Црковна уметност
Меѓу многуте видови на сведочења на вистината Божја во Црквата, посебно место ѝ припаѓа на уметноста. Најдлабоката вистина за Бога, човекот и светот, доживеана преку евхаристиското и подвижничко искуство, Црквата го искажува и преку духовно најчувствителните творци, боговдахновените уметници. Тие искуството на животот во верата го преточиле во живо слово, па така се создале химните и богослужбените песни, или во ноти, па така настанале мелодиите, или во бои, па така ги добивме фреските и иконите, или, пак, во градби, па настанале велелепните црковни храмови.
Црковна архитектура
Во Црквата се користат различни средства, за да би можела да се изрази верата во неискажливата тајна на Божјото присуство во овој свет и во идното Царство. Во архитектурата тоа се постигнува со користење на просторот и светлината. Црквата, и како градба ја објавува тајната и символиката на Божјото доаѓање. Таа символика се забележува дури и во нејзината местоположба. Православната Црква е секогаш свртена кон Исток, а тоа значи кон Второто доаѓање Христово, бидејќи Господ Христос ќе дојде од Истокот. Иста смисла има и организацијата на просторот во внатрешноста на црквата. Олтарот го претставува небото, односно Царството Божјо, средишниот дел ја претставува земјата, а црквата во целина е Небо на земјата. И како што Христос во Царството Божјо седи на престол, опкружен со Апостоли кои седат на сопрестоли, така и во црквата постои трон на кој седи епископот, опкружен со свештениците, изобразувајќи го на тој начин Второто Господово доаѓање.
Иконографија
Внатрешноста на црквата е исполнета со фрески и икони, кои имаат за намена да ги приближат до присутните настаните од животот Христов и Неговите Светии, и вистината за идното Царство Божјо. Централни претстави во црквата се: Воскресението Христово и Причестувањето на Апостолите, кои се живописуваат во олтарот, со намера да укажат на крајната цел на Христовото Овоплотување. На фреските и иконите не се прикажани некакви произволно замислени икони, ниту се тие реални пресликувања од секојдневниот живот, туку се преобразени ликови на кои се гледа дека веќе се прославени од Бога. Раководени од Божјата благодат, иконописците ги сликаат Светителите и настаните од животот на Црквата верно на Преданието.
Иконата се карактеризира со едноставноста на евангелскиот јазик, со кој се опишани настаните во Светото Писмо. За еден сликар да може кај поклониците да разбуди чувство на почит и смирение кон светителските ликови, не е доволен само неговиот уметнички талент. Неопходно е и тој самиот да биде пронижан со благодат и со најдлабоки чувства на побожност, кои му овозможуваат ликовите на Светиите да ги види преобразени, онакви какви што се и какви што ќе бидат во Царството Божјо.