Основи на православната вера – II дел

Црквата и Светата Евхаристија

Христос останува присутен во Црквата и после Своето Вознесение, а преку Светиот Дух во Евхаристијата, која уште од древноста е сфатена токму како собитие на Христовото присуство на земјата до Неговото Второ доаѓање. Со служењето на Евхаристијата, во Црквата непрестајно и секогаш одново се потврдуваат зборовите кои Господ ги изговори, вознесувајќи се на небото: „И ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот“ (Матеј, 28, 20).

Евхаристијата претставува суштина на вечниот Завет на Бога со луѓето, востановен на Тајната Вечера. Тогаш Господ Христос „зеде леб, го благослови и рече: ’Земете, јадете, ова е Моето тело‘. И како ја зеде чашата, заблагодари, им даде и рече: ’Пијте од неа сите; зашто ова е Мојата крв на Новиот Завет која се пролева за мнозина за опростување на гревовите‘“ (Матеј, 26, 26 – 29).

 

Истоветноста на Црквата и Евхаристијата

За Евхаристијата, како централно собитие во животот на Црквата, и за поистоветувањето на Евхаристијата со Црквата се зборува на многу места во Светото Писмо и во светоотечките дела. Новозаветните списи, а особено Евангелието според Јован и посланијата на апостол Павле, се вдахнати со евхаристиско доживување на заедницата на Бога со човекот и односот на човекот кон светот. Токму едно од местата во кои апостол Павле особено зборува за истоветноста на Црквата и Евхаристијата, е она од првото Послание до Коринтјаните, во кое ги критикува тамошните христијани кои на собранијата не ја јадат Господовата вечера, туку секој јаде од својата вечера: „Собирајќи се така заедно, не значи дека јадете вечера Господова; зашто секој брза да ја изеде својата вечера пред другите, така што еден останува гладен, а друг се опива. Немате ли куќи за да јадете и пиете? Или ја презирате Црквата Божја и ги срамотите оние што не се имотни? Што да ви речам? Да ве пофалам ли за тоа? Не пофалувам!“ (1. Кор. 11, 20 – 22). Собирањето на верните, според апостол Павле е, значи, единствено оправдано ако има евхаристиски карактер, а презирањето на евхаристиското собрание претставува презирање на самата Божја Црква.

Колкаво е значењето на Евхаристијата за животот на Црквата се гледа и по тоа што и покрај прогонствата, првите христијани настојувале по секоја цена да се собираат на евхаристиските собранија. И св. Игнатиј Богоносец на патот кон Рим, каде што маченички пострада за верата, им советуваше на христијаните во Филаделфија да се собираат на Евхаристија: „Настојувајте да учествувате на едната Евхаристија, зашто едно е телото на нашиот Господ Исус Христос и една е чашата на крвта Негова за соединување“. Учењето на св. Игнатиј дека основата на Црквата е во светата Евхаристија, го следеа и сите останати свети отци, кои во своите списи исто така истакнуваа дека таа е централна црковна тајна, место на вистинската преобразба на човекот и светот, во која единствено може да се оствари потполна заедница со Бога.

 

Евхаристија – принесување на светот на Бога

Во Евхаристијата светот го исполнува своето вистинско назначение, преобразувајќи се во неа и станувајќи тело Христово, односно Црква. Светот и е создаден за да Му биде принесен на Бога и тоа принесување во историјата на најсовршен начин се извршува во Литургијата, кога свештеникот ги изговара зборовите: „Твое од Твоите, Тебе Ти принесуваме за сите и за сѐ“. Во Евхаристијата лебот и виното, преку дејството на Светиот Дух, стануваат Тело и Крв Христова и човечкиот род, во Христа како Новиот Адам, успева да го исполни она што не го исполни во првиот Адам, кој требаше да оствари непрестајна заедница помеѓу создадениот свет и несоздадениот Бог.

Принесувањето на светот на Бога може да се оствари единствено во Христа како Син Божји Кој стана Човек, за да постигне најприсно единство со човечката природа. Луѓето, пак, во Евхаристијата се обожуваат и охристовуваат, и стануваат синови Божји по благодат, наоѓајќи го во Христа непресушниот извор на животот, зашто Он е живот (Јован 14, 6) и „Лебот на животот „што доаѓа од небото, и оној кој јаде од него, нема да умре“ (Јован, 6, 50). Навистина, во Евхаристијата „Христос го храни хорот на верните кој е околу Него, зашто единствено во таа Тајна, стануваме тело од Неговото тело и коска од Неговите коски“.

Остварениот однос со Бога во Евхаристијата подразбира непрестајно благодарење на Бога за сѐ што направил за нас. Тому тоа и значи грчкиот глагол ευχαριστώ – благодарам, заблагодарувам, од којшто е изведена именката Евхаристија. Му благодариме на Бога што го создал овој свет, што го привел од небитие во битие и што му дал можност во заедница со Него да го задобие вечното постоење.

