Чин на благословување коливо

Во 1то и 2то поглавје од Типикот додаден е чинот на трпезата, а во рамките на тој чин се наоѓа и чинот за благословување на коливо. Со тоа се напомнува дека јадењето коливо е една од специфичностите на празнувањето на светител за кого е предвидено бдение, а исто така и на самата трпеза. За тоа што е коливо1, се објаснува во самиот наслов на чинот: станува збор за варена пченица која се засладува со мед и украсува со слатки плодови; коливото се принесува во црквата во чест и спомен на „Господовите (т. е. 12те големи) празници и на светиите Божји“, т. е. великите светии. Како што покажува содржината на молитвата над коливо, таа има значење на принесување во спомен на упокоените, т. е. го предвестува воскресението, а од друга страна коливото има за цел, исто како и благословувањето на лебот и виното на вечерната празнична трпеза, да ја објави вистината за насладувањето со вечните блага. Тој чин се извршува или на вечерната после „Сега го отпушташ“, Трисвето и тропарите со Богородичниот, или на Литургијата после Задамвоната молитва.

Чинот на осветување на коливо, кој се наоѓа во Служебникот, ја содржи молитвата над коливо, на која ѝ претходи прославувањето на светителот со неговиот тропар – на вечерната тропарот обично се наоѓа на крајот, т. е. заедно со Богородичниот (воскресен); на Литургијата тој тропар се наоѓа на единственото место во соединување (секако со „Слава… И ниње…“) со кондакот. На молитвата ѝ претходи кадењето кое го извршува ѓаконот. После молитвата службата завршува на вообичаениот начин. Во современата пракса на Руската Црква, коливото за светител се принесува само во чест на Светиот великомаченик Теодор Тирон, во петокот на првата недела од Великиот Пост, така што обичната молитва над коливо во овој случај се претвора во посебен молебен на великомаченикот.

Историјат на чинот

И овој чин потекнува од агапи и ни укажува на многу стара пракса која до нас дошла уште од првите времиња на Црквата. Од споменатите ракописи, овој чин го среќаваме во ракописот на Московската Синодална библиотека бр. 335/391, л. 408. Чинот и денес се чува во јужнословенските цркви, особено кога се прави спомен на храмов светител.

 

1 Интересно е тоа што овој збор не е од грчко потекло, како што многумина мислат. Тоа може да се заклучи од фактот дека св. великомаченик Теодор Тирон му го објаснува значењето на овој збор на епископот на кого му се јавил во сонот.