Основи на православната вера – XIV дел

Житија на Светиите

Подвижништво

Меѓу христијаните засветлија и великите подвижници, кои останаа запаметени по големите добродетели и подвиг: постот, доброволното умртвување на страстите, молитвеното тихување итн. Постојат разни дарови на подвижништвото со кои Светиите засветлија на небото на Црквата. Преподобни се оние кои со својот подвиг во монашкиот живот достигнале висок степен на уподобување, т. е. сличност со Бога. Праведниците, без оглед на неприликите што ги снаоѓале, ја сведочеле вистината и правдата Божја. Јуродиви Христа ради се оние кои достигнале извонреден степен на смирение, земајќи го на себе тешкиот крст да бидат сметани за луди пред светот, за да можат од него да ја сокријат величината на својот подвиг. Потврда на овој вид подвижништво се зборовите на апостол Павле: Ние безумни Христа ради (1.Кор. 4,10).

 

Светост и смирение

Посебно место меѓу Светиите заземаат мистичарите кои достигнале искуство на непосредна средба со Бога – боговидение. Гледањето на Бога според Св. Симеон Велики, претставник на мистичното искуство на Црквата, не е некаков триумф на супер-верникот кој Го поседува Бога во својата природа и духовно доминира над тварта. Мистичарите, или боговидците, поаѓаат од едно сосема поинакво духовно искуство, бидејќи нивниот однос со Бога и светот, претпоставува кенозис (самоунижување) како начин на постоење и пат за подражавање на Христа и Неговиот однос кон тварта. Самоунижувањето и смирението се начините на кои Христос станал човек, но и обрасци со кои се одржува во единство Неговото тело – Црквата. Единствено со доброволно понижување човекот може да стане бог по благодат и да оствари единство со сите Светии.

 

Светост и Литургиски живот

Издигнувањето на секој подвижник кон Бога е реално, бидејќи се случува со благодатта на Светиот Дух. Тоа не е индивидуален акт, бидејќи Светителот заедно со себе ги издигнува сите видови на созданија, за она што е според иконата да биде овистинето, т.е. исполнето. Гледањето на Бога и заедништвото со Него, претпоставува не само учество ан умот (духот), туку и на душата и телото. Така Светиите не се само созерцатели, туку и заедничари на Божеството по благодат.

Во благодатно евхаристиски контекст, Св. Симеон го објаснил и значењето на изразот „неискажливи зборови“ со коишто апостол Павле го опишал доживувањето на Царството Божјо: Она неискажливото за нас се ова Тело Христово и оваа Крв на нашиот Господ Исус Христос, што секој ден ги јадеме и пиеме. И уште додава: Надвор од нив не можете да пронајдете ништо, дури и да го поминете целиот космос.

 

Житијата – сведоштва на совршената вера

Сите искуства на Светиите во Црквата станале со благодатното дејство на Светиот Дух, кое е непрестајно присутен во нивните животи. Он ги ослободува подвижниците од сите слабости и немоќи, за тие да можат да го понесат подвигот и да ги претрпат страдањата. Светиот Дух ги вдахновува вистинските поклоници на Божјата љубов, откривајќи има ја сета возвишеност на животот на идниот век. Така мачениците се непобедливи во своите страдања и можат да ј го поднесат неподносливото мачење на телото, зашто со Духот Свети се ослободени од страдање, болка, и сè она што како слаби телесни битија не би можеле да го поднесат. Со други зборови, тие веќе во страдањето стануваат сведоци на преобразената и прославена твар, и на новиот нетрулежен живот. Затоа, житијата на Светиите не се, како што мислат маловерните, популарни четива украсени со фантазија, туку вистински сведоштва на совршената вера.

Животите и подвизите на Светиите Божји се образец за животот на сите Христијани. И апостол Павле во посланието до Евреите (13,7), ги потсетува Христијаните да си спомнуваат за своите наставници кои верата во Христа ја посведочиле со животот  маченичката смрт.

Поради својата особена важност во поттикнувањето на верата, житијата на Светиите имаат посебно место во богослужбениот циклус на Црквата. И додека, како што спомнавме, во раната Црква биле читани веднаш после Светото Писмо, денес нивното место е на Утрената, после шестата песна на Канонот, зад кондакот и икосот посветени на Светијата.

Писателите на житијата на Светиите се многубројни, а најпознати се: Св. Симеон Метафраст кај Грците, Св. Димитриј Ростовски кај Русите и Св. Сава кај Србите. Покрај него житија пишувале и Св. Стефан Првовенчани, хиландарските монаси Дометиј и Теодосиј, Архиепископот Даниил и други. Во наше време житијата ги составил отец Јустин Попович, а владиката Николај Велимировиќ оставил скратен и вдахновен опис на животот на Светиите во книгата Охридски Пролог.

(Продолжува…)