Христијанизацијата на Словените во Македонија: дејноста на Св. Кирил и Методиј, на брегалничката епископија и на Епископијата на св. Климент Охридски – IV дел

Брегалничката епископија

Во втората половина на 50-тите години од IX век, користејќи ги внатрешните и надворешните тешкотии со кои се соочувала Византија, бугарската средновековна држава започнала со освојувачки акции насочени кон византиските владенија во географска Македонија. Притоа била освоена територијата на Северна, Централна и на Западна Македонија. Во овој контекст е важно да се напомене дека поради недостаток на изворни податоци, не е можно прецизно да се реконструираат текот и хронологијата на овие освојувања.

Во дел од постарата историографија е присутно мислењето дека териториите на византиска Македонија биле освоени уште во времето на Пресијан (836 – 852) (Мутафчиев 1992: 147–149). На ова датирање се спротивставуваат М. Бошкоски и К. Аџиевски, кои нагласуваат дека во изворите нема податоци за каков било поход на Пресијан против склавиниите во Централна и во Западна Македонија. Бугарските освојувања во Македонија тие ги датираат во првата деценија од владеењето на кнезот Борис – Михаил Покрстител, а најдоцна во 864 г., кога бил склучен мир со Византија. Она што со сигурност се дознава од изворите е дека во 885 г., кога учениците на Кирил и на Методиј дошле од Моравија на бугарскиот двор, кнезот Борис – Михаил веќе држел една поголема територија на Балканот, вклучувајќи и делови од Македонија (ИБИГИБИ IX/2: 29–30).

Во контекст на бугарските освојувања на византиските владенија во Македонија и во Албанија ќе го наведеме и епиграфскиот натпис пронајден кај денешното село Балши во Јужна Албанија. Натписот е на грчки јазик и на него пишува дека кнезот Борис, „преименуван“ во Михаил, во 865/866 г. се покрстил примајќи го христијанството заедно со својот народ[1].  Токму овој епиграфски натпис претставува мошне важен извор за хронологијата на бугарските освојувања и за нивниот територијален опсег. Тој сведочи и за тоа дека во посочениот период освен поголемиот дел од византиска Македонија, под бугарска власт потпаднале и дел од албанските византиски територии (Български старини: 12–14; Бешевлиев 1981: 88–89).

Кнез Борис I (Борис-Михаил)

Новоосвоените територии во Македонија, Албанија и во делови од Грција, впрочем како и целата територија на Бугарија, биле распоредени во административно-територијални единици наречени комитати[2].  Притоа, територијата на Македонија била вклучена во два, односно во три комитати. Се претпоставува дека Деволскиот Комитат ги опфаќал областите на градовите Велес, Прилеп, Битола, Меглен, Костур, Охрид, Кичево и Дебар, како и областите на Јужна Албанија сè до морето, а за центар го имал Девол. На чело на овој комитат до 886 г., односно до доаѓањето на св. Климент во Македонија се наоѓал Котокиј, а од 886 г. комитот Домета. Што се однесува до Брегалничкиот Комитат, негово седиште бил утврдениот град Брегалница. Во времето на кнезот Борис – Михаил овој комитат бил управуван од комитот Таридин, а во времето на Симеон (893 – 927) од комитот Дристр (Дистрос).

Она што е важно за нашиот предмет на интерес е фактот дека по 864 г. дошло до масовен бран на христијанизација во Бугарија, во чиј состав, како што видовме, влегувал и поголемиот дел од географска Македонија. Ова се должело на фактот што кнезот Борис – Михаил при потпишувањето на мирот со Византија во 864 г. се согласил сите бугарските поданици да бидат покрстени[3].  Впрочем, затоа и го добил епитетот Покрстител.

Во следните години Борис – Михаил започнал со интензивна црковно-дипломатска активност за решавање на канонскиот статус на Црквата во Бугарија. Како што може да се забележи од изворите, Борис – Михаил трипати ја менувал црковната политика во однос на константинополскиот патријарх и на римскиот папа. Сето тоа било со цел да издејствува добивање на независна автокефална Црква. Имено, во периодот помеѓу 864 и 866 г. Бугарија ја признавала црковната јурисдикција на Константинополската патријаршија. Токму затоа во 865 г. кнезот Борис побарал од патријархот Фотиј (858 – 867) Бугарската црква да биде издигната во ранг на патријаршија (Симеонъ, митрополитъ: 25–26; сп. Николова 1997: 34–35). Добивајќи негативен одговор од Константинопол, Борис – Михаил решил да ја смени страната и Црквата ја ставил под јурисдикција на римскиот папа. Мотив за ова биле очекувањата дека папата ќе има разбирање за барањата за автокефалност. Притоа, со цел да ја придобие наклонетоста од запад, Борис – Михаил испратил две делегации: едната кај римскиот папа Никола I (858 – 867), а другата на дворот на кралот Лудовик Германски (840 – 876) во Регенсбург. Делегатите што отишле во Рим побарале од папата да испрати римски свештеници и епископи кои би го завршиле процесот на покрстување во Бугарија.

