соништа и вистината, дека во душата си бил овој човек што во животот, можеби без овој штит и ова копје, надвор од ѕидиштава храбро се борел за она што под копјево и штитов, под панциров и зад овие ридишта не може да се скрие.
За животот и за верувањето. Вам заборавени од времето сиот мој немир, Шијак“
„Тоа почна од кршот на Марковите кули. Боени црвено и црно. Така станав јас и уметноста на која и се ветив, Лозан“ 3
Акционото сликарство, пак, е изразување на душата со тело. Пренесување на внатрешните импулси на платно, за таму тие да ја продолжат својата егзистенција. Ги соединува физичкото движење и несвесноста.

Моиве дела се многузначни и секогаш различни. При секое набљудување секогаш одново станува случување. При секое набљудување како да покануваат секој пат на едно поинакво патување. Како да разгрнува нешто во човека, што повикува назад кон нештата заборавени или воведува во нешта непознати, а за еден живот не само значајни, туку и неопходни.

Уметноста за мене е свет во светот со потекло од некој свет извор.
Ние, уметниците треба да се трудиме да внесеме една повисока културолошка оптика на светогледот.
Евидентно е дека во новиов милениум уметниците, па и човекот воопшто, се наоѓаме во една состојба на егзистенционална дезорентација во која за многумина од нас е главен проблем да се сфати моралот на неморалноста, па оттаму и тешкотијата да се дефинираме како уметници. Да знаеме кои сме, тоа значи да бидеме ориентирани во моралниот простор, каде се поставуваат прашања за тоа, што е добро, а што лошо, што треба да се прави, а што не, што за нас има значење, а што е тривијално и секундарно.
Духовната ерозија на денешницава јасно се отсликува и во уметноста, па затоа треба да престанеме да дозволуваме да бидеме вејки на ветрот, со сите секаде и сите заедно никаде… Да не позволиме да бидеме заведени од небитнини и да се држиме цврсто до патот на вистината, која е една, константна и непроменлива, избирајќи го секој својот пат до неа. Да престанеме да талкаме по магловитата хоризонтала, а да почнеме да испитуваме во вертикала… во себе длабоко и над себе високо… да си се потсетиме на корените, да си ја осознаеме сржта, за да можеме слободно да растеме, надвишувајќи се себеси во повисоки светови. Да се облагородиме, да се богопогодиме, за и она што го создаваме да биде такво… вистинито, добродетелно, благородно, свето.
Како млад уметник чувствувам потреба и должност, не само да ги бележам и констатирам збиднувањата од моево време на еден квалитетен ликовен јазик, туку и да изнаоѓам, создавам, структуирам начини на уметникување преку кои ќе влијаам на подобрување, прво на себеси, на моето опкружување, а потоа со мојата уметност и на ова паднато општество.
Со уметноста не само што ќе се обидувам да ги замолчам демоните, туку ќе се обидам и да ги одоброволам ангелите.

Референци:

Свето Писмо, Нов Завет, За љубовта, глава 13, Прво послание на Апостол Павле до Коринтјаните

Златанов, Методиј, Митриполит – Каскади ,

Монах Арсеније – Бог и рокенрол

Џепаровски, Иван – Естетика на играта

Неделкова, Лилјана – Енформел: 1959-1966

Вилиќ, Небојша, Димитровски, Валентино, Плавевски, Лазо – Прашања за македонскиот модернизам

Уметност ‘60 и ‘70 во Југославија

 

ЗАВРШЕН ИСПИТ
УНИВЕРЗИТЕТ „СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ – СКОПЈЕ

ФАКУЛТЕТ ЗА ЛИКОВНИ УМЕТНОСТИ ВО СКОПЈЕ
ЗАВРШЕН ИСПИТ