Основи на православната вера – III дел

Свето Откровение

Во својата вера, Црквата тргнува од собитието на Божјото Откровение. Во тоа собитие, од една страна е присутен Бог, Кој се открива, и од друга страна – човекот, кој прима и верува во Божјото Откровение. Верата и Откровението не се одвоени, туку претставуваат една иста реалност во која се вклучени Бог и човекот.

Постојат религии во кои не се зборува за Откровение (на пр. будизмот), но и такви во кои се зборува за откровенија. Меѓутоа, таквите „откровенија“ се само претпоставки за Бога и тие остануваат во границите на природното човечко сознание. Едно е да се претпоставува за Бога, а друго е да Го познаеш таков каков што е.

Несовршенството на религиите пред Христа, а особено на оние кои се појавиле после Него, се гледа во тоа што тие во својата потрага по Бога поаѓаат од човекот и се ослонуваат само на неговите сили. Во тие усилби иницијативата е секогаш само од страна на човекот и тој е единственото мерило за сѐ, па дури и за Бога. Затоа со право може да се каже дека во сите религии човекот е создател на боговите.

 

Откривање на Бога како Личност

Во Христијанството, коешто го означи крајот и бесмислата на сите религии, Бог јаима иницијативата и Он се открива во Личноста на Својот Единороден Син, Господ Исус Христос. Како несоздаден Бог, Он е над сѐ создадено, и Он од човекот и светот, според учењето на св. Јован Дамаскин, „е одвоен не во просторот, туку со Својата природа“. Човекот, според христијанското сфаќање, со своите разумни способности, никогаш сам не би можел да достигне знаење за Бога и доколку Бог не се откриеше, помеѓу Него и целокупното создание би останал непремостлив амбис.

Бог во Црквата, во Стариот и Новиот Завет, секогаш се открива како Личност. Он му се јавил на Мојсеј на Синајската Гора како Јахве (2. Мој. 3, 14), како Оној Којшто е. Он, значи, не откри нешто за Себеси, туку се откри Себеси. Името Јахве ( Ών, Сый, или Суштина) е име на Бога, Кој е Личност, а не некоја безлична виша сила. Тоа име означува уште и дека во Него е изворот на секакво постоење и живот. Единствено Бог постои од вечноста и Он целокупното Создание го приведе од небитие во битие. Само Он има вистинско постоење, а светот, бидејќи е создаден, своето постоење Му го должи Нему.

 

Откровението – повик во заедница

Вечниот и несоздаден Бог му се открива на човекот како создадено битие кое го повикува во заедница. Притоа, не се открива само како Господар и Седржител, туку и како Отец на Своите избраници: на Ное, Авраам, Исак, Јаков, Мојсеј, а преку нив и на сиот избран народ. Он им се јавувал на Своите избраници во клучните за нив историски собитија, откривајќи им ја Својата волја и промисла за светот: на Ное му укажал на потопот, со Авраам го востановил заветот, преку Мојсеј го избавил Израилот од Египет, итн. Божјото Откровение е историја на заветот помеѓу Бога и човекот, што значи дека тоа е неодвоиво од историјата; и обратно – дека историјата е неодвоива од Откровението. Самата историја станува света историја на Божјото дејствување, зашто во неа Бог се јавува и дејствува.

Во Новиот Завет, полнотата на Откровението е остварена преку Единородниот Син, Кој уште од вечноста е во прегратките на Отецот и Кој Го објавува Отецот (Јован, 1, 18). Тоа го потврдуваат Христовите зборови: „Кој Ме видел Мене, Го видел и Отецот“ (Јован, 14, 9). Господ Исус Христос ја открива целосната вистина за Бога, зашто Он е „образ на невидливиот Бог“ (Кол. 1, 15). Иако само Синот доаѓа во светот, Он не е Сам во Откровението. Бог се јавува како Света Троица, а Божјото Откровение се случува од Отецот, преку Синот, во Светиот Дух, за коешто наоѓаме потврда во најголемите собитија од Христовиот живот: при Неговото Крштение на реката Јордан, како и на Таворската гора во мигот на Преображението. Во двете собитија присутни се и Светиот Дух и Отецот, Кој се јави во зборовите: „Овој е Мојот Син Кој е по Мојата волја“ (Матеј, 3, 17; 17, 5).