Фреска – Делегација на Цар Борис кај папата Никола I во врска со барањето за автокефалност

Како што соопштува Анастасиј Библиотекар, папата Никола I одговорил позитивно на бугарските барања и испратил мисионери во Бугарија. На чело на римската мисија биле епископите Формоза Портуенски и Павел Популонски (ИБИЛИБИ II: 184–195). На тој начин Бугарија ја признала црковната јурисдикција на Римската црква. Од друга страна, пак, византиското свештенство било протерано од територијата на бугарската држава.

Следното барање на кнезот Борис – Михаил до римскиот папа се однесувало на издигнувањето на Црквата во Бугарија во ранг на патријаршија (PL 119: col. 1007A; сп.  ИБИЛИБИ II: 110). Меѓутоа, одговорот што дошол од Рим бил негативен. Образложението на папата било дека прво треба да се создадат поволни услови, односно дека најпрво мора целосно да заврши процесот на христијанизација на целата територија на Бугарија, па потоа да се изврши хиротонија на епископи и од нив да се избере еден кој ,,si non patriarcha, certe archiepiscopus appellandus sit(PL 119: col. 1007B;  ИБИЛИБИ II: 110).

Во периодот што следува, кнезот Борис – Михаил во два наврати побарал од Рим да биде избран бугарски архиепископ. Првиот пат како кандидат за архиепископ бил предложен Формоза Портуенски, а вториот пат, кога за нов папа бил хиротонисан Адријан II (867 – 872), Бугарија го предложила ѓаконот Марин за прв поглавар на Бугарската црква. Меѓутоа, Римската црква одговорила негативно на двете барања, одбивајќи да изврши хиротонија на бугарски архиепископ. Таа во двата случаи останала доследна на претходно изградениот став дека не се исполнети условите за менување на статусот на црковната организација во Бугарија (ИБИЛИБИ II: 186; сп. Николова 2001, 39).

Со доаѓањето на римските мисионери,  Константинополската патријаршија ја изгубила јурисдикцијата над Црквата во Бугарија. Сепак, таа не се помирувала со таквата ситуација. Настаните што следуваат, особено оние од маргините на Соборот во Константинопол во 869/870 г., упатуваат на претпоставката дека Константинополската патријаршија, помогната од византиската држава, за цело време преку тајна дипломатија се обидувала да ја врати јурисдикцијата во Бугарија. Таа вешто го искористила незадоволството на кнезот Борис – Михаил од папската политика на одолговлекување да именува архиепископ во Бугарија и постепено ја придобила наклоноста на дворот во Плиска.

Оттука, воопшто не изненадува поставувањето на прашањето за канонскиот статус на Црквата во Бугарија пред делегатите на споменатиот црковен собор во Константинопол[4].  Како што соопштува Анастасиј Библиотекар, кој лично присуствувал на Соборот, пратениците од Бугарија го поставиле прашањето под чија јурисдикција треба да потпадне Црквата во Бугарија: римска или константинополска. На ова пратениците на Римската црква одговориле дека од дамнина папата ја има јурисдикцијата над областите на кои се протега бугарската држава (ИБИЛИБИ II: 188–191). Овој одговор наишол на спротивставување од страна на делегатите на Константинополската, Антиохиската, Ерусалимската и на Александриската патријаршија. Нивната бројност им овозможила да наметнат решение според кое Константинополската патријаршија ја добила целосната јурисдикција над Црквата во Бугарија[5].

