Смислата на животот – I дел

Барањето смисла

Барањето смисла на животот не е проблем само на философијата, туку и основна секојдневна неопходност. Веднаш штом ќе добие самосознание, човекот си го поставува прашањето за смислата на животот. Таа недоумица се засилува и стекнува трагични размери, кога тој се исправа пред крајни или екстремни егзистенцијални ситуации. Задоволителниот одговор за прашањето на смислата на животот води до зрелост, која е неопходна за правилно решавање на проблемите на секојдневието. Недостатокот на задоволителен одговор станува причина за забуна и предизвикува постојани огништа на збунетост и смут. Постојаната промена на моралните, социјалните, философските и други убедувања на современиот човек, зборуваат за неговата сигурност во врска со смислата на животот и ја открива неговата најдлабока желба да ја најде таа смисла.

Георгиј Манѕаридис

 

Човечката збунетост

Во нашата епоха доминира досега невидена збрканост во разбирањето на животот – факт којшто несомнено е поврзан и со брзите промени што се гледаат во светот. Пред да се создаде некаква ситуација, таа се менува и веќе се создава нова, којашто бара нов пристап и разбирање. Човекот не е во состојба да ги следи сите процеси зашто тие го збунуваат, тој станува дезориентиран и стигнува до збрканост и до слепа улица. Надежите што ги чувал во врска со решавањето на своите егзистенцијални проблеми преку развојот на науката и технологијата, биваат побиени и тоа честопати на драматичен начин. Карактеристично е дека најголемата немоќ пред прашањето за смислата на животот, се јавува токму денес, кога човекот постигнал восхитувачки напредок во науката и технологијата и ја шири власта и надвор од планетата во којашто живее. А од друга страна, не успеа да го дешифрира сопствениот ген. На таков начин оваа немоќ на човекот се покажува како трагична иронија.

 

Причини за неуспехот

Човекот којшто забележува толкав успех во науката и технологијата доживува пораз во барањето на смислата на сопствениот живот. Од христијанска гледна точка, сепак, тоа не е парадоксално, туку потполно природно. Човекот кој произлегува од небитието и има врска со Бога, не може да најде смисла на својот живот во светот, којшто исто така произлегува од небитието. Доколку се ограничи на создадениот свет, човекот станува роб на природната неопходност и се насочува кон смртта. Кога напротив, има врска со Бога, тој ја победува таа неопходност и стигнува до вечен живот. Ограничувањето само на земните нешта, коешто е карактеристично за човекот од нашето време, му пречи да се допре до смислата на животот.

 

Одвратноста

Господ без човекот останува да биде Господ! Човекот без Господ е НИШТО!

Животот без Бога е безвкусен и често пати неподнослив и тој што го гледа од световен аспект, во него не гледа вистинска смисла и цел. Најискрениот одговор во тој случај е можеби оној на атеистичкиот егзистенцијализам, којшто одрекува секаква смисла. „Во овој момент – тоа е страшно – ако суштествувам„ вели Сартр, „тоа е така бидејќи го мразам суштествувањето. Јас сум, јас сум оној којшто се тргнам себеси од небитието кон кое сум насочен; имено, омразата и одвратноста кон суштествувањето се начините кои го тераат моето јас да суштествува, кои ме туркаат кон суштествувањето“. Постоењето на човекот далеку од причината за постоење е процес на самоуништување. Барањето на смислата на животот без Бога е напразно трудење. „Сè е неоправдано“, вели Сартр, „дури и јас самиот. Сè што постои се раѓа без причина, се одржува од немоќта и умира случајно“. Кога некој ќе го стекне ова чувство тоа е под влијание на одвратноста, а перспективата пред неговиот живот е кршењето на коработ.

 

Парадоксално спојување

Тажното искуство до кое западниот човек стигна преку духот на рационализмот и просветата, станува причина за барање на метафизички излез. Колку што доминантната на Запад секуларизација станува причина за пресушување на христијанската вера и за игнорирањето на нејзината мистична длабочина, толку таа раѓа интерес кон источните религии, самоконцентрација, трансценденталната медитацијата и магијата. Така се појавува чуден синкретизам помеѓу западниот рационализам и источниот мистицизам, којшто наоѓа израз во New-Аge движењето. Како што беше одбележано, тоа движење може да се определи како „израз на кризата во барањето на смислата на животот“.

 

Карактерот на општеството

Како цел на човечкиот живот во современото општество се поставува чувственото задоволство, колку што е тоа возможно. Мноштвото продукти, разновидноста на предлози, различните услуги, изобилството на можности, систематското предизвикување на излишни потреби и провоцирање на сетилата преку рекламите и програмите на средствата за масовно информирање, се сосредоточени кон постигнувањето на таа цел. „Живеј си го животот“ се претворило во категорички императив. Затоа и нашето општество следствено е наречено „Општество на нагласено преживување“. Главниот обединувачки фактор за членовите на тоа општество, не е некаква заедничка позитивна цел или став, туку страв или опасност од иднината. Така „општеството на нагласено преживување“, истовремено се покажува како „општество на стравот“ или „општество на ризикот“, кое преку процесот на глобализација станува општество на глобален страв или глобален ризик.

 

(Продолжува…)