– Сто години од страдалничкиот подвиг на свештеникот и иконописец Овентиј Исаиев Фрчкоски од с. Галичник –
Во светлината на Божјото сезнаење ниту едно нешто, макар колку тајно било, не останува сокриено. И најтемните нешта, извршени во најтемните ноќи и на најтемните места, видени се од Божјите очи, во светлина посветла од најсончевиот ден. Бог, во Својот премудар Домострој, тие нешта честопати ги открива и на другите, за нивен пример, прекор или поука. Така, неодамна, или поточно, пред три години, Божјата промисла на еден невообичаен начин го отстрани велот на незнаењето, што речиси едно цело столетие го криеше од очите на луѓето неправедното убиство на галичкиот свештеник и зограф, отец Овентиј Исаиев Фрчкоски и на уште тројца негови сожители, убиени во една ноемвриска ноќ, во премрежната 1918 година. Бог Промислителот, воскреснувајќи го нивниот спомен и овде на земјата, која одамна беше ги заборавила нивните имиња, како да сака уште еднаш да ги потврди Своите вечно вистинити зборови дека нема тајно, што не ќе стане јавно, ниту, пак, сокриено, што не ќе се разбере и излезе на видело (Лука 8,17).
Првите зраци во расветлувањето на ова собитие дојдоа до нашиот старец, Архимандрит Партениј, игуменот на Свештената Бигорска Обител, од страна на стариот пријател на Манастирот, сега веќе 95-годишниот ростушанец, г. Зендел Ахмедоски. Имено, според неговото, како и според сведоштвата на други постари жители на с. Ростуша, кога пред шест-седум десетлетија собирале дрва за огрев од планината Бистра, кај еден карпест процеп со мала пештера, во шумата под с. Галичник, тие гледале два непогребани скелета. За едниот од нив било јасно дека е на свештеник, бидејќи на него сè уште стоела нераспадната свештеничка мантија. Ростушаните дури и го нарекле тоа место „кај поповите“. Меѓутоа, поради страв за сопствениот живот, во тоа несигурно и политички неблагопријатно време, месните жители не се осмелувале да дознаат нешто повеќе за убиените личности, ниту, пак, да ги погребат нивните останки. Оттогаш поминале многу години и со текот на времето самата природа привремено ги погребала коските, сокривајќи ги од погледот на сите. Можеби затоа, кога пред повеќе од десетина години некои наши браќа се обиделе, според кажувањата на дедо Зендел, да ги пронајдат моштите, не успеале во тоа; но, сепак, поверно е дека Божјата промисла сакала малку подоцна да се открие целосната вистина за нив.
Па така, со благослов на старецот, отец Партениј, неколку наши собраќа, на два дена пред Митровденската задушница, 5 ноември 2015 година, повторно според посочување на дедо Зендел, се впуштија во потрага по загубените коски. Овој пат, после целодневно трагање, тие, на чудесен начин и со Божјо содејство, беа успешно пронајдени во карпестиот процеп, покриени со тенок слој хумус, гранки, лисја и камења. Кога браќата се уверија дека навистина станува збор за човечки коски, се вратија во Манастирот и го известија игуменот, кој пак, веднаш ја запозна полицијата за настанот и побара професионален полициски увид. Два дена подоцна, на самата Митровденска задушница, сабота, 7 ноември 2015 година, монасите, овој пат заедно со специјален тим, составен од полициски службеник, доктор, и тројца инспектори по крим-техника од СВР Гостивар, повторно отидоа на тешко пристапното место, каде професионалната екипа направи увид и откопа од земјата прилично голем број човечки коски. Пронајдени беа исто така, и четири чаури од пушка, катанец и клуч, неколку копчиња, парче олово и монета од 10 стотинки од царството Бугарија, од 1913 година, со натпис „съединението прави силата“. Според првичната проценка на докторот, пронајдените коски се постари од 70 години и најверојатно припаѓаат на две човечки тела. Сите пронајдени коски и предмети беа собрани и однесени на прецизно вештачење. Подоцна, вештачењето потврди дека навистина станува збор за коски на двајца мажи, на средовечна возраст, измачувани и убиени со стрелање. Балистичкото испитување, пак, докажа дека биле истрелани куршуми од француски и германски пушки, кои во тоа време ги користела српската војска.