Св. равноапостолen Фотиj Цариградски – патриарх (810/820 — 891)

Она што е интересно е податокот дека со решение на споменатиот помесен собор, Црквата во Бугарија добила автономен канонски статус во ранг на архиепископија[6]. За прв бугарски архиепископ бил избран Јосиф со седиште во Плиска. Неговата хиротонија ја извршил константинополскиот патријарх Игнатиј (847 – 858, 867 – 877). Веднаш потоа за Бугарија заминале извесен број византиски свештеници и епископи (ИБИГИБИ V: 121). Во контекст на овие настани, Ф. Дворник изнесува став дека најголемиот дел од ова свештенство биле приврзаници на сменетиот патријарх Фотиј. Тој ваквата теза ја аргументира цитирајќи делови од писмата на папата Jован VIII испратени до бугарскиот владетел Борис – Михаил и до константинополскиот патријарх Игнатиј. Во нив папата протестира поради присуството на византиски свештеници и епископи на бугарска територија и обвинува дека во Бугарија се вратило старото свештенство од времето на Фотиј (PL 126: col. 0758B – 0760C; col. 0763B – 0764D; в. Dvornik 1970: 155–160). Најверојатно станува збор за византиското свештенство кое уште во периодот 864 – 866 г. било испратено во Бугарија да го проповеда христијанството.

Како дополнување кон овие настани го бележиме мислењето на Б. Николова, која претпоставува дека периодот од 870 до 879 г. од страна на Бугарската црква бил искористен за формирање мрежа од епископии на целата своја територија, вклучувајќи ги и оние во Македонија (Николова 1997: 41).

Христијанизирањето на Бугарија, неминовно, нашло свој одраз и во делот од географска Македонија што влегувал во нејзиниот состав. Имено, Бугарската црква по добивањето на автономниот канонски статус, потпомогната од државата, започнала со изградба на храмови на целата своја територија. За ова сведочи Житието на Петнаесетте тивериополски маченици, каде што се вели дека „и така можел од сега човек повторно да види како се умножуваа Црквите и Божјите храмови“ (PG 126: col. 151 – 222; ИБИГИБИ IX/2: 45; Житие на Св. 15 Тивериополски маченици: 35).

За нашиот предмет на истражување особено е важен податокот од Житието каде што е посведочено постоењето на Брегалничката епископија во составот на Бугарската црква. Седиште на оваа епископија бил градот Брегалница (по кој и го добила името), каде што по наредба на кнезот Борис – Михаил, тамошниот комит Таридин „со голема брзина го изградил храмот употребувајќи за работа многу работници“. Очигледно е дека станува збор за епископски храм во кој од градот Тивериопол (Струмица)[7]  биле пренесени моштите на тројца од 15-те тивериополски маченици: Тимотеј, Комасиј и Евсевиј. Подоцна, во времето на бугарскиот владетел Симеон (893 – 927), брегалничкиот комит Дристр (Дистрос) од Тивериопол во Брегалница ги пренел моштите на уште двајца од тивериополските маченици, светите Сократ и Теодор, и ги положил во истиот храм. Токму овој чин упатува на претпоставката дека култот на 15-те тивериополски маченици повторно добил на актуелност во втората половина на IX век, продолжувајќи и во следните векови.

Она што предизвикува посебно внимание е податокот дека во Брегалничката епископија „бил одреден посебен клир, кој го користел бугарскиот јазик во божестевените служби, и кој постојано служел во храмот и ги извршувал свештените дејанија“ (PG 126: col. 151 – 222; ИБИГИБИ IX/2: 45; Житие на Св. 15 Тивериополски маченици: 42). Очигледно е дека со терминот бугарски јазик Теофилакт Охридски го означил старословенскиот јазик на кој се одвивала литургиската практика во Брегалничката епископија. Оттука произлегува дека таа е една од првите, ако не и првата епископија на Балканот чие свештенство било целосно словенско и каде што литургијата била на старословенски јазик.

Формирањето на Брегалничката епископија е особено важен настан во црковната историја. Оттука, редица прашања во врска со неа сè уште се податливи за научно истражување. Првото од нив се однесува на мотивот поради кој било извршено пренесувањето на моштите на дел од 15-те тивериополски маченици во новоосветениот храм на Брегалница. Одговорот на ова прашање, со кој и ние се согласуваме, го дава Митко Б. Панов, кој смета дека со пренесувањето на моштите се сакало да се подигне религиозното ниво на новоизградениот храм и воедно да ѝ се даде религиозна тежина на новоформираната епископија. Впрочем, практиката на пренесување реликвии од светители од едно место на друго воопшто не е невообичаена, и тоа не само за периодот за кој зборуваме туку и за оној пред и потоа.