 

Литургијата – заедничко дело на епископот и народот Божји

Благодарењето на Бога и принесувањето на светот Нему на дар, се одвива преку сите кои се собрани во името Христово. Поради тоа Евхаристијата се нарекува уште и Литургија, која, како што и самиот грчки збор означува, е λειτὸς ἔργον – јавно, заедничко дело. Приносот на светот на Бога и остварувањето на заедница со Него е условено од заедништвото со ближните: „И така, ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па отиди и најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и принеси го дарот“ (Матеј 5, 23 – 24). Литургијата, значи, е заедничко дело на оние коишто се соединети со една вера во Бога. Поради тоа таа не може да биде работа на поединецот и не може, како кај римокатолиците, да биде отслужена од еден човек, туку е неопходно собирање на верниците, на кои предстои епископот.

Бидејќи Литургијата е собирање на сите на едно место (Дела 2, 1) односно, собирање на верниците од една помесна Црква, не може да се служат повеќе Литургии во еден ден. Сите верни треба да се соберат околу еден епископ, во исто време, зашто Еден е Христос, една е Црквата и една е Евхаристијата.

Собирањето на верниците во Христа е можно заради присуството и дејството на Светиот Дух, Кој од мноштво поединци прави Собор на верните или Црква, со други зборови, ги поврзува верните членови на Црквата во едно Тело на Господа Христа. Светиот Дух има клучна улога во собирањето на верните на Литургија, при образувањето на Црквата, како и во принесувањето на светот на Бога.

 

Предвкус на вечноста во Евхаристијата

Светиот Дух овозможува Црквата во историјата да биде икона, слика на Царството Божјо и токму благодарејќи на Неговото присуство и дејство, можно е веќе овде и сега да се доживее идното вечно постоење на светот. Со други зборови, светот во Евхаристијата добива предвкус на вечноста и Црквата го гледа таков каков што ќе биде во Царството Божјо. За тоа доживување допринесува и целокупната атмосфера на Литургијата, која укажува на светлоста и радоста на идниот век: иконите кои се во злато, светлите одежди на свештеникот, запалените свеќи, свеченото пеење.

Спасението во Црквата е засновано на сеќавањето на иднината, на собитието на Второто и славно Христово доаѓање. Зборовите од молитвата при „анамнезата“ (ανάμνισις) и епиклезата (επίκλισις) завземаат централно место во Евхаристијата. Во молитвата на анамнезата свештенослужителот се сеќава на севкупното Христово спасоносно дело, извршено заради нас (крстот, гробот, тридневното Воскресение, вознесувањето на небесата и седењето од десната страна на Отецот), но се сеќава и на собитието на Второто и славно доаѓање кое треба да се случи.

Меѓутоа, како е можно сеќавањето на нешто кое допрва треба да се случи? Сеќавањето на Второто Христово доаѓање е можно благодарение на благодатното дејство на Светиот Дух, Кој го внесува идното Царство во историјата. Затоа пред зборовите: Благословено е Царството на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, се повикува Светиот Дух во молитвата „Цару Небесен“, за да може Литургијата да започне. Во текот на Литургијата свештенослужителот во повеќе наврати се моли за испраќање на Светиот Дух, а главната молитва на Евхаристијата – епиклезата – Му се упатува на Бога за да Го испрати Светиот Дух на нас и на предложените Дарови, т.е. да ги преобрази, да ги измени елементите од овој свет, лебот и виното, како и оние кои ги принесуваат, во Господа Христа.

 

Познавање на Бога преку Евхаристијата

Со благодатното дејство на Светиот Дух, Господ Исус Христос е присутен во Евхаристијата како Оној Кој свештенодејствува, Кој принесува и Кој се принесува; Кој прима и Кој се раздава, и како Оној Кој останува меѓу верните, пребивајќи во нив. Светиот Дух им ги отвора духовните очи на верните за да Го познаат Христа и да Му се поклонат како на Еден од Света Троица. Сведоштво за познавањето на Бога преку Евхаристијата наоѓаме во Светото Евангелие според Лука. Имено, Христос по Воскресението им се јави на двајцата Свои ученици, Лука и Клеопа, на патот кон Емаус, но тие не Го познаа сѐ до мигот кога Он зеде леб, го благослови и прекрши и им подаде. Тогаш им се отворија очите и тие Го познаа (Лука 24, 31). Од ова евангелско сведоштво може да се заклучи дека никој не може да Го познае Господа Христа со своите умни и физички способности, туку само преку Светиот Дух, зашто никој не може да рече „Исус е Господ, освен преку Светиот Дух“ (1. Кор. 12, 3).

Јавувајќи им се на Своите апостоли после Воскресението, Господ Христос укажа на крајната цел и конечното назначување на животот за сите кои во Него веруваат, а тоа е идното, сеопштото Воскресение. Литургијата, како собитие втемелено на Воскреснатиот Христос, го објавува Неговото, а со тоа и нашето Воскресение.

(Продолжува…)