По пронаоѓањето на коските, нашето братство преку медиумите упати апел до пошироката македонска јавност, доколку се најде некој што знае какви било податоци за овој необичен случај, да нѐ извести. Овој апел не помина незабележано и бесплодно: за мошне брзо време се јавија неколку личности, коишто едногласно потврдија дека најверојатно се работи за убиениот галички свештеник Овентиј Фрчкоски, чијшто „гроб“ досега не беше познат за неговите роднини, пријатели, потомци…
Во меѓувреме, се пронајдоа и писмени сведоштва за ова големо политичко злосторство, извршено непосредно после воспоставувањето на српската власт во Мијачијата. Имено, галичанецот Ристо Бужароски соопштува многу детали за тоа како во 1918 г. биле убиени четворицата галичани: свештеникот Овентиј Исачев Фрчкоски, Русе Михајловски (Бајрамовски), Евгениј (Евге) Галев Ванкоски и Јаков (Наќе) Наков Колоски1. Овие видни и чесни жители на с. Галичник, по воспоставувањето на новата српска управа во селото, биле принудени секој ден да се пријавуваат во полициското началство, со лажно ветување дека нема ништо лошо да им се случи. Меѓутоа, тие еден ден биле задржани и не биле пуштени назад. Нивните домашни, мислејќи дека се затворени во околијата, неколку дена со ред носеле таму храна и облека. По неколку дена властите залепиле плаката на црквата „Света Петка“, во која пишувало дека наводно, тие избегале и се барало да бидат пронајдени. Всушност, вечерта на 5/6 ноември 1918 година, сите тие биле стрелани од српската жандармерија2. Телото на Евгениј Ванкоски било уште во тоа време пронајдено од Рамко козарот и погребано в земја. Телата, пак, на другите тројца не биле никогаш пронајдени, а само се знаело дека биле ликвидирани некаде во месноста Франџола, во красјето помеѓу Трпченица и Кофилковица, имено точно таму каде што беа пронајдени коските. Меѓутоа, во тоа време било крајно опасно за секого што би сакал да дознае нешто повеќе за судбината на овие тројца галичани. Според сведоштвата на некои стари жители на Галичник, во нивното убиство учествувале четворица жандарми, од кои за едниот со сигурност се знае дека бил од Белград и се викал Живко. Впрочем, овој Живко, неколку години подоцна, пред некои печалбари од Галичник ладнокрвно раскажувал дека, кога бил на служба таму, учествувал во ликвидирањето на свештеникот Овентиј и на другите негови сограѓани3.
За маченичката смрт на отец Овентиј Исаиев пишува и македонскиот просветен работник, фотограф и револуционер, деец на Македонската револуционерна организација, прилепчанецот Георги Трајчев. Според неговото сведоштво, после 25 септември 1918 година, „за големо сожаление, на официјалните српски власти, првата работа им беше по новото заземање на областа (т.е. дебарскиот крај – б.н.), да ги колат, тепаат и избиваат поразбудените личности, особено духовенството (…) Го убиваат и архиерејскиот намесник во Галичник, свештеникот Овентиј Исаиев и го фрлаат од карпата кај Св. (Иван) Бигор, го убиваат и секретарот на гостиварската комисија по прехрана, галичанецот Јаков Наков Колевски; го убиваат Евгениј Галев Ванковски…, го убиваат Русо Михаилов Кутревски, стражар…“4.
Родољубивиот подвиг на отец Овентиј си нашло свое место и во историскиот алманах „Македония“, издаден од македонската емиграција во Софија, во 1931 година5.