Второто прашање се однесува на мотивите за формирањето на Брегалничката епископија од страна на бугарскиот владетел. Во врска со ова се произнесла Бистра Николова (Николова 1997: 72–73), која користејќи го како аргумент фактот дека брегалничкиот свештенички клир бил целосно словенски, истакнува дека мотивот за основањето на Брегалничката епископија е да се создаде противтежа на византиското духовенство во регионот. Имајќи предвид дека кнезот Борис – Михаил за цело време се обидувал да издејствува целосна црковна самостојност, воопшто не треба да се исклучи претпоставката дека почнувајќи од крајот на 70-тите и во почетокот на 80-тите години од IX век, тој почнал да работи во правец на постепено истиснување на византиското свештенство од териториите под негова власт.

Следното прашање што се однесува на оваа проблематика е поврзано со датирањето на Брегалничката епископија. Имено, во Житието на Петнаесетте тивериополски маченици е посведочено постоењето на Брегалничката епископија во времето на кнезот Борис – Михаил без, притоа, да се наведе точниот датум на нејзиното создавање. Во Житието се вели дека моштите на тројцата од 15-те тивериополски маченици биле пренесени во епископскиот храм на веќе постојната епископија во Брегалница. Ако прифатиме дека пренесувањето на моштите е извршено околу 885 г., тогаш создавањето на Брегалничката епископија треба да се датира извесен период пред тоа, можеби по Соборот во Константинопол во 879/880 г.

Св. 15 Тивериополски свешт. мч-ци

Освен прашањата за датирањето на Брегалничката епископија и за мотивите за нејзиното основање, не помало внимание предизвикуваат обидите за нејзина убикација. Прв кој се обидел да даде одговор на ова прашање е Т. Томовски, кој Брегалничката епископија ја идентификува со Епископијата на Мородвизд близу денешно Кочани (Томовски 1978: 93–96).

Наспроти оваа претпоставка, Б. Алексова смета дека Брегалничката епископија се наоѓала на денешниот локалитет Кале во близина на с. Крупиште. Таа како аргументи ги нуди резултатите од археолошките ископувања на споменатиот локалитет: 1) пронајдениот репрезентативен христијански храм со пет апсиди кој датира од втората половина на IX или од почетокот на X век; 2) пронајдениот мартириум во составот на споменатиот храм кој, според Б. Алексова, бил наменет за чување на моштите на петтемина од 15-те тивериополски маченици пренесени од Тивериопол (Алексова 1989: 162–165).

Она што заслужува внимание е фактот дека досега не е пронајден епиграфски споменик со натпис кој би упатил на точната убикација на Брегалничката епископија. Без епиграфски материјал, прашањето сè уште останува отворено.

Следното отворено прашање поврзано со Брегалничката епископија е учеството на нејзин епископ на Соборот во Константинопол во 879/880 г. Имено, група научници меѓу учесниците на споменатиот помесен собор го препознаваат брегалничкиот епископ за кој сметаат дека се потпишал како Лав од епископијата Проват. Меѓутоа, ако внимателно го разгледаме списокот на потпишаните учесници, ќе видиме дека името на Лав од Проват стои заедно со малоазиските епископи. Сметаме дека токму овој факт е силен аргумент во прилог на тоа да се сомневаме дека споменатиот Лав од Проват доаѓал од некоја епископија на Балканот[8]

Интересно за проследување е мислењето на Бистра Николова во врска со односите меѓу Бугарската црква и Константинополската патријаршија во поглед на јурисдикцијата над поранешните византиски епископии во Македонија. Не сомневајќи се во учеството на епископите од Охрид и од Тивериопол на Соборот во Константинопол во 879/880 г., таа смета дека тие биле под јурисдикција на Константинополската патријаршија. Воедно изнесува став дека не само Охрид и Тивериопол, туку сите епископии во поранешните византиски територии кои во времето на Борис – Михаил влегле во составот на Бугарија, а во кои свештенството било византиско и имало богослужба на грчки јазик, останале под директна црковна јурисдикција на Константинопол. Оттука, според неа, епископите Теоктист од Тивериопол и Гаврил од Охрид на споменатиот собор учествувале како делегати на Константинополската патријаршија. Во контекст на изнесената теза, таа посочува дека на Соборот не можело да има делегати од Бугарската црква поради нејзиниот канонски статус на автономна црква.