Црквата верува дека единственото Откровение Божјо на луѓето е она кое е дадено во Христа и дека друго божествено Откровение не постои. Вистината за Бога и вистината за човекот, ја објавува Единородниот Син Божји, Кој стана вистински човек, останувајќи и вистински Бог. Потполната заедница со човекот Бог ја оствари во Христа, Кој божествената и човечка природа ги соедини во една Личност. Затоа Откровението во Христа Го покажува не само совршениот Бог, туку и совршениот човек.

 

Црквата – сведок и чувар на Откровението

И додека во Стариот Завет Бог им се јавувал само на Своите избраници; на патријарсите, пророците и царевите, во Новиот Завет сите членови на Црквата го примаат Неговото Откровение. Во Новиот Завет, на Педесетница, се исполнува пророштвото на Јоил: „Ќе излеам од Мојот Дух на секое тело“ (Дела, 2, 17). Меѓутоа, Откровението никогаш не е упатено кон некого што е надвор од Црквата, кон оној што со гордост се одвоил од божествената Вистина, туку според зборовите на св. Исак Сирин: „тајните им се откриваат на смиреноумните“, т. е. на оние што се во Црквата. Тоа значи дека за Откровението не може да зборуваме надвор Црквата, зашто таа е негов сведок и чувар.

Откровението, како средба на Бога и човекот во Црквата, е дар на Божјата љубов во Духот Свет и потврда на целосната Божја и човечка слобода. Бог слободно и од љубов влегува во заедница со човекот, а човекот во зависност од Бога. Тоа е најдостоинствена зависност, зашто зависноста е во љубовта во која човекот го пројавува своето најдлабоко назначение: дека е создаден за заедница и за љубов со Бога и ближните. Преку другиот и во средба со другиот, тој вистински се пронаоѓа себеси и од своето лично искуство со Бога осознава дека единствено заедницата со Него му дава можност потполно да се оствари како личност.

 

Евхаристијата – врв на Божјото Откровение

Божјото Откровение не е завршено во историјата, туку и денес се случува во Црквата и нејзините Свети Тајни, а пред сѐ во Светата Евхаристија. Вистината на Откровението најдлабоко се доживува токму во Црквата како Тело Христово и најпотполно се објавува во Причестувањето. Оној кој достојно учествува во Светата Литургија Го гледа Бога сѐ појасно, зашто тој сѐ поизобилно Го поседува дарот на Духот, и колку повеќе напредува, толку и појасно ја гледа светлоста на божествената Вистина. Ваквиот пристап кон Откровението ни ги дава следниве заклучоци:

а) Евхаристијата како заедница со Бога засекогаш останува највозвишениот и најсовршен вид на Откровението Божјо (1. Јован, 1, 1).

б) Гледањето на Бога (преку светите икони или преку подвижничкото искуство), е видение на несоздадената светлина, откривање на Бога во Христа, а не надвор и независно од Него. Јавувањето на Бога – Теофанијата, е всушност јавување на Христа – Христофанија.

Литургијата како врв на Божјото Откровение во овој век, е икона на идното Небесно Царство, во кое до крај ќе се оствари заедништвото на Бога и човекот, Божјиот план за човекот и светот. Конечното Откровение на Бога за луѓето ќе се случи при Неговото Второ доаѓање, кога ќе Го видиме Бога лице в лице (1. Кор. 13, 12). Откровението, значи, како и верата, е врзано за иднината. Бог во Своја власт го држи конечното јавување, до слегувањето на Небесниот Ерусалим на земјата, кога ќе се соединат небото и земјата, а Господ Христос ќе биде Оној Кој „исполнува сѐ во сѐ“ (Ефес. 1, 23).

(Продолжува…)