Впрочем, во тоа време, под ослободителното знаме на Македонија, паднале многу нејзини највидни синови, коишто водени од двете најголеми заповеди за љубовта кон Бога и кон ближните, пожртвувано го давале животот за Татковината и за својот народ. Еден од скромните дејци за македонската слобода, кој евангелски го љубел и му служел на својот народ, па дури и го дал животот за него, е свештеникот Овентиј Исаиев Фрчкоски. Тој е роден на 10 март 1862 година во тогашното планинско гратче Галичник6. Син на сиромашни родители, Овентиј уште од малечок останува сираче. Бил внук на познатиот резбар Макариј Негриев Фрчкоски, од неговиот син Исаија (Исаче). Роден во таа позната уметничка фамилија, Овентиј од дете бил посветен во тајните на православниот иконопис. Како зограф работел на многу цркви ширум Балканскиот полуостров. Така, во 1886 година, заедно со својот соплеменик Нестор Трајанов (или Трајков како што понекогаш се потпишувал) од Галичник и син му на Нестор – Данаил Несторов, заминуваат за Влашко, на покана на зографот Јосиф М. Ѓурчинов, кој ги повикал за да работат заедно. Во Влашко остануваат сѐ до 1894 година. Ги нацртале иконите во село Фантанеле, (спроти Свиштов), во бугарското село Гаурич, с. Драче, с. Ложе, Александровско, с. Шопија, с. Урзикуца, с. Вишна, Корабиско и во с. Занога7.
Во 1895 година Овентиј го среќаваме како член на зографската тајфа на Кузман Макриев Блаженов и Епифаниј (Пефе) Христов Фрчкоски (и двајцата од Галичник), којашто иконописува во Горна Орјаховица, близу Велико Трново. Таму, во црквата „Свети Георгиј“ ги изработиле апостолските икони, како и иконите на храмот „Успение Богородично“ и „Свети Димитриј“. Оваа тајфа во периодот од 1893 до 1897 година цртала икони и ѕиден живопис и во Лесковец, во црквите „Свети Василиј“ и „Свети Атанасиј“8. Во 1898 споменативе зографи цртаат икони за храмот „Света Троица“ во Севлиево, а следната година за црквата „Свети Николај“ во Златарица, Трновско, и црквата „Рождество Богородично“ во Елена. Таму остануваат до1902 година, работејќи икони за храмови од Трновско: „Успение Богородично“ во Добри Дјал, „Свети Димитриј“ во Кесарево, „Свети Георгиј“ во Беброво, „Преображение Господово“ во Марјан, „Свети Георгиј“ во Камен, во Долна Орјаховица. Во 1904 година тајфата на Епифаниј Христов, во која учествувал и Овентиј, цртала икони во црквата „Света Троица“ во Ловеч. Потоа, групата одново поминува извесно време во Лесковец и ги работи иконите за храмот на с. Врбница, Трновско, за лесковската црква „Свети Николај“ и за манастирот „Свети Николај“ при с. Арбанаси (1905)9.
Во 1900 година името на Овентиј Исачев се јавува и во тајфата на галичанецот Данаил (Натанаил) Несторов, како негов помошник заедно со Алексо Василев, при цртањето на иконите за храмот „Света Троица“ во Плевен. Овентиј му помагал на Данаила и при изобразувањето на ѕидниот живопис на храмот „Свети Николај“ во Ново Село, Видинско10.
После долгата и неуморна работа како живописец, од здравствени причини Овентиј Исачев бил принуден да ја напушти макотрпната зографска дејност. Поради својата голема побожност, но и желбата да продолжи да му служи на својот народ, одлучува да стане свештеник. Така, во 1905 година, во Бигорскиот Манастир, тогашниот егзархиски дебарски митрополит Козма, родум од Орланци, Кичевско, којшто уживал голема почит и љубов меѓу народот, го ракоположил Овентија за свештеник, а подоцна го назначил и за прв егзархиски архиерејски намесник во Галичник11. До ден денес, на еден стар плакар што до неодамна стоеше во бигорскиот храм, сè уште јасно се чита потписот на отец Овентиј, кој дословно гласи вака: св(ещеникъ) Ов(ентий) Исачевъ Фрчкоски отъ Галичникъ 1905. Како свештеник о. Овентиј неуморно му служел на својот народ цели 13 години, сè до неговата маченичка смрт.