Наспроти ова, ние сметаме дека тезата на Б. Николова е малку веројатна поради две причини: 1) не е поткрепена со друг изворен материјал освен со споменатите списоци на учесници на Соборот и 2) од списоците не може со сигурност да се утврди дали титуларите на потпишаните Qeokti/stou Tiberioupo/lewj и 0Gabrih_l  0Axri0dhj се однесуваат на градовите Тивериопол и Охрид од територијата на Бугарија во IX век (Mansi XVII/1: 374–375; ИБИГИБИ IV: 117). Како што веќе кажавме, во конкретниот историски период, во Византија постоеле повеќе градови кои го носеле името Тивериопол. Слична е ситуацијата и со титуларот (топонимот) Axri0dhj. Имено, во периодот од XI до XV век повеќе извори, меѓу кои и Ана Комнина, сведочат за постоење на област Αχριδου во Тракија (во родопската област); во IX век областа Αχριδου е во границите на Византија (ИБИГИБИ VIII: 189, 290).

Дополнителeн сомнеж дека станува збор за бугарските Охрид и Тивериопол побудува молчењето на црковните акти за постоењето на некаков специјален статус на поранешните византиски епископии во Македонија и пошироко во Бугарија. Несомнено е дека на теренот се чувствувало силното влијание на Византија. Но тоа воопшто не значи дека извесен дел од епископиите во Бугарија биле под директна црковна јурисдикција на Константинопол. Освен тоа, ако прифатиме дека Тивериополската епископија навистина била под јурисдикција на Константинопол, во тој случај бугарскиот владетел и бугарскиот архиепископ морале да побараат дозвола од константинополскиот патријарх, како надлежен архијереј, за да ги пренесат моштите на дел од 15-те тивериополски маченици од Тивериопол во Брегалница. Ваквиот податок изостанува во Житието на 15-те тивериополски маченици, иако е сигурно дека Теофилакт не би пропуштил да го спомене.

Како дополнителен аргумент дека епископската столица на   0Gabrih_l  0Axri0dhj  не е градот Охрид е фактот дека тој не е споменат во Житието на св. Климент Охридски. Имено, архиепископот Теофилакт, пишувајќи за дејноста на св. Климент во Охрид и за неговите чести посети на градот, со ниту еден збор не го споменува тогашниот охридски епископ, кој, најверојатно, бил современик на Гаврил од Αχριδου во Тракија.

Епископиите во Охрид и во Девол

Охридската епископија, како наследник на Лихнидската, важела за мошне угледен епископски центар. Овој примат го задржала и во втората половина на IX и почетокот на X вeк. Сепак, како што кажавме, остануваат непознати имињата на охридските епископи од времето на Борис – Михаил, Симеон и на св. Климент. За нив молчат литерарните и епиграфските извори. Од друга страна, пак, фактот што св. Климент развил силна просветна и градителска дејност во Охрид е доволно јасен показател за тоа дека тој морал да биде во постојан контакт со тамошниот епископ.

Ктиторска икона на кнез Борис I во манастирот „Св.Наум“ во Охрид

Во Житието на св. Климент Охридски не се споменува ниту деволскиот епископ од времето на Борис – Михаил, Симеон и на св. Климент. Сведоштво за оваа епископија се наоѓа во друг документ од архиепископот Теофилакт Охридски. Станува збор за неговото писмо до севастот Јован Комнин, дукс на драчката област. Во него охридскиот архиепископ бара помош за катедралната црква во Деволската епископија, која, според него, била една од седумте соборни цркви изградени од бугарскиот кнез Борис[9]  (PG 126: col. 355; ИБИГИБИ IX/2: 102–103). Во врска со убикацијата на споменатиот катедрален храм, во науката постојат поделени мислења. Според првата теза, станува збор за храм во градот Девол, седиштето на Деволскиот Комитат. Според втората теза, застапувана од Ѓ. Стричевиќ и Ц. Грозданов, соборниот храм на Деволската епископија споменат во писмото на архиепископот Теофилакт се идентификува со црквата Св. Ахил на Преспа, која е оддалечена петнаесетина километри од местото каде што археолозите настојуваат да го убицираат градот Девол – кај селото Ѕвезда[10].  Наспроти укажувањата на Михаил Деволски дека црквата Св. Ахил на Малото Преспанско Езеро ја подигнал царот Самоил, тие ја оставаат отворена можноста дека тој само обновил еден постар храм (Stričević 1963: 195–201; Грозданов 1995: 11).

