Историјат на празникот Вознесение Христово

Вознесението Господово, како една од тајните на Домостројот Божји за спасение на човекот, го надминува сетилниот опит и не се ограничува само на собитието на Христовото издигнување на небото. Не случајно св. Григориј Ниски овој празник го нарекува „ἡ ἐπισωζομένη“ – „Спасовден“, зашто токму во овој ден се доврши делото на нашето спасение и искупување, дело во кое човечката природа стекна целосно учество во божествениот живот и вечното блаженство. Овој ден во 5 канон на Никејскиот Собор се нарекува и „четириесети ден“, а во богослужбените книги на грчкиот јазик „ἀνάληψις “.

Во вероисповедните формулари од I и II век за Вознесението се зборува како за едно основно собитие од земното служење на Христа. Така, во повеќето древни символи на верата, на пример во Никео-Цариградскиот, спомнувањето на овој настан доаѓа веднаш по Воскресението: „И се вознесе на небесата и седна оддесно на Отецот“. Вознесението исто така е внесено и во некои древни евхаристиски молитви (анафората).

Во почетокот празникот Вознесение Христово се славел во периодот на Педесетницата кој соединувал повеќе собитија. Имено, Педесетницата се сфаќала како особен период од црковната година кој брои 7 недели и доаѓа после Пасха, а не како одделен празничен ден. Малку подоцна, во некои записи настанот на Вознесението се прославувал на денот на Слегувањето на Светиот Дух, односно 50 дена после Пасха, на самата Педесетница, иако како што сведочи Светото Писмо се случил во четириесеттиот ден после Пасха. За овој факт зборуваат и древните записи од поклониците на Светата Земја. Еден запис од Евсевиј вели дека во негово време Вознесението се славело 7 недели после Пасха, значи на Педесетница. Еден друг запис, пак, на Етерија вели дека вечерта на педесеттиот ден после Пасха, на денот на Слегувањето на Светиот Дух, сите христијани се собирале на Елеонската гора, на местото наречено „Имвомон“ од каде што Господ се вознел на небесата и извршувале служба со читање на Евангелието и Делата апостолски кои зборуваат за Вознесението Господово. Ова сведочи дека во нејзино време сѐ уште не постоело одвојување на празниците. На друго место Етерија вели дека во Витлеем на четириесетиот ден после Пасха се извршувала торжествена празнична богослужба. Меѓутоа, ова последново зборува за еден друг податок: имено, дека токму во 383 год., четириесеттиот ден после Пасха се паднал на 18 мај, кога ерусалимците го славеле споменот на Витлеемските младенци. На христијанскиот Запад, пак, во проповедите на епископот Хроматиј Аквилејски, среде Големите Господови празници се вбројува и денот на Вознесението, во кој Господ „се вознесе на небесата околу Педесетницата“. Сето ова покажува дека во тоа време празниците Вознесение и Педесетница биле неразделни – и според собитијата и литургиски.

Одделувањето на празниците Вознесение и Педесетница (Света Троица, или Слегување на Светиот Дух) се случило после осудувањето на ереста на Македониј на II Вселенски Собор, кој се одржал во 381 година. Имено, како резултат на победата на правомислието, било особено важно во Домостројот на спасението да се истакне и благодатната улога на Светиот Дух. Така периодот помеѓу празниците Вознесение и Педесетница станал подготовка за слегување и примање на Светиот Дух.

Индивидуалното празнување на четириесеттиот ден после Пасха, односно на Вознесението, се спомнува во проповедите на св. Јован Златоуст и св. Григориј Ниски, како и кај Блажени Августин. Беседи за овој празник напишале и светите отци: Методиј Олимпијски, Атанасиј Александриски, Епифаниј Кипарски, Прокло Константинополски, Кирил Александриски, Софрониј Ерусалимски, Јован Дамаскин, Григориј Палама и др.

Местото од каде што Господ се вознел на небесата уште веднаш станало место на длабоко почитување. Таму, на Елеонската Гора, царицата Елена изградила велелепен храм, кој за жал бил разурнат од Сарацените. Денес само една мала црквичка го означува местото кое уште од древноста се означувало како место на Вознесението Христово, и каде и сега се гледаат траги од стапките на Спасителот при Неговото Вознесение.

Во црковните песни на овој празник, од една страна се воочуваат радосните восклици на апостолите, а од друга страна нивните тажни размислувања дека останале без нивниот Господ како сираци на земјата. Каноните на Вознесението ги напишале Јован Монах и Јосиф Химнограф. Празникот Вознесение секогаш се паѓа во четврток и се слави 10 дена, односно заедно со 1 ден претпразненство и 8 дена попразненство.