Незгодите и страданијата на отец Овентиј, како и на многумина други наши духовници, интелектуални дејци и општественици, уште повеќе се зголемиле со Балканските војни и доаѓањето на новата државна и црковна власт во овој крај на Македонија. „Настапуваат тешки и крвави дни за Македонија. Доаѓаат Србите. Тие се оддаваат на терор и жестокости кон невиното македонско население. Меѓутоа, свештеникот Овентиј како добар и интелигентен син на својот народ останува среде него, и покрај големите опасности за неговиот живот“ – пишува битолчанецот Крапчев12. Уште со самото доаѓање на српската црковна јерархија во Дебарско и Реканско, предводена од владиката Варнава (идниот српски патријарх) – кој поради жестоката свирепост и многуте злодејанија, од локалното население бил нарекуван Варава – и потпомогната, се разбира, и од српската војска и жандармерија, од домородното духовенство било насилно барано да се откаже од Егзархијата и да ја прифати Српската црква. Така, во еден додаток кон извештајот бр. 722 на Пелагониската егзархиска митрополија од 18 април 1913 година, којшто се однесува на положбата на населението на Реканската каза од Дебарскиот крај после доаѓањето на српските власти, подготвен од познатиот жител на с. Лазарополе, г. Илија Ефремов, меѓу многуте сведоштва за спроведениот терор, стои и следново: „Архиерејскиот намесник во с. Галичник, Павел Теодосиев, бил задржуван неколку пати лично од самиот Варнава и од срезскиот началник во Жировница да се откаже од егзархиското ведомство и да го признае ведомството на Варнава, но тој никако не се потчинил на тоа. На 22 февруари бил повикан во г. Дебар од Варнава, којшто му предложил да се откаже од Св. Егзархија и да го признае него, откако му ветил дека ќе му дава плата од 120 лири годишно, наместо 60 – платата, што ја зема од Егзархијата, и тоа да му даде заплата одеднаш за 5 години време. Тој му предлагал служба игумен на манастирот „Св. Иван“ (Бигорски – б.н.) и да биде негов архиерејски намесник. Свештеникот П. Теодосиев и тоа категорички откажал да го прими. И како одговор на покажаната тврдост, сега бил совршено изолиран во својата куќа во Галичник, без да му се дозволува да излегува надвор од неа. Исто така и на свештеникот Овентиј во с. Галичник му било забрането да свештенодејствува и да излегува надвор од својата куќа“13.
За време на Првата светска војна, отец Овентиј продолжил, за кратко, слободно да ја извршува својата свештеничка должност. На 8 јануари 1916 година галичката околиска управа назначила тричлена комисија за преглед на приходите на Бигорскиот Манастир во 1915 и 1916 година. Еден од членовите бил и отец Овентиј, заедно со Ефтим Серафимов и Јован Аврамов14.
Страданијата на галичкиот зограф и свештеник биле окончани на самиот крај од Првата светска војна и конечната окупација на Македонија од српската власт. На 5 ноември 1918 година околискиот началник, капетан Душан, со посредство на поверениците на српскиот режим, Тома (кај Р. Бужароски стои Софре наместо Тома) Лоноски и Тодор Мангароски – Павловиќ, го повикал о. Овентиј во началството и го задржал до вечерта, кога биле доведени уште другите тројца граѓани од Галичник: Русе Михајловски, Јаков Колоски и Евгениј Ванковски. Следната вечер четворицата биле изведени надвор од градот, кон една висока и стрмна карпа, наречена „Големи рид“, од којашто биле измачувани и тепани надолу по шумата, а најпосле и стрелани. Со таков маченички крај го завршиле својот живот овие четворица чесни и угледни граѓани на Галичник.
За жал, истото злопатие ги снашло не само овие четворица, туку и многу други Македонци од славната Мијачија. Во времето после Втората балканска и Првата светска војна, населението во Река, како и во другите делови на Македонија, било подложено на тешки репресии од страна на тогашната власт, за што сведочат многубројни документи и историски извори. Така, во еден допис од 1 март 1913 г. на тогашниот Дебарски митрополит Козма до егзархот Јосиф, се вели: „На 30.ΧΙ.1912 офицери, заедно со еден полициски службеник, го изгонија игуменот од манастирот ‘Св. Јован Бигорски’, Н. В. Преподобие јеромонах Партениј, бидејќи не дозволувал во манастирската црква да се спомнува името на епископот Варнава. Селските кметови насекаде биле заменувани со српски повереници, а селските свештеници биле спречувани со закана дека ќе бидат стрелани ако не го споменуваат името на епископот Варнава во својата црква, и ако до 5 јануари не се јават во Дебар, за да добијат од него усни упатства“15. Подоцна, во 1918 г., игуменот Партениј бил, навистина, на ѕверски начин убиен, така што, по нарачка на српските власти, една разбојничка група го исекла на прачиња и го фрлила во река Радика од манастирскиот мост16. Слична маченичка смрт го снашла и велешкиот свештеник Иван Аврамов Чупаров, роден во мијачкото село Папрадиште, кој на 16 јуни 1913 година бил исечен на парчиња и фрлен во Вардар. „Така, отец Иван“ – пишува револуционерот Стефан Н. Аврамов во своите спомени – „еден од најверните синови на ВМРО, ја заврши својата пастирска кариера и, како роден син на Македонија, остана верен на тврдиот си мијачки род и не стана ‘прави’ Србин“17.
Синот, пак, на нашиот познат преродбеник и учител од Охрид, Григор Прличев – Кирил Прличев, со своето дело „Српскиот режим и револуционерната борба во Македонија (1912-1915)“, сведочи дека при воспоставувањето на српската власт во Кичево и околината, „биле арестувани учители и свештеници, како и највидните граѓани поради нивниот отказ да ја потпишат поднесената им декларација, дека тие биле одамна Срби. Истовремено со нив од Кичевската околината биле арестувани вкупно 106 души селани. Поради откажувањето да ја изменат својата народност, во Кичево Србите ги убија јеромонах Софрониј поп Петров, игумен на Пречистанскиот Манастир, и јеромонах Теофан, калуѓер во манастирот ‘Пречиста’. И двајцата сираци од детството, истовремено потстрижани, соподвижници во животот, тие останале заедно и при својата смрт. Првиот, родум од с. Подвис, бил застрелан, а во истото време другиот, родум од с. Слатино, Охридско, бива распнат како Исуса Христа, со други двајца, исто така распнати, од двете му страни: Христо Николов од истото село и неговиот другар Русе. (…) Во Галичник со торби песок го биеја архиерејскиот намесник Павел Теодосиев, после го интернираа во Скопје, го мачеа во затворот и најпосле умре од маките, затоа што беше откажал да го споменува во црквата името на српската државна глава и на српскиот киријарх. Истиот, дури и погрозен удел го стаса и свештеникот Апостол Миронов од с. Тресонче: него, пак, го извлекле ноќно време од неговиот дом, го одвлекле во блиската гора, му го искршиле черепот, го обезличиле и во тие адски маки Божјиот и народен човек издивнал. Не беше поштедена тука ни старата револуционерка, курирката Андреевица, којашто ја убиваат поради стравот на Србите да не почне таа повторно, како во турско време, да спроведува туѓи чети“18.
Со благослов на бигорскиот родољубив старец и игумен Партениј, браќата монаси, исполнувајќи го светиот долг кон предците, ги откопаа и ги собраа чесните мошти на отец Овентиј, заедно со моштите на неговиот сострадалник и ги положија во костурницата на Бигорскиот Манастир, нивниот духовен дом. На местото, пак, на нивната маченичка смрт, поставија голем крст и извршија молитвен спомен за покој на нивните души. Прекрасното благоухание и Божествениот спокој што одеднаш го исполни тоа мрачно место, посведочи за радоста на душите на покојните и нивниот небесен благослов за завршеното дело.
Две години подоцна, на 25 декември 2017 година, на манастирската електронска пошта добивме писмо коешто започнува вака: „Уважувани господа, Ви пишувам со големо возбуда и емоција, бидејќи во статијата станува збор за мојот прадедо Овентиј – свештеник во Галичник, Македонија. Името ми е Михаил Јорданов Тошев. Син сум на Сава Методиева Тошева /Исачева – моминско име/. Мајка ми е ќерка на Методи Овентиев Исачев, којшто е син на Овентиј Макриев Фрчковски“. Во продолжение г. Михаил Тошев ни го открива родословието на потомството на отец Овентиј, како и нивниот животен пат до Софија. Отец Овентиј Фрчкоски бил оженет со својата животна сопатничка Менда. Од нивниот брак се родиле шест деца: четири ќерки (Кумрија, Сава, Магда и Драгана) и два сина (Блаже и Методиј). За жал, сите деца, со исклучок на Методиј, дедото на Михаил, умираат до 1920 година.
На свештеникот-маченик Овентиј Исаиев Фрчкоски и на сите коишто своите животи ги посветиле на евангелското дело за своите ближни, нека им биде споменот вечен!
[1] Ристо Бужароски, Галичка повест, Скопје 1976, 136-141.
[2] Toчниот датум за свирепото убиство ни го соопштвува битолчанецот Љубен Крапчев во една своја статија посветена на свештеникот Овентиј, објавена на 15 март 1927 година, во списанието на македонската младина во Софија, „Родина“, год. 1, бр. 9, 7. Интересно е да се подвлече дека уште пред да се дознае што било за убиените, братството на Бигорскиот Манастир ги пронајде нивните останки токму на 5 ноември, точно 97 години подоцна од нивното мачеништво.
[3] Ристо Бужароски, цит. дело, 140.
[4] Георги Трайчевъ, Книга за мияцитѣ: историко-географски очеркъ, София 1941, 167.
[5] Табло CLIV, № 523, обяснителен текст: отдѣл IX, 51.
[6] Люботърън (Любенъ Крапчевъ), „Свещеникъ Овенти Фърчковски“, Родина. Списание на македонската младежъ, год. 1, бр. 9, 6.
[7] Асен Василиев, Български възрожденски майстори: живописци, резбари, строители, София 1965, 223.
[8] Исто, 218.
[9] Исто, 221.
[10] Исто, 224.
[11] Люботърън (Любенъ Крапчевъ), цит. дело, 6-7.
[12] Исто, 7.
[13] Централен държавен архив София, Ф. 246к, опис 3, а.е. 138, л. 333. Машинопис.
[14] Антоние Николовски, „Игумени, архимандрити, јеромонаси и монаси во манастирот Свети Јован Бигорски“, Манастир Свети Јован Бигорски (гл. ред. Петар Хр. Илиевски), Скопје 1994, 136.
[15] Централен държавен архив София, Ф. 246к, опис 3, а.е. 138, л. 324. Машинопис.
[16] Георги Трайчевъ, цит. дело, 167; Aлманах Македония, табло CLI, № 511, обяснителен текст: отдѣл IX, 50.
[17] Стефанъ Н. Аврамовъ, Революционни борби въ Азоть (Велешко) и Порѣчието, София 1929, 190.
[18] Кирилъ Пърличевъ, Сръбскиятъ режимъ и революционната борба въ Македония (1912-1915 година), София 1917, 22, 32. За страданијата и маченичката смрт на отец Павел Теодосиев и отец Апостол Мирчев (Миронов) соопштува и Г. Трајчев, цит. дело, 166.