Постоењето на Деволската епископија во средината на IX век е посведочена и во Првото житие на св.  Наум напишано од непознат автор на иницијатива на деволскиот епископ Марко – еден од учениците на Климент Охридски. Во него стои дека Марко бил четвртиот епископ кој богослужел на словенски јазик во Девол (Български старини: 307; Македонски житија IX – XVIII век: 93; Грозданов 1995: 11). Следствено на ова, произлегува дека пред него имало уште тројца словенски епископи. Притоа, ако внимателно го исчитаме текстот од споменатото житие, ќе видиме дека Марко бил поставен за деволски епископ по смртта на Климент, која се датира во 916 година. Оттука, првиот словенски епископ на Девол го датираме неколку децении пред епископот Марко, во времето на кнезот Борис – Михаил. Неговата архијерејска дејност ја ставаме во корелација со востановувањето словенски епископии на територијата на Бугарија, вклучително и во поранешните византиски владенија во Македонија. Впрочем, податоците содржани во Првото житие на св. Наум кои се однесуваат на почетоците на Деволската епископија во времето на Борис – Михаил сосема одговараат на оние од споменатото писмо на Теофилакт Охридски.

Проф. д-р Драган Зајковски, Институт за национална историја – Скопје

 

Христијанизацијата на Словените во Македонија

[1] „(…) e0bapti/sth o9 a@rxwn Boulgari/av Borh\v o9 metonomasqei\v Mixah\l sun tw~| e0k Q[eo]u~ dedome/nw| au0tw~| e!qnei. e!touv. v t o d.“

[2] Според Летописот на попот Дукљанин, бугарската држава имала девет комитати (Ljetopis: 55; Басотова 1988: 205), а пак според Бертинскиот летопис (Annales Bertiniani), десет комитати (ИБИЛИБИ II: 287).

[3] Покрстувањето наишло на отпор кај благородништвото. Дел од него го обвиниле Борис дека ги изневерил боговите на нивните дедовци. Тоа во 865 г. кренало безуспешен бунт (ИБИЛИБИ II: 287–288).

[4] На црковниот собор одржан во црквата Света Софија во Константинопол во 869/870 г. биле присутни сто и двајца епископи, тројца папски легати и четворица патријарси. Меѓу учесниците на соборот бил и солунскиот епископ Теодор. Соборот бил свикан на иницијатива на императорот Василиј I и на папата Адријан II. На него била донесена одлука со која му се давало легитимитет на отстранувањето на Фотиј од константинополската патријаршиска столица (Mansi XVI: 125–134).

[5] Ваквото решение било веднаш оспорено од страна на папските легати, а подоцна, во 871 г., папата го испратил првото од низата протестни писма адресирани до византискиот император Василиј I. Во него бара Бугарската црква да се врати под негова јурисдикција (Mansi XVI: 413). Веднаш потоа следувало испраќањето протестни писма и до патријархот Игнатиј и до кнезот Борис – Михаил. Подетално за оваа проблематика види кај: Dvornik 1970: 154–158.

[6] За спецификите на канонскиот статус на Бугарската црква во периодот до прогласувањето на Бугарската патријаршијата види кај: Николова 1997: 40–45.

[7] За прашањето во врска со идентификацијата на Тивериопол со Струмица пооширно види кај: Стефоска 2008: 77–87. Во контекст на идентификацијата на „Теофилактовиот“ Тивериопол со Струмица се археолошките наоди на локалитетот Св. Петнаесет Маченици во гр. Струмица, каде што се откриени темели на една црква со гробница со насликаните ликови на 15-те маченици, кои датираат од IX/X век и досега се единствени во средновековната уметност (Грозданов 1983: 135–136).

[8] Според мислењето на Бистра Николова, станува збор за еден од двајцата епископи на градот Проват во Тракија (епископите Лав и Мануил) кои присуствувале на Соборот. Едниот бил приврзаник на патријархот Фотиј, а другиот на патријархот Игнатиј (Николова 1997: ф. 185, 128).

[9] Податокот дека кнезот Борис – Михаил изградил седум соборни храма на територијата на Бугарија се наоѓа и во Пространото житие на св. Климент од архиепископот Теофилакт (ИБИГИБИ IX/2: 36).

[10] Градот Девол сè уште не е прецизно убициран на теренот. По ова прашање постојат различни тези. Според првата, градот Девол бил западно од горниот тек на р. Девол, а пак според втората, тој бил во реонот на градот Корча. Според мислењето на Томо Томоски, градот Девол „лежел во подножјето на Сува Гора, во пределот Деволи, во близина на Охрид и на патот што од Преспа преку Беглишта води за Костур“ (Томоски 1975